Германија сака место во Советот за безбедност
29 март 2018Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во Њујорк ја зацврсти кандидатурата на Германија за непостојано место во Советот за безбедност и побара зајакнување на Обединетите Нации. Тој подвлече дека Германија е подготвена за вклучување во меѓународната кризна дипломатија. Мас не смета дека Израел како конкурент за непостојано место во СБ на ОН е проблем.
„Живееме во време, во кое ни се потребни повеќе, а не помалку Обединети Нации“, оцени шефот на германската дипломатија по средбата со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Мас потсети дека Германија е „втор плаќач“ во ОН и еден од најважните испраќачи на трупи во меѓународни мисии. Како непостојана членка на СБ, Германија има намера да се вклучи пред сѐ во превенција на кризи, информираше Мас. Во фокусот, освен тоа, ќе биде и промената на климата како ризик за конфликти.
Покрај петте постојанки членки на Советот за безбедност - САД, Русија, Кина,Франција и Велика Британија, десет други држави секои две години се избираат за непостојани членки. Германија беше непостојана членка во 2011 и 2012 година и сака по шести пат да стане тоа во периодот 2019-2020 година. Конкуренти на Германија се Белгија и Израел.