Германија слави
3 октомври 2010
Централните свечености се одржуваат во Бремен, поради тоа што оваа покраина во моментов претседава со претставништвото на покраините, Бундесратот. На прославата, покрај претседателот Вулф, ќе бидат присутни и канцеларката Ангела Меркел и голем број министри и покраински премиери, како и политичари од поранешната Германска Демократска Република (ДДР).
Сојузниот претседател во текот на вчерашниот ден ги потенцираше промените низ кои мина земјата по обединувањето: „Промените кои во тоа време се случија во нашата земја, се огромни, особено во Источна Германија. Но, не само таму, туку и во сите делови на Германија нашата земја многу се промени.“
Канцеларката Меркел, која е израсната на истокот на земјата, потсети дека источните Германци имаа „храброст да се борат за својата слобода“. Таа додаде дека покрај храброста, имаше и огромен бран на солидарност од страна на луѓето во западните покраини. „Само со заедништво ни‘ успеа обновата на новите покраини да се движи со толку брзо темпо и Германија да стане земја, која денес има углед во светот“, рече канцеларката.
Се почнува со богослужба, се завршува со сенародна прослава
Денешните прослави почнуваат со богослужба, на која претставниците на католичката и евангелистичката црква повикуваат на социјално изедначување на истокот и западот на Германија. „Единството и праведноста одат заедно“, смета Ренке Брамс, ополномоштеник на Евангелистичката црква за мир. Католичкиот бискуп Франц-Јозеф Боде, пак, оцени дека солидарноста е неопходна, за луѓето од сите генерации да имаат благословена иднина.
Покрај политичките свечености, во Бремен и Берлин денеска има и сенародни прослави, а пред зградата на Бундестагот во 18:30 часот почнува културно-уметничка програма, на која покрај претседателот на парламентот Норберт Ламерт, се очекува и присуството на сојузниот претседател Вулф и на канцеларката Меркел.
Автор: ЕМФ/СН/дпа/епд
Редактор: Симе Недевски