И по 28 години од повторното обединување на Германија, источниот дел од земјата економски заостанува зад западниот. Граѓаните од истокот и ден-денес се чувствуваат како да се од втор ред, смета Марсел Фирстенау.
Реклама
Ангела Меркел, со оглед на нејзината кариера, може да биде опишана како најголема добитничка на германското обединување. Родена е во Хамбург, израснала во Германската Демократска Република, а веќе 13 години раководи со земјата. За волја на вистината, во последно време нешто полошо отколку претходно. Но, Германците на истокот од земјата не се гордеат со својата сојузна канцеларка, иако е една од нив. Тоа е една од причините за зголеменото отуѓување на владата од оние со кои се владее источно од реката Елба. Тоа отуѓување е поголемо отколку во западниот дел од земјата.
Меркел, во очите на луѓето од источниот дел, е најекспониран претставник на политиката која не ги застапува нивните интереси, иако токму таа со нив дели заедничко минато и исти искуства од време на диктатурата. Подемот на шефицата на германската влада, по падот на Берлинскиот ѕид, беше константен, но возилото на милиони источни Германци долго време одеше надолу. Посебна лузна остави искуството на долготрајна невработеност, кое, без нивна вина, погоди многу луѓе.
Западот никогаш не доживеал нешто такво
Успехот во животот, постигнат во услови кога државата и културно и економски кон своите жители се однесуваше како тутор, одеднаш, преку ноќ беше на диспозиција.
За да се преброди тоа, беше потребна голема доза флексибилост, мобилност и емоционална стабилност. Сето тоа се нешта кои никогаш во толкава мера не биле барани од западните Германци. Економските, структурните промени или далекусежните политички промени во „старата“ Сојузна Република Германија никогаш не се случувале преку ноќ.
Источните Германци, меѓутоа, во многу краток рок доживеаја тотална ерозија на општествениот поредок, кого големо мнозинство не го сакаа, но кој неизбежно ги обликуваше. За гордоста поради мирната револуција која токму тие ја покренаа во 1989/1990. година, по обединувањето не можеше ништо да се купи. Мнозинството во меѓувреме ја преброди таа фаза, но тие и денес во просек имаат значително понизок стандард од оној во западна Германија.
Двокласно општество
Во најновиот Извештај за состојбата на германското единство може да се прочита и ова: платите во источниот дел изнесуваат само 82 проценти од платите во западниот дел. И тоа 28 години по обединувањето! Оној кој тоа го продава како успех, всушност затвора очи пред комплексноста на ситуацијата. Помалку пари за иста работа истовремено значи и помало признание и почит.
Полошо платена работа, непризнавање на годините стаж од ГДР (што влијае на висината на пензијата) и другите неправди тие луѓе ги погодуваат цел живот. Двокласното општество за денешните 50-годишници, а и оние постарите луѓе, е вклесано во камен. Тоа е скандалозно и останува скандалозно.
Она што долгорочно загрижува уште повеќе од таа зацементирана материјална дискриминација е неспорната доминација на западногерманската елита во речиси сите општествени области. Во владата на Ангела Меркел, во која има 16 ресори, освен неа и министерката за семејство, Франциска Гифај, родена во 1979. година во ГДР, нема ниеден член од источна Германија. Тоа можеби некој може да го смета за случајност, но може да се нарече и со вистинското име: симптом на состојбата на германското единство.
И натаму на раководни позиции во претпријатијата има малку источни Германци, исто и во универзитетите или во медиумите. Ни Дојче веле за жал не е исклучок. Дури кога тој проблем барем донекаде ќе биде решен, ќе се престане со често исцрпувачките, но и нужни споредби меѓу Истокот и Западот на Германија. Дури кога Денот на обединувањето на Германија веќе нема да биде повод за коментари како овој, процесот на обединување ќе биде окончан.
Новата влада на Меркел
Кои се новите министри во владата на канцеларката Ангела Меркел? Ресорите се поделени, а според аналитичарите, голем победник во распределбата се социјалдемократите кои добија сѐ што бараа.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Наскоро ќе почне да лета: Хајко Мас
За него тоа е напредок: Хајко Мас (51, СПД) од министерството за правда се префрла во дипломатијата. Како министер за правда, Мас предизвика многу дебати, но и критики, со законот против омразата на интернет. Во Аусвертигес Амт може да си ја поврати популарноста- а некои веќе го гледаат како можен кандидат на СПД за канцелар.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld
Новиот со мантрата на стариот: без долгови
Олаф Шолц (59, СПД) не размислуваше многу дали ја прифати понудата да биде министер за финансии, ниту пак дали да го продолжи мотото на претходникот Волфганг Шојбле. И досегашниот градоначалник на Хамбург сака да ја осигура „црната нула“, и да не создава нови долгови. Тоа е наведено и во коалицискиот договор, но не им се допаѓа на сите во СПД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Sabrowsky
Социјалата за Хубертус Хајл
Поранешниот генерален секретар на СПД Хубертис Хајл, 45, ќе биде нов министер за труд и социјала. Со тоа тој добива едно огромно министерство, кое има буџет од преку 100 милијарди евра, и со тоа е сектор со убедливо најмногу трошоци
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Млада и надежна
И без силна поддршка во парламентарната група може да се стигне далеку: Франциска Гифи (39, СПД), досегашна градоначалничка на берлинската населба Нојколн, ќе биде министерка за семејства. Гифи важи за приврзаник на редот и поредокот. На тој начин успеа да ја доведе во ред и проблематичната населба Нојколн. Важи за конзервативка.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini
Ново искуство за Шулце
Таа има министерско искуство, но на покраинско ниво. Во Северна-Рајна Вестфалија Свења Шулце (49, СПД) до 2017 година го предводеше министерството за развој. Сега ќе ја наследи Барбара Хендрикс во министерството за животна средина.
Фотографија: BMwF/Ina Fassbender
„Универзалното оружје“ на СПД во секторот правда
Катарина Барли (49, СПД), е актуелна министерка за семејства, а во иднина ќе раководи со правда. Ресорот го презема од партискиот колега Хајко Мас. Во последниот период Барли се залагаше за зајакнување на правата на жените. Нејзиниот став беше дека е потребна полова рамноправност во сите министерства.
Фотографија: picture alliance/dpa/K. Nietfeld
Човекот за сѐ на Меркел
Долги години Ангела Меркел можеше да се потпре на својот човек од доверба Петер Алтмајер (59, ЦДУ) како шеф на нејзиниот кабинет. Сега тој го презема министерството за економија и енергија. Откако го загубија министерството за финансии, овој ресор е извонредно значаен за бизнис-крилото во ЦДУ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Блиску до канцеларката
И Хелге Браун (45, ЦДУ) е еден од оние кои важат за луѓе од доверба на Меркел. Досега беше државен министер кај канцеларката, а во иднина ќе биде шеф на нејзиниот кабинет како наследник на Петер Алтмајер. По професија медицинско лице, тој ќе треба да води сметка дека на Меркел сѐ и оди како подмачкано.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler
Бундесверот продолжува како и досега
Урсула фон дер Лајен (59, ЦДУ) се најде под голем притисок поради лошата вооруженост и подготвеност на трупите. Таа важи за една од најблиските соработнички на Меркел, а многумина веруваат дека се подготвува за генерален секретар на НАТО. Со оглед дека таа функција ќе се испразни дури за две години, најмалку уште толку ќе остане министер за одбрана.
Јулија Клокнер (45, ЦДУ) доаѓа од Рајнланд Фалц, од германскиот југозапад, покраина позната по земјоделството и производството на вино. Таа е долго присутна во Берлин и блиска до канцеларката. Во новата влада ќе го предводи министерството за земјоделство, каде две години беше парламентарна државна секретарка.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G.Fischer
Млад, критичен и горделив
Јенс Шпан (37, ЦДУ) ќе биде министер за здравство. Тој доаѓа од силната покраинска организација на Северна Рајна Вестфалија и важи за критичар на Меркел. Во странските медиуми веќе го гледаат и како можен наследник на канцеларката.
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Kappeler
Џокерот на Меркел
Со Ања Карлишек (46, ЦДУ) Меркел именуваше министерка за образование, со убедливо најмало искуство. Дипломираната продавачка во септември, по вторпат едноподруго беше избрана за пратеничка, а од јануари 2017 година е координатор на пратеничката група на ЦДУ во парламентот.
Фотографија: imago/M. Popow
Жената задолжена за култура и медиуми
Традиционално германската влада нема министерство за култура, а за овој ресор се грижи министерката за култура во кабинетот на канцеларката. Ополномоштеничка за култура и медиуми досега беше Моника Гритерс (56, ЦДУ), а тоа така ќе остане и во иднина. Гритерс во културата гледа „мост за изградба на разнолико општество“.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Нов дом за шефот на ЦСУ
Хорст Зехофер (68, ЦСУ), од 2008 досега беше премиер на Баварија, а во иднина ќе го предводи министерството за внатрешни работи. Тврд застапник за воведување горна граница за прием на бегалците, Зехофер ќе има далеку поголеми овластувања од неговиот претходник Томас де Мезиер.
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Balk
Враќање во министерството за сообраќај
Андреас Шојер (43, ЦСУ) досега беше генерален секретар на неговата партија. Но, тој веќе има искуство во сојузната политика. До 2013 година беше парламентарен државен секретар во министерството за сообраќај, а сега го презема целото министерство кон кое се приклучува и ресорот дигитален развој.
Фотографија: picture-alliance/ZUMA Wire/S. Babbar
Герд Милер останува
Ниту еден друг министер освен министерот за надворешни работи не патува толку многу како министерот за развој. Герд Милер (62, ЦСУ), и понатаму ќе го минува времето во посета на различните култури и климатски зони ширум светот. Битка против причините за иселување преку развојна помош, останува негова главна задача.
Фотографија: picture alliance/dpa/H. Hans
Диригентот: Меркел IV
Повеќе од пет месеци мораше Ангела Меркел (63, ЦДУ) да чека, но сега е веќе сигурно дека по четврти пат ќе ја предводи владата. Доколку сѐ оди според планот, со тоа ќе го израмни рекордот на нејзиниот политички ментор Хелмут Кол.