1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Светот не‘ сака!

Фолкер Вагенер, Феликс Штајнер/Превод: Жана Ацеска14 ноември 2014

Прво светски првак во фудбал, сега светски првак во имиџ - Германија е најомилена во светот, покажа една студија. Но, од тоа произлегуваат нови обврски, сметаат Фолкер Вагенер и Феликс Штајнер.

Symbolbild Deutschland Fußball Fans WM Fahne
Фотографија: picture-alliance/dpa/Ole Spata

Ни ласкаат: ние, Германија и Германците сме најомилени во цел свет. Тоа е резултатот на студијата Nation Brands Index. Институтот за испитување на пазарот ГфК анкетирал над 20.000 луѓе од 20 земји, барем оние кои користат интернет. Резултатот е недвосмислен: Германија се смета за добра, светот не‘ сака.

За генерацијата на „бејби бумот“, луѓе кои денес се на возраст од 50-55 години, тоа е нешто на што допрва треба да се навикнат. Денешната средна генерација е израсната со прилична доза самоомраза, оптоварена со неделата на нашите дедовци, не можевме да се смислиме самите себе си. Но, затоа дотолку повеќе ги обожувавме патриотските Французи, малку поинаквите Британци. Не можевме да си објасниме зошто е тоа така, но и едните и другите ни беа поим за „нормална“ држава.

Ние не бевме нормални. Поделена земја со страшно минато и нарушен идентитет. Со децении како типични германски доблести се сметаа трудољубивоста, сигурноста, точноста и редот. Но, поради тие карактеристики никој не не‘ сакаше, во најдобар случај - не‘ почитуваа. Едноставно, имавме комплекс на помала вредност. Самиот факт што денес станавме земја по која другите копнеат, покажува колку нешта во меѓувреме се промениле.

Како станавме она што сме денес?

Како може да се објасни оваа транзиција? Има многу причини. Најбанален одговор е - времето. Генерацијата на германските злосторници од времето на Втората светска војна и националсоцијализмот во меѓувреме во целост изумре, исто како и нивните жртви, луѓето кои страдале под окупацијата и прогоните. Никој во странство на некој Германец не му поставува прашање „Што правеше ти тогаш?“. Поради тоа и средбите се полесни, поотворени, неусилени.

Уште една причина: Германците интензивно се занимаваа со своето минато. Имаше полно големи гестови, се‘ почна со Вили Брант и коленичењето во Варшава, па до Хелмут Кол и неговото ракување со Франсоа Митеран пред гробот во Вердун.

Фолкер ВагенерФотографија: DW

Не против, туку заедно со соседите!

Но, пред се‘, од пред 65 години Германија е доследна, пресметлива. Она што се изроди од над четири децении поделба на земјата на два различни блока, систематски е продолжено и по падот на Берлинскиот ѕид и обединувањето на Германија. Германија не ги дефинира своите интереси против другите, таа не дејствува сама, без партнери. Германија функционира само со Европа, а не против Европа. И токму затоа што ваквиот курс на Германците им подари благосостојба за која порано не ни сонувале, на повидок нема никого релевантен кој би сакал поинаква политика.

Сето тоа Германците ги направи полежерни, поопуштени. Тоа првпат стана видливо на Светското првенство во фудбал во 2006 година во Германија. Но, и минатиот викенд, на прославата на 25-годишнината од падот на Ѕидот. Германците неусилено се слават самите себе си, а никој да не мора да се плаши дека тоа ќе се претвори во германска мегаломанија.

Феликс ШтајнерФотографија: DW/M.Müller

Очекувања од Германија

Не, никој не мора да се плаши од тоа Германија да „го дигне носот“, затоа што сега е најомилена. Напротив: Германците уште тешко се справуваат со одговорноста која автоматски произлегува од нивната економска и политичка големина. Во политичките води уште е присутно стравувањето дека ќе ги наречат „грдите Германци“ штом се донесат некои јасни одлуки. Уште болат карикатурите во странските весници кои германските политичари ги прикажуваат во нацистички униформи и предизвикуваат критички прашања: „Дали направивме нешто погрешно?“ А притоа бившиот полски министер за надворешни работи Радослав Шикорски уште пред три години на Германците индиректно им даде прекрасен комплимент: „Денес помалку се плашам од германската моќ, отколку од германската неактивност“. И тоа го вели токму еден Полјак! На тоа Германија смее да биде барем малку горда. И тоа уште повеќе отколку на резултатите од актуелната студија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми