1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаос при прифаќањето на авганистанските соработници

Наоми Конрад | Естер Фелден | Нина Веркхојзер
25 октомври 2021

По драматичното бегство од Авганистан, многу поранешни соработници на германски организации мака мачат со германската бирократија. Нивниот правен статус останува нејасен.

Нема крај на несигурноста: поранешни авганистански соработници на германски организации пристигнуваат во прифатилиште за бегалци во Бранденбруг.
Нема крај на несигурноста: поранешни авганистански соработници на германски организации пристигнуваат во прифатилиште за бегалци во Бранденбруг.Фотографија: Patrick Pleul/dpa-Zentralbild/dpa/picture alliance

„Тоа беше навистина катастрофално“, вели Абдул за своето прво сослушување во една германска установа. Со години овој Авганистанец работел во Кабул за германски институции. Одлично зборува германски. Кога во август морал да побегне од талибанците, се надевал дека во Германија ќе биде добредојден.

Но, наишол на потешкотии. „Се прашував, дали сум навистина во Сојузна Република Германија?“ Особено бил шокиран што по 4 недели откако германската војска со авион го евакуирала од Авганистан бил повикан во Канцеларијата за миграција. Тоа се случило во Хамбург каде што живеел во сместување за бегалци.

Локалните соработници со германските организации, така му ветил Бундесверот, ќе добијат во Германија дозвола за престој до три години „поради хуманитарни причини“. Како што му било кажано, ќе можел веднаш да работи и ќе добие социјална помош. Така, имено, предвидува членот 22 од германскиот Закон за престој.

Документи кои никој не сака да ги види

Абдул бил уверен дека веднаш ќе добие дозвола за престој, бидејќи до неодамна работел за една германска институција. Нејзиното име не сака да го каже додека неговиот случај не се реши. А, не сака ниту да се објави неговото вистинско име.

Нов живот за Авганистанецот кој побегна од Кабул

02:19

This browser does not support the video element.

Работните договори и другите документи ги понел со себе кога бил повикан во Канцеларијата за странци. Но, тие документи, вели овој љубезен млад човек, никого не го интересирале. Наместо тоа, му рекле да поднесе барање за дозвола за азил. За локалните соработници со германските организации воопшто не е предвидена постапка за азил. Освен тоа, тие во тој случај имаат многу помалку права.

Повеќе: „Страдањата во Авганистан ќе се влошат“

Постапката за доделување на азил трае со месеци, некогаш и со години. До конечната одлука подносителот на барањето не смее да работи, ниту смее да го доведе своето семејство во Германија. А најлошо од сѐ, за барањата за азил за Авганистанците во моментов воопшто не се одлучува поради ситуацијата во земјата. Илјадници барања би требало да почнат да се обработуваат.

„Никој не сакаше да ме сослуша“

Кога Абдул споменал дека тој е локален соработник за германските организации, на него, вели, бил вршен притисок. Бил предупреден оти ќе го изгуби сместувањето во бегалскиот дом ако инсистира на дозвола за престој поради хуманитарни причини. „Во таква ситуација некому да му се одземе сместувањето значи целосна катастрофа“, вели Абдул.

Долги години рамо до рамо. Авганистански преведувач со војници на Бундесверот во Авганистан во 2011 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Сесрдно се обидувал да ја објасни својата ситуација, на германски и со помош на документите кои ги донел со себе, „но, никој не ме слушаше“. На листот кој му го дале, добил црно на бело дека не е признат како локален соработник. Тој документот го покажа на ДВ. „Тоа за мене беше многу тежок момент.“

Абудул го повикал својот поранешен работодавец кој потоа интервенирал во Канцеларијата за странци. Наредниот ден работата беше поправена, вели Абдул. Го погодило тоа што само поради добрите врски и одличното познавање на германскиот јазик можел да спречи да биде турнат во постапка за азил. И тоа фрлило сенка на позитивната слика која ја имал за Германија.

Сојузната влада: 477 локални соработници

Откако во средината на август талибанците ја презедоа власта во Авганистан, во Германија пристигнаа околу 5.440 Авганистанци. Тоа се податоците од Сојузната влада од 18 октомври. Меѓу нив 477 се локални соработници со семејствата. Германија, освен тоа, од хуманитарни причини прима и активисти за човекови права, активисти за правата на жените и медиумски работници.

Повеќе германски министерства составија сопствени списоци на локални соработници на кои им е потребна заштита. Затоа често доаѓа до забуна. На тие списоци и дополнително се ставаат лица. Илјадници локални соработници и членови на нивните семејства сѐ уште чекаат на евакуација од Авганистан.

Секој  на проверка

Но, има и пречки за оние кои веќе пристигнале во Германија. Сојузната агенција за миграција и бегалци (БАМФ) на прашање на ДВ одговори дека сите пристигнати Авганистанци мора да бидат проверени дали се навистина локални соработници. Секој што не е признат како локален соработник мора да поднесе барање за азил за да може да остане во Германија и по 90 дена, кои му се гарантирани со  визата што ја добил на аеродром или во германска амбасада во Пакистан.

Тоа е специјална виза која се издава само заради проверка на статусот кога ќе пристигнат во Германија. Ова предизвика збунетост кај некои од нив, бидејќи очекуваа дека, кога ќе дојдат во Германија, автоматски ќе добијат повеќегодишна дозвола за престој. Подоцна дознале дека прво мора да се разјасни дали биле локални соработници или пак во спротивно мора да поднесат барање за азил.

По пристигнувањето на аеродромот во Франкфурт, овие авганистански бегалци добија специјална виза во траење од 90 денаФотографија: Kai Pfafenbach/REUTERS

Игра на нерви

Неизвесноста ги оптоварува авганистанските локални соработници во Германија. Тоа го вели и Абдул. „Не можам да спијам бидејќи се грижам“, раскажува тој за ДВ. Два месеца по пристигнувањето во Германија тој сѐ уште нема дозвола за престој. Единствено му е ветено дека и по истекот на 90 дена ќе може да остане во Германија, до завршување на постапката.

„Со тоа морам да живеам“, одговара на прашањето како излегува на крај со ситуацијата. Едно сепак го радува - од неодамна знае дека и неговото семејство ќе може да дојде во Германија, Тоа му е, вели, најважно.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми