1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Германија се менува - сѐ помалку верници во црквите

25 декември 2021

Со векови, во Германија доминираше христијанското мнозинство. Но, црквите имаат сѐ помалку верници, а „лек“ за тоа досега не пронајдоа ниту католиците ниту протестантите , смета Кристоф Штрак.

Deutschland | Fast leere Kirche
Фотографија: Eibner-Pressefoto/picture alliance

Станува збор за симболична граница: во идните недели и месеци помалку од половината Германци ќе припаѓаат на некоја од големите христијански цркви. Т.н. народни цркви, кои одамна се означуваат како „големи цркви“, со своите околу 41 милион верници, нема веќе да претставуваат мнозинство од 83 милиони луѓе, колку што живеат во Германија.

Во 1990 година во Германија имаше 58 милиони христијански католички или протестантски верници, околу две третини од населението. Истакнувањето на овие бројки не треба да одвлече од фактот што денес покрај католиците и протестантите, во земјата има уште и околу 4,5 милиони муслимани, 1,5 милиони православни христијани и преку 100.000 Евреи. А најголемите верски објекти, кои никнуваат актуелно во релативна близина на политички Берлин, се еден репрезентативен будистички храм и  „Единствен дом“,  заеднички покрив за христијани, Евреи и муслимани.

Етички совети наместо цркви

Трендот на  осипување на членството  ги погодува подеднакво и протестантите и католиците, реформаторските цркви дури и посилно. И кај двете конфесии за овој тренд има бројни причини. Делумно поради одреден данок, делумно што црквата политички е премногу лево или десно. Делумно причина се црковните позиции во поглед на сексуалниот морал или скандалите како  сексуално злоставување . За дел од осипувањето на црковните верници, како за бранот во Келн, повод се конкретни црковни великодостојници.

Кристоф ШтракФотографија: DW

Но, одамна причина за напуштање на црквата неретко е и одредено дистанцирање, тоа се случува и со ангажирани волонтери. Понекогаш изгледа како губење едни со други, дека испарува чувството за религија и вера. И тоа не само затоа што сите студираат филозофија. Светот мисли дека на секое прашање може да најде одговор преку Гугл или кај советите за етика.

Но, не секогаш, дури фактички ретко истапувањето од  цркватае акт на дистанцирање, иако постојано се слуша дека овој тренд е драматичен во време кога се отвораат крупни прашања. Прашања за смислата. Пред 20 години тоа беа дешифрирањето на човечкиот ген и напредокот во истражувањата на матичните клетки. Денес станува збор за вештачката интелигенција, драматичните предизвици на климатските промени, базичните прашања на глобалната и националната праведност во распределбата во ера на сѐ поскудни природни ресурси. За жал, социјалната етика, оваа толку важна надзорна функција, нема најголемо значење во црквите.

Ставање крај на бранот напуштања

Тука треба секако да се вброи и болно долгата пандемија, која не мал број експерти ја гледаат како предвесник на идните предизвици. Сето тоа се суштински прашања. Тие притискаат за одговор. А кога луѓето веќе немаат очекувања од црквите, тогаш одговори и излезни патишта бараат на други места. Или се промовираат во сопствена религија.

Но, и католичката страна, исто како и протестантската, мора да излезат од својата одбранбена позиција и да понудат поинакви акценти. Со јазикот на  короната,  би рекле – да го пресретнат бранот. Тврдоглавото опстојување на истите позиции не помага.

Во тоа спаѓа и преземање одговорност и тоа вистински. Системите на моќ, кои црквите и натаму ги отелотворуваат, со право се под постојано набљудување. А од тоа произлегува револт, кога моќта преминува во игнорантност и заслепеност.

Во тоа спаѓаат претставници кои настапуваат веродостојно и со кои луѓето можат да се идентификуваат. Во тоа спаѓа и интелектуален профил и храброст за образовни институции во кои проблеснува дух, вклучувајќи го и божјиот дух.

Духовна поддршка денес луѓето бараат на многу места. Посебно во време на коронавирус, телефонските духовни советници бележат бум. И по секоја голема несреќа во акција се луѓе кои нудат духовна поткрепа. Тие не се секогаш поврзани со црквата, но тие се показен пример за потребата од помош во страдањата и поделување на товарот на болката, повеќе отколку нудење морален патоказ што е правилно да се направи или да не се направи. Дали црквите уште имаат сила за такво нешто?

Доколку имаат, нема потреба со загриженост да гледаат на годишниот развој на бројот на своите членови. Можеби ќе помогне поглед кон источна Германија, во оние региони во кои христијаните со децении се само малцинство. Но, многу почесто таму отколку во западниот дел се среќаваат самоуверени и ведри верници, на кои стравот за нивната вера им е туѓ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми