1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија се збогува со атомската енергија

30 мај 2011

Врвот на владината црно-жолта коалиција во Берлин постигна согласност за откажување од атомската енергија најдоцна до 2022 година. Осумте најстари атомски централи остануваат исклучени.

Фотографија: picture-alliance/ dpa

Најголемиот дел од атомските централи ќе биде исклучен до 2021 година, а доколку има проблеми при преминот на друг вид енергија, за секој случај, во мрежа ќе бидат оставени уште три атомски централи до 2022 година. Во 2018 година ќе треба да се провери дали во 2021-ва е можно комплетно откажување од атомската енергија. Седумте најстари атомски централи, кои беа исклучени од мрежа по нуклеарната катастрофа во Фукушима во март, нема да бидат повторно активирани. Само една од нив ќе биде во т.н. „стенд бај“ состојба, односно ќе може веднаш да се вклучи, доколку се јават проблеми при снабдувањето со енергија.

Меркел: На добар пат смe

Германската канцеларка сака за планот за исклучување на нуклеарките да ја придобие и опозицијата. Ангела Меркел вчера разговараше со раководствата на СПД и на Зелените. Шефот на социјалдемократите Зигмар Габриел изјави дека неговата партија е подготвена на консензус, но само доколку постојат јасни услови. Многу прашања се се‘ уште отворени, смета тој. Канцеларката, пак, изјави:

Канцеларката Меркел и министерот за екологија, Норберт РетгенФотографија: dapd



„На добар пат сме, но треба да се размислува за многу прашања. Луѓето сакаат да знаат не само кога ќе се откажеме од атомска енергија, туку и колку ќе чини струјата потоа. Не би била вистинска алтернатива ако еден ден мора да утврдиме дека мора да увезуваме атомска енергија од други земји, затоа што преминот кон обновливи енергии не сме го концепирале како што треба. Но, оптимист сум и сметам дека ќе успееме.“

Планот на владата за откажување од атомска енергија е во иста насока со препораките на Етичката комисија за атомска енергија, која беше свикана на барање на канцеларката по нуклеарната катастрофа во Јапонија. Денеска Комисијата ќе и` го предаде на Меркел својот завршен извештај. Попладнето пратеничките групи во Бундестагот ќе расправаат на вонредни седници околу плановите на владеачката коалиција за напуштање на атомската енергија и околу можен консензус.

Автор: ЕМФ/ТТ/дпа, ројтерс, дапд, дв

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми