1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Германија протера руски дипломати поради убиство во Берлин

ЖА / агенции
4 декември 2019

Германското Сојузно обвинителство располага со доволно индиции дека убиството на еден Грузиец во Берлин е извршено по нарачка на Русија или Чеченија. Двајца руски дипломати се протерани од Германија.

Berlin Moabit | Mann erschossen - Polizei sucht am Tatort nach Hinweisen
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Soeder

Речиси три месеци по убиството на еден Грузиец среде ден во Берлин, Германија прогласи за непожелни личности двајца руски дипломати од амбасадата во Берлин, а одлуката стапува веднаш во сила, како што соопшти денеска германското Министерство за надворешни работи. Германската влада на овој начин повлекува консеквенци поради  можната вмешаност на руската тајна служба во убиството.

Со протерувањето на двајцата руски дипломати, Германија, како што истакнува Министерството за надворешни работи, реагира на фактот што руските служби, без оглед на повеќекратните повици, не сакаат во доволен опсег да соработуваат во разјаснувањето на случајот. Притоа, постојат индиции дека „убиството е нарачано од државни структури на Руската Федерација или соодветни на автономната Чеченска Република, која е дел од Руската Федерација“, се вели во образложението од Берлин.

Двајца дипломати од руската амбасада во Берлин мора да ја напуштат ГерманијаФотографија: Getty Images/S. Gallup

Постоењето сомнение дека налог за убиството дале државни структури од Русија или од Чеченија, е причината поради која истрагата за случајот денеска ја презеде германското Сојузно обвинителство со седиште во Карлсруе. Сојузното обвинителство има надлежност за преземење на одреден случај само при постоење конкретен сомнеж за вмешаност на тајна служба на странска држава во некое кривично дело. Тогаш постапката ја презема Одделот за шпионажа, зашто „делувањето на агенти на тајни служби“ може да предизвика загрозување на надворешната безбедност на Германија.

Убиство од зад грб

На 23. август ,40-годишниот Чеченец Зелимкан Кангошвили  со грузиско државјанство беше застрелан од зад грб во парк во Берлин. Убиецот среде бел ден, возејќи велосипед, се приближил до жртвата и стрелал во грбот и главата. 49-годишниот маж, кој е осомничен за убиството, имал руски пасош и беше фатен кратко по злосторството, а по апсењето одбива да даде било какви изјави.

Убиениот Кангошвили беше погребан во ГрузијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Tsertsvadze

Убиениот Грузиец Зелимкан Кангошвили, стои во различни медиумски извештаи, на почетокот на 2000-те години се борел против Русија на страната на муслиманските Чеченци. Врз него во мај 2015. година веќе бил изведен атентат во грузискиот главен град Тифлис, но го преживеал со потешки повреди. По бегството од Грузија, тој поднесол барање за азил во Германија, каде живеел од 2016. година.

„Непријателска и неоснована постапка“

По протерувањето двајца руски дипломати од Германија, Русија повторно одрече била каква поврзаност со убиството. „Станува збор за апсолутно неодржлива шпекулација“, изјави портпаролот на Кремљ, Димитри Песков на телефонска конференција.

„Оваа тема беше на некој начин надуена од страна на греманските медиуми. Но, тоа не значи дека работите се одвивале токму на таков начин“, истакна Песков, сомневајќи се во постоење сериозни моменти на сомнеж за вмешаност на руските служби.

Москва се чувствува принудена да реагира на чекорот кој го презеде Берлин, соопштило денеска руското Министерство за надворешни работи, според државната новинска агенција Тасс. Министерството ја оценува постапката на Германија како непријателска и неоснована.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми