„Ненормално“, „неверојатно“, „неприфатливо“- вака реагираа водечки германски политичари на најновите изјави на турскиот претседател. Ердоган со сета сериозност ги обвини германските власти за „нацистички практики“.
Реклама
Германскиот министер за правда Хајко Мас ги отфрли споредбите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека Германија со „нацистички методи“ ги спречува настапите во земјата на турски политичари во функција на кампањата за референдумот во Турција. „Тоа е штетно, ненормално, неприфатливо и најостро го отфрламе“, изјави Мас за германската телевизија АРД. Истовремено тој предупреди да се има малку поопуштен пристап во однос на шефот на турската држава. „Тој сака да провоцира. И ние мораме да внимаваме и да не дозволиме да бидеме испровоцирани“.
Ердоган обвинува за „нацистички методи“ на Германија
01:01
За извештаите дека и самиот планира настап во Германија, Ердоган рече: „Ако сакам, ќе дојдам утре. Ќе дојдам и ако не ме пуштите или не ми дозволите да зборувам, тогаш ќе направам бунт“.
„Заборавање на историјата“
И бројни пратеници во Бундестагот најостро ги осудија „нацистичките“ споредби од Ердоган. „ Неверојатно и неприфатливо постапување е претседател на една членка на НАТО така да се изразува за друга членка“, истакна Фолкер Каудер, шеф на пратеничката група на Христијанско-демократската (ЦДУ) и на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) во германскиот парламент. „Бесрамно, заборавање на историјата, дрско“, изјави Јулија Клекнер, заменичка-претседателка на партијата на канцеларката Ангела Меркел, ЦДУ.
Настап во Келн: Нихат Зејбекџи
По два пропаднати собири за референдумската кампања во Германија, турскиот министер за економија, Нихат Зејбекџи синоќа (05.03.) конечно настапи во хотелот Сенат во Келн и притоа врбуваше за политиката на Ердоган. Тој се стреми кон претседателски систем кој ќе му овозможи далеку поголема моќ и ќе го ослабне турскиот парламент. На референдумот на 16 април можат да учествуваат и Турците кои живеат во странство, меѓу нив и околу 1,4 милиони во Германија.
Ердоган најавува нова Турција
По три недели исполнети со секојдневни демонстрации за поддршка на Ердоган, во неделата се одржаа финални протести во осумдесет градови во Турција. Во меѓувреме, се уште трае чистката на ѓуленистите
Фотографија: DW/D. Cupolo
Повик да се излезе на улиците
Додека траеше обидот за пуч, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика поддржувачите да излезат на улиците и да ја спречат армијата во обидот да ја симне од власт владејачката АКП. Откако воениот удар заврши неуспешно, Ердоган се заблагодари на неговите поддржувачи и од тој ден, тој секоја вечер ги повикуваше граѓаните да излеуваат на демонстрации.
Фотографија: DW/D. Cupolo
Некогаш под репресија - сега моќни
Финалните собири беа одржани во недела. Во Истанбул се собраа два милиони граѓани, а во Анкара околу 10.000. Истовремено, речиси осумдесет градови низ целата земја одржаа демонстрации за поддршка на Ердоган. АКП е првата исламистичка партија во Турција која преживеала воен удар. Поддржувачите на Ердоган на тоа гледаат како на триумф над традицијата на воени удари во земјата и секуларниот устав.
Фотографија: DW/D. Cupolo
Оптимизам за нова Турција
Во својот говор во Истанбул, Ердоган вети дека „ќе ја изгради Туција од почеток“, а расположението помеѓу поддржувачите беше оптимистично. Лале Алики, агент за недвижности од Анкара кој беше присутен на сите демонстрации кои следеа по обидот за пуч изјави: „Кога чистката ќе заврши Турција ќе напредува, затоа што тие кои беа инфилтрирани во владата, повеќе нема да бидат товар за нашата држава“.
Фотографија: DW/D. Cupolo
Привремен социјализам
Хава Озкан ко-претседавач на курдската организација Тухад-Фед вели дека демонстрациите имале целосна поддршка од владата. За присутните на протестите била обезбедена храна и вода, а јавните претпријатија во Анкара и Истанбул нуделе бесплатен превоз за време на последните три викенди, со цел да се овозможи масовна мобилизација. „Ова што се случува во Турција е привремен социјализам“, вели Озкан.
Фотографија: DW/D. Cupolo
Подем на социјалните медиуми
Во кризни ситуации социјалните медиуми во Турција се забранети. Преку говорот на Ердоган кој се емитуваше преку FaceTime, се до снимките од насилство врз цивилите – социјалните медиуми се покажаа дека „работат“ во полза на владата. Критичарите сметаат дека владата намерно дозволила непрекинат пристап до социјалните медиуми затоа што се покажало дека е во корист на Ердоган.
Фотографија: DW/D. Cupolo
Ова е само тренинг
Некои сметаат дека демонстрациите се начин АКП да ја засили својата база на поддржувачи. Мухамед, бегалец од Сирија кој беше сведок на пучот во Египет, а сега живее во Турција, рече дека демонстрациите се „тренинг за поддржувачите на Ердоган“ и дека „наскоро тој може да ги организира против некое друго движење кое не му се допаѓа“.
Фотографија: DW/D. Cupolo
Преименување на јавните простори
Од плоштадот Кизилеј во Анкара до мостот Босфор во Истанбул, познати јавни места низ цела Турција беа преименувани во чест на оние кои ги загубија своите животи за време на обидот за пуч. Граѓаните сега патуваат од европската кон азиската страна на Истанбул преку мостот „Мачениците од 15 јули“.