Групата „Децата им помагаат на децата“ годинава ги покани сите деца, родители и нивните роднини да им испратат божиќни пакетчиња на децата во Македонија. Акцијата се спроведува по 19. пат.
Реклама
Акцијата за помош на децата во земјите од источна Европа трае со години, а годинава пакетчиња за Македонија ќе испраќаат децата и родителите од покраината Баден Виртемберг. Собирањето на подароците започна на крајот на септември, а ќе трае до 25 ноември. Според повиците објавени во повеќе германски регионални медиуми, подароците кои ќе патуваат во Македонија ќе бидат наменети за домови за деца без родители и за семејства кои се во тешка материјална и социјална состојба.
Дарителите се повикуваат, доколку се во можност, да испраќаат школска опрема, играчки, топла облека како капчиња, шалови и ракавици, и средства за хигиена како четкички за заби, чешли, шноли и малечки огледала.
„Секако, кон ова можете да додадете и слатки производи - но водете сметка дека рокот за употреба треба да им биде најмалку до март следната година“, се наведува во повикот.
Организаторите им овозможуваат на сите заинтересирани да подигнат празни пакети, и потоа на истите собирни места да ги донесат за испраќање.
Минатата година, преку акцијата „Децата им помагаат на децата“ низ цела Германија беа собрани 34.539 детски пакетчиња и 4.196 големи пакети со донации за децата во земјите од источна Европа.
Сите заинтересирани кои живеат во Германија можат да учествуваат во акцијата, а повеќе детали може да се дознаат на интернет страницата на акцијата „Децата им помагаат на децата“:
www.kinder-helfen-kindern.org
Најубавите божиќни панаѓури во Европа
Декември во европските градови понекогаш е без снег, но секогаш е со божиќни панаѓури. Тие канат на забава и варено вино.
Фотографија: Stadt Nürnberg/B. Fuder
Келн, Германија
На божиќниот панаѓур пред Келнската катедрала секоја година доаѓаат по околу четири милиони посетители. Тој важи за еден од најомилените панаѓури во Германија. За добро расположение придонесуваат и над сто манифестации на бината среде тезгите.
Фотографија: imago
Краков, Полска
Божиќниот панаѓур се наоѓа среде старото градско јадро. Кому срцето не му е загреано само од романтичните кулиси, можеби ќе му помогне полската вотка. Главна атракција е натпреварот за најдобри божиќни јасли, кој се одржува секоја година.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Dabrowski
Виена, Австрија
Виенскиот Кристкиндлмаркт е сместен на историскиот плоштад пред Шотенкирхе. Покрај најдолгите јасли во Австрија (46 метри), овој панаѓур привлекува и со особено добро рачно изработени производи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Базел, Швајцарија
Базелскиот божиќен панаѓур на Барфисерплац важи за најголем панаѓур од ваков вид во Швајцарија и ја има најдолгата осветлена божиќна улица во Европа. На панаѓурот има 180 тезги, густо наредени една до друга. На нив може да се најде што ќе ви душа посака - од дрвени играчки до вегански производи.
Фотографија: Basel Tourismus
Стразбур, Франција
Кристкинделсмерик во Стразбур постои уште од 1570 година. Тој е најстариот божиќен панаѓур во Франција. Особеното е во тоа што типичните дрвени куќички се тискаат не само „пред нозете“ на Стразбуршката катедрала, туку на многу други места во градот. Притоа, секоја си има свои специјалитети.
Фотографија: Sebastan Hengy
Бриж, Белгија
Божиќниот панаѓур во Бриж е сместен на „Гроте Маркт“. Средновековниот град се прилагодува на божиќната атмосфера со своето осветление. Кога настапува ноќта, се вклучуваат светлечките синџири по рабовите на куќите и ги маѓепсуваат посетителите. Околу плоштадот, подготвени за обиколка на свечено осветлениот град, чекаат многу коњски кочии.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F.P.Tschauner
Мадрид, Шпанија
Мадридскиот божиќен панаѓур е поставен на „Пласа Мајор“. Во Шпанија врвот на божиќните прослави е 6 јануари, кога се одржува парадата на Светите три кралеви. Според шпанското верување, Трите кралеви се тие што носат подароци, а не Детето Исус. Секоја година во Мадрид доаѓаат илјадници туристи за да ја следат парадата, која се пренесува и во живо на телевизија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/H.C. Hidalgo
Лондон, Велика Британија
Германскиот божиќен панаѓур е извозен производ. „Винтер Вондерленд“ во лондонскиот Хајд Парк е најдобриот доказ за тоа. Таму за Божик „никнува“ „Баварско село“ според германски урнек, со колбаси и варено вино, се разбира. Освен тоа, тука е и Панорамското тркало, како и лизгалиштето. Омилена е и градината со скулптури од мраз „Волшебно ледено кралство“.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Kerimokten
Гетеборг, Шведска
Божиќниот панаѓур „Лисеберг“ во Гетеборг е најголем во Шведска и важи за посебно магичен. Особено свечена атмосфера создаваат петте милиони божиќни светилки. Тука има сѐ - од шведски специјалитети, музика и театарски претстави до возење со санки кои ги влечат ирваси. Налето целиот простор е забавен парк.
Фотографија: Gören Assner
Нирнберг, Германија
Нирнбершкиот Кристкиндлесмаркт е еден од најстарите во светот. Први сведоштва за неговото постоење датираат од 1628 година. На овој панаѓур има од накит до типични нирнбершки медени колачи. Онака, како што божиќното време тоа го налага.