Германија: црно-жолта коалиција, СПД во опозиција
27 септември 2009Демохристијаните на досегашниот и секако и иден канцелар Ангела Меркел, со 33,5 проценти, навистина, постигнаа послаб резултат отколку пред четири години, но затоа пак либералите, кои според првичните прогнози освоија 14,5 до 15 проценти, слават најдобар резултат досега воопшто на сојузните парламентарни избори. Тие имаат големи шанси по 1998 година повторно да бидат дел од владеачката коалиција и тоа токму со посакуваниот партнер ЦДУ/ЦСУ.
За социјалдемократите, пак, прогнозите се движат помеѓу 22,5 и 23,5 проценти, што би претставувало најслаб исход за нив во историјата на Сојузна Република Германија и пад за 11 до 12 проценти. Оттука, се чини дека за СПД е неизбежно, по 11 години на власт, да се префрли во редовите на опозицијата.
Во левиот политички табор значителен напредок на овие избори во споредба со претходните постигна Левичарската партија - прогнозите одат од 12,5 до 13 насто, што би биле околу 4 проценти повеќе, отколку во 2005 година. Зелените, за кои прогнозите велат дека гласал секој десетти од избирачите што излегоа да гласаат, исто така постигнаа подобар резултат, но само за помалку од два процента.
Според овие првични прогнози, во идниот состав на Бундестагот ЦДУ/ЦСУ би имале 228-229 пратеници (два до три повеќе, отколку досега), СПД 143 до 151, наместо досегашните 222, либералите можат да сметат на 92 до 95 мандати (досега 61), левичарите 80 до 82 мандата (досега имаа 54 пратеници), додека Зелените ќе бидат застапени со 63 до 67 мандати, а досега имаа 51 пратеник.
Автор: ЗЈ/АТ/дпа
Редактор: Александра Трајковска