Во Германија годинава беа запленети рекордни количества на кокаин. Но не само кокаинот, туку и другите наркотици и нивната злоупотреба создаваат проблеми во земјата.
Реклама
Замотан во картон и во пластика, сокриен во над 200 темни спортски торби. Припадниците на германската гранична полиција во јули годинава во Хамбург пронајдоа сокриени 4,5 тони кокаин на тој начин. Во товарен брод на пат кон Антверпен кој превезува соја. И тоа не е едниствено пронаоѓање на дрога годинава. Полицијата годинава досега вкупно заплени над 10 тони кокаин, шестпати повеќе од пред 5 години.
„Кокаинот во Германија навистина претставува проблем. Зад него стои многу добро организиран криминал. Европскиот пазар сега е наводно преплавен. Тоа многу ме загрижува“, изјави претставничката на германската влада задолжена за наркотици, Даниела Лудвиг (ЦСУ), на годинешниот состанок кој за тема ги има трговијата и конзумирањето на дрога во Германија. Оваа еднодневна конференција се одржа во Берлин под слоганот „Зависност во фокусот - ангажирање на локалните заедници на лице место!“
Тутун, алкохол, канабис
Според податоците на сојузната влада во Берлин, во Германија има над 8 милиони зависници. Тоа значи дека секој десети жител во земјата конзумира најмалку една легална или илегална дрога. Четири милиони луѓе се зависни од никотин, 1,6 милиони од алкохол, 300.000 од канабис, а, според проценките, околу 166.000 луѓе конзумираат опијати како што се хероин или кокаин. За речиси половината од нив конзумирањето дрога е толку голем проблем што застрануваат од својот животен пат, губат работа или дури завршуваат на улица. Тоа се главно алкохоличари кои сочинуваат две третини од сите пациенти на рехабилитација.
„Секогаш се пие, без разлика дали се оди на излет со колегите од работа, на свадби или на погреби“, вели Елке Шулце. Таа, исто така, учествуваше на конференцијата во Берлин, а доаѓа од Елцен во Долна Саксонија каде што работи како социјален работник и во своето опкружување е контакт-лице надлежно за прашањата за зависност. Шилце вели дека во нејзиното гратче главен проблем пред се' е алкохолот, а не тешките дроги. „Дури ние тука не се занимаваме само со навистина тешки случаи, туку и со оние кои со опивањето ги ставаат на коцка своето здравје, но мислат оти воопшто немаат проблем.“Спроред наводите на сојузната влада, со тоа се погодени 9 до 10 милиони Германци. Конзумирањето алкохол во последните години во Германија полека се намалува, но Германците сепак, во споредба со светот, се' уште пијат повеќе од просекот.
Разлики меѓу град и село
Во руралните средини луѓето посегнуваат по алкохол, во градовите конзумираат тешки дроги, како кокаин. Едно истражување засновано на анализа на отпадните води во големите европски градови го потврдува проблемот на конзумирање тешки дроги, пред се' во Берлин, Минхен, Хамбург и во Дортмунд. Марио П. кој работи во еден центар за болести од зависности во Хамбург, поради тоа се залага за легализација на дрогата. „Одамна ја загубивме борбата против дрогата“, вели тој. Со легална продажба, смета тој, барем ќе бидат проверувани состојките, но и ќе бидат укинати илегалните структури кои се занимаваат со продажба на дрога.
Помош преку легализација?
Во Бундестагот, меѓутоа, сѐ уште нема согласност кога станува збор за легализација на дрога. Сепак, Зелените и Левицата официјално се приклучија на кампањата „Легализирај“ чија цел е легализирање на продажба на канабис на лица над 18 години. И министерот за здравство, Јенс Шпан, во својот говор на конференцијата во Берлин се заложи за дискусија без идеолошки ограничувања.
Претставничката на владата Даниела Лудвиг, меѓутоа, смета дека легализирањето би бил погрешен сигнал за населенито. „Особено меѓу младите веќе сега проблемот со канабис е многу потценет, а конзумирањето на оваа дрога може да доведе до тешки психози“, нагласува Лудвиг. Таа смета дека превенцијата би бил добар метод опасноста од дрогата да се сфати посериозно.
Дрога од германска „кујна“
Многу од она што денес се призведува во илегални лаборатории на дрога всушност е откритие на германски хемичари. Некои од наркотиците потекнуваат уште од времето на Хитлер.
Напад на германските - зависници
Уште при нападите врз Полска во 1939. и врз Франција во 1940. год. Хитлеровите генерали им испраќале дрога на војниците во борба. Во нападот врз Франција на борците им биле поделени 35 милиони таблети Первитин - синтетичка дрога метамфетамин, нарекувани и „чоколадо за тенкисти“ или „таблетите од Геринг“. Сепак, треба да се каже дека и сојузниците на своите војници им испраќале слични таблети.
Фотографија: picture-alliance/dpa-Bildarchiv
Буден, без чувство на страв и глад
Волшебното средство на германскиот Вермахт во почетокот го открил еден Јапонец, во течна состојба. Хемичарите на берлинската фабрика Темлер натамошно го развиле и го патентирале во 1937. година. Една година подоцна, можело да се купи како средство против умор, глад, страв, под друго име: кристал - мет.
И лично - најголем потрошувач?
Историчарите уште спорат дали и Адолф Хитлер бил зависник од Первитин. Во личните документи за пациентот, водени од Хитлеровиот лекар Морел, многу често е запишан знакот „Х“. Што значи таа забелешка, не е јасно до денес. Сепак, недвојбено се знае дека Хитлер добивал многу силни лекови кои денес би завлегувале далеку во сферата на наркотички средства.
Истражувачкиот дух на германските научници е забележан многу порано: „Веќе нема кашлање благодарение на - хероинот!“ Тоа е рекламна порака на концернот Бајер за неговиот нов производ, кој одлично се продавал. Медикаментот хероин, навистина чист хероин, се препорачувал и за астма, шизофренија и срцеви болести. Дури и за деца! Сепак, со предупредување од несакано дејство - затвор (опстипација)!
Креативни хемичари
Феликс Хофман го слават првенствено поради откритието на аспиринот. Неговото второ откритие - хероинот - му успеало попатно, додека експериментирал со оцетна киселина. За разлика од аспиринот, хемичарот киселината ја поврзувал со морфин, исушен афион. Неговиот производ во Германија всушност е забранет дури во 1971. година. До 1957. година можел да се купи во секоја подобро снабдена аптека.
Кокаин за офталмолози
Концернот Мерк од Дармштата од 1862. година наголемо произведувал кокаин и го продавал како локален анестетик за очните лекари. Тоj е резултат на експериментите на Алберт Ниман со листови на кока од Јужна Америка. Хемичарот издвоил посебен алкалоид кого го нарекол кокаин. Ниман умрел набрзо по своето откритие - додуша, од болест на белите дробови.
Фотографија: Merck Corporate History
„Еуфоричен и полн елан“
И лекарот - невролог Зигмунд Фројд лично, во име на науката, испробувал кокаин. Во своте „Белешки за кокаинот“ Фројд овој препарат го опишува како „безопасен“. „Се чувствувате“, пишува тој, „еуфорично, полни сте со животна сила и со работен елан“. Неговото одушевување попуштило откако од дрога умрел негов пријател. Средството во негово време се препишувало и против главоболки и стомачни болки.
Фотографија: Hans Casparius/Hulton Archive/Getty Images
Екстази од времето на валцерите на Штраус
Американскиот хемичар Александер Шулгин се смета за пронаоѓач на „дрогата за забави“ - екстази. Но, тоа е нешто што очигледно уште во 1912. година го откриле во германската фабрика Мерк. Тие тогаш поднесле барање за патентирање за безбојното масло наречено 3,4 -метилендиокси - Н -метиамфетамин или накратко, МДМА. Ова откритие германската фабрика го прогласила за „комерцијално неисплатливо“.
Фотографија: picture-alliance/epa/Barbara Walton
Злосторства
Откритијата на германските хемичари, секако без зла намера, денес не се нешто вредно за гордеење. Според студијата на ОН, само во текот на 2013. година во светот умреле околу 190.000 луѓе поради консумирање илегални наркотици. Слаба утеха е што дрогите не се на прво место- од алкохол таа година умреле дури 3,3 милиони луѓе.