1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Хронично болни смеат да одгледуваат канабис

ЖА/дв/ард23 јули 2014

Хронично болни Германци, под одредени услови, во иднина ќе можат сами да одгледуваат растение канабис за свои потреби. Така реши Управниот суд во Келн, досудувајќи во корист на тројца тужители.

Фотографија: Polizei Lettland

Петмина хронично болни мажи поднесоа тужби во Управниот суд во Келн, бидејќи трошоците за терапија со канабис не можеле сами да ги сносат. Судот на тројца им одобри сами во својот стан да можат да го одгледуваат ова растение за сопствени потреби, а две тужби одби. Во образложението на пресудата стои дека дозволата за одгледување канабис може да се добие само по испитување на секој поединечен случај. Предуслов е пациентот да има на располагање посебна просторија за одгледување, прозорците на неа да се обезбедени со посебно заштитно стакло, како и дотогаш да биле испробани и исцрпени сите други тераписки можности. На пример, причината за одбивањето на тужбата на двајцата други пациенти, Судот ја лоцира токму во немањето посебна просторија и во фактот што кај нив се‘ уште не се испробани сите тераписки методи. Тие двајцата, како што најавија, ќе се жалаат во Вишиот управен суд во Минстер.

Но, овие пресуди сепак означуваат важен пресврт за иднината. Како што по судењето изјави портпаролката на Управниот суд во Келн: „Сојузниот институт за медицински производи и лекови во иднина ќе мора да се позанимава со вакви случаи, зашто е обврзан под одредени услови да издава дозволи за приватно одгледување канабис во тераписки цели“. Како што истакна таа, службите се должни и подоцна да ги контролираат пациентите на кои им издале дозвола.

Претходни неуспешни терапии со различни лекови

Петмината тужители веќе со години боледуваат од хронични болести. Двајца се заболени од мултиплекс склероза, еден има АДХС-хиперкинетичко пореметување, додека другите двајца по доживеаните сообраќајни несреќи страдаат од силни хронични болки. Она што им помогнало е канабисот, познат по тоа што неговите состојки предизвикуваат опуштање, намалување на болките и грчевите и спречуваат разни запаленија.

Фотографија: Getty Images/Afp/Pablo Porciuncula

Петмината хронични пациенти, навистина, уште одамна добија дозвола за купување на препарати на канабис во аптеките, но цените на овие лекови се превисоки, па не можеле да си ги дозволат. Имено, здравствените осигурувања се‘ уште одбиваат покривање на вакви трошоци. Според нивно мислење, сопственото одгледување би било многу поевтино. Но, Сојузниот институт за медицински производи и лекови досега ги одбиваше барањата на пациентите.

Терапијата со канабис во Германија дозволена само со ограничувања

Иако ова не е првпат еден суд да пресуди во корист на подносителите на вакви тужби (пред неколку месеци Вишиот управен суд во Минстер донесе иста одлука), ова е првпат што судскиот процес го следеа и поддржуваа и претставници на многу здруженија кои се борат за легализација на марихуаната, како и за слободно користење и одгледување канабис во приватни цели.

Инаку, од 2011 година во Германија лековите на база на канабис можат да се продаваат во аптеките. Нивното купување е можно само со рецепт кој досега го добиваа исклучиво пациенти заболени од мултиплекс склероза или оние кои страдаат од спастички грчеви.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми