1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проститутките се плашат од новиот закон

Астрид Пранге
4 јули 2017

Повеќе контроли и повисоки казни: со новиот закон за проституција, Берлин сака да се бори против експлоатацијата и трговијата со луѓе. Но, овој закон кој стапи во сила на 1 јули, предизвика многу реакции

Deutschland Prostitutionsgesetz Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Macdougall

Заработувањето пари преку проституција во Германија во иднина ќе биде покомпликувано. Како проститутките, така и јавните куќи, треба да бидат поостро контролирани. Тоа го предвидува новиот „Закон за регулирање на проституцијата како самостојна дејност и закон за заштита на лицата кои се занимаваат со проституција“, кој стапи во сила на 1 јули.
„Тука е потешко да се отвори киоск за продажба на помфрит, одошто јавна куќа“, објасни поранешната германска министерка за семејство Мануела Швезих, кога пред една година го претстави нацртот на овој закон во германскиот Бундестаг. Многу проститутки во Германија работат во нехумани услови, а во суштина, никој не ги контролира тие услови.

Страв од обврзувачко пријавување

Според новиот закон, проститутките се должни во иднина да бидат пријавени и да добијат советување во здравствени институции. Јавните куќи ќе добиваат дозвола само доколку ги исполнуваат минималните хигиенски, просторни и здравствени стандарди. Забранети се бордели со „флетрејт“ како и оргии на кои една жена мора да им пружа сексуални услуги на повеќе мажи истовремено. Забранет е и сексуален однос без презервативи. Корисниците на услуги во иднина можат да бидат казнети доколку свесно примат услуга од проститутка која е принудена на тоа.
Но, најголем е стравот од обврзувачкото пријавување. „Тука се шири паника“, вели Силвија Ворхауер од дортмундската „Полноќна мисија“- организација која советува лица кои сакаат да ја напуштат проституцијата. Многу жени се плашат од оваа промена. Нивниот аргумент е: „Не можам да се пријавам и да се шетам наоколу со таква картичка. Тогаш ќе морам да престанам“.

Протест на сексуални работнички во БерлинФотографија: picture alliance/dpa/M. Gambarini

Назад во илегала?

Пријавувањето, според Ворхауер, е целосно непотребно. „Зошто проститутките да не можат да се пријавуваат во одделот за финансии? Пријавата во одделот за безбедност води кон стигматизација и криминализација на жената“, вели таа. Тоа може да биде опасно затоа што проституцијата на тој начин се турка во илегала.
И повеќе други организации како германското сојузно Здружение за сексуални услуги, „Соволди и сестри“ и „Хидра“, сметаат дека законот е многу лош. Според нив, пријавувањето на проститутките е „опасно за правото на заштита на личните податоци“, и најавуваат жалба против законот.
„Проституцијата не е услуга, тоа е насилство“, објаснува Леа Акерман од здружението „Соволди и сестри“. „Предложените законски прописи како што се обврската за пријавување, обврската за користење презервативи и даноците за сопствениците на јавните куќи, само ќе создадат бирократско чудовиште“, вели таа.

Полициска рација во бордел во ХамбургФотографија: picture-alliance/dpa/T. Johanning

Флексибилна индустрија

На кои жени во овие кругови воопшто им е потребна заштита? И какви мерки ќе помогнат? Ни по изгласувањето на законот, нема никаков консензус во врска со овие прашања. Само едно е јасно: еманципацијата на „сексуалните работнички“ изостана. Кога во 2002 година стапи во сила револуционерниот „Закон за регулација на правните односи на лица кои се занимаваат со проституција“, на тоа се гледаше како на пресвртница во борбата за правата на проститутките. Неморалноста беше укината, проститутките можеа да се вработат, да бараат хонорар и да плаќаат придонес за пензија.
Сепак, проститутките не ги искористија своите права. Само еден процент од „сексуалните работнички“ потпишаа договор за вработување. Истражувањата покажаа дека големо мнозинство жени не ја наведуваат проститутцијата како своја професија при здравственото и пензиското осигурување.
Со новиот закон, Берлин сака да ги исправи погрешните перцепции кои се создадоа со одлуката од 2002 година. Дали ќе успее во тоа? Проституцијата, како пазар вреден милијарди евра, и кој во Германија има меѓу 200 и 500 илјади корисници, е познат како многу флексибилен.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми