1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија пред избори: Лашет и ЦДУ ги претркаа Зелените

11 јуни 2021

Промена во расположението кај избирачите во Германија – на почетокот на мај во анкетите водеа Зелените и нивната кандидатка Аналена Бербок. Има повеќе причини за нивното ослабување.

Deutschland CDU-Chef Armin Laschet in Düsseldorf
Фотографија: Marcel Kusch/REUTERS

Пред пет недели работите изгледаа поинаку: да беа тогаш одржани парламентарни избори, победници би биле Зелените, а не Демохристијаните од Унијата ЦДУ/ЦСУ. Зелените тогаш првпат водеа во анкетата Дојчландтренд, која за јавниот сервис АРД ја спроведува Институтот за испитување на јавното мислење Инфратест-димап. Со плус од четири проценти, Зелените тогаш зајакнаа точно толку колку што ослабеа Демохристијаните. Но, од тој одличен резултат на Зелените ништо не остана, во јуни тие се послаби за шест проценти, додека Унијата се зајакна за пет проценти. 

Математички гледано, Зелените и Демохристијаните и натаму би имале мнозинство потребно за формирање влада, по 16 години ера на канцеларката Ангела Меркел, со тоа што, како што сега стојат работите, нејзин наследник би бил Армин Лашет. Конкурентката Аналена Бербок и нејзината партија, во коалицијата би морале да се задоволат со улога на помал партнер.

Главна причина за промената на расположението би можеле да бидат непрецизните податоци во биографијата на Бербок, објавена на интернет, како и тоа што на Бундестаг доцна му достави податоци за приходите кои ги има како шефица на Зелените. Непрецизните податоци во биографијата се однесуваат и на нејзино членство во меѓународни организации, како Високиот комесаријат на ОН за бегалци, УНЦХР. Тоа беше грешка, призна 40-годишната политичарка, зборувајќи за тие пропусти. Во секој случај, тие ѝ наштетија на нејзината веродостојност. 

Унијата профитира од успешната борба против пандемијата

Кога Германците директно би избирале наследник на Ангела Меркел, кандидатката за канцелар на Зелените, Аналена Бербок, која во мај оствари најдобар резултат во анкетите, моментно не би имала шанси, таа би освоила 16% гласови, додека Армин Лашет би бил пред неа со 29% и кандидатот на СПД, Олаф Шолц со 26%.

Аналена Бербок - нагризана доверба во канцеларската кандидатка на ЗеленитеФотографија: Markus Schreiber/AFP/Getty Images

Падот на поддршката кон Аналена Бербок и на нејзината партија можеше да се види и минатата недела на покраинските избори во Саксонија-Анхалт. Демохристијаните славеа, додека Зелените остварија многу послаб резултат од очекуваниот.

Но, очигледно дека за јакнењето на Унијата ЦДУ/ЦСУ не придонесоа само пропустите на Зелените, туку и значително подобрената епидемиолошка ситуација. Актуелното испитување на јавното мислење на АРД-Дојчландтренд покажува дека јасно мнозинство од 61 % од граѓаните смета дека владините мерки за сузбивање на пандемијата на коронавирус се правилни. Минатиот месец такво мислење имаа 41% од граѓаните. Тоа се објаснува со падот на бројот на заразени и попуштањето на рестриктивните мерки. 

Позитивно влијание за имиџот на владата има и напредокот во кампањата за вакцинација. Седум од десет испитаници сметаат дека досегашните правила во однос на вакцинацијата беа праведни. Меѓутоа, одлуката за укинување на приоризацијата од 7 јуни кај граѓаните и натаму е спорна.

За мнозинството испитаници еден од најголемите политички проблеми е заштитата на климата и животната средина. Мислењата меѓутоа се поделени кога станува збор за мерките кои треба да се преземат. Апсолутно мнозинство смета дека треба да се зголемува цената на авионските билети и да се ограничи брзината на автопатиштата на 130 километри на час. Но, во однос на зголемувањето на цената на бензинот за 16 центи до 2023 година, како што предлагаат Зелените, 75% испитаници велат дека тоа не е добро.

Едно од прашања во анкетата беше и тоа каде граѓаните ќе го поминат летниот распуст. Речиси 40% планираат одморот да го поминат во Германија или да не патуваат никаде. Речиси една четвртина од Германците планира на одмор да отпатува во некоја европска земја, а шест проценти планираат пат вон Европа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми