Германија ќе воведе тестови за коронавирус на аеродромите
БГ /РТР
23 јули 2020
Патниците кои пристигнуваат во Германија од високо ризични земји ќе мора да прифатат да бидат тестирани на германските аеродроми. Формалната одлука се очекува до крајот на неделава.
Реклама
Секој кој ќе сака да влезе во Германија од земја која се смета за високо-ризична во однос на коронавирусот би можел да се соочи со тестирање на Ковид-19 при самото пристигнување на аеродром, одлучи германскиот министер за здравство.
Министерот Јенс Шпан и министрите за здравство од 16 германски покраини ја договорија мерката на состанок во средата.
Патниците кои ќе влегуваат во Германија од ниско-ризични земји како Франција, Шпанија или Грција, нема да мора да се тестираат, се наведува во предлогот. Мерката треба да биде детално договорена на следниот состанок кој е закажан за в петок.
Институтот Роберт Кох во моментов е задолжен за издавање препораки и насоки за справување со пандемијата на коронавирусот. Институтот изработува и листа на земји кои се сметаат за ризични, па од нив е забранет влезот во Германија. Северна Македонија, на пример, се смета за високо-ризична земја, и новата мерка, доколку се усвои, ќе ги опфати и македонските државјани. Дополнително, мерката ќе важи и за германски државјани кои се враќаат од одмор од ризични земји.
Аеродромите се загрижени поради предлогот и бараат од властите тие самите да го вршат тестирањето, а не тоа да им се препушта на аеродромските службеници.
„Доколку здравствените власти нарачаат брз тест, од било каков вид, тогаш самите нека си го спроведуваат“, се наведува во соопштение од германското Здружение на аеродроми.
„Потоа мора да се донесе одлука и како ќе се постапува со патници кои се позитивни на тестот“.
Досега, патниците кои доаѓаат од високоризични земји мораа да се самоизолираат за период од 14 дена, но доколку немаат со себе негативен тест. Алтернативно, патниците можат веднаш да се тестираат и по пристигнување во земјата, и доколку се негативни, да избегнат карантин.
Баварскиот премиер Маркус Зедер во неделата најави дека властите во таа покраина работат на инсталирање на центри за тестирање на аеродромите во кои „секој ќе може да се тестира бесплатно во секое време“.
Олеснувањето на патните ограничувања на почетокот на јули им овозможи на многу туристи да се упатат кон популарните летни дестинации ширум Европа. Но веќе се појавуваат медиумски извештаи за забави на шпанските острови на кои туристите не ги почитуваат мерките за социјална дистанца и носење маска. Тоа предизвика загриженост кај политичарите кои сега бараат начин да се заштитат од нова ерупција на вирусот.
Најпознатите германски знаменитости
Туризмот во Германија цути. 2019-та беше десетта година по ред со рекорден број на туристи. Тие се концентрираат пред сѐ во големите градови, каде има многу што да се види. Еве мал избор на најпознатите знаменитости:
Фотографија: picture-alliance/dpa
Катедралата во Келн
Нејзините речиси 160 метри високи кули величествено се издигаат кон небото. Катедралата е знак на распознавање на Келн. Таа е една од најголемите катедрали изградени во готски стил и е навистина восхитувачка. Катедралата е на листата на Унеско за Светско културно наследство, а секоја година ја посетуваат по околу 6 милиони луѓе.
Фотографија: Fotolia
Замокот во Хајделберг
Симболот на Хајделберг е можеби најпознатата руина во Германија. Овој замок е првпат спомнат во 13. век. Во времето на Лудвиг Четиринаесетти тука била резиденцијата на големите кнезови на Пфалц.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Замокот Нојшванштајн
Баварскиот крал Лудвиг Втори изградил замок како од бајките во близина на Фисен, затоа што сакал да се повлече од јавноста. Само неколку недели по неговата смрт, во 1886 година, замокот бил отворен за посетители. Во меѓувреме овој замок е еден од најпосетените во Европа.
Фотографија: Fotolia
Бранденбуршката порта во Берлин
Берлин е германски магнет за туристи. Во 2018 година градот забележа околу 33 милиони ноќевања. Бранденбуршката порта важи за симбол на германското обединување и е едно од најомилените места во градот.
Фотографија: Getty Images
Островот на музеите во Берлин
На остров среде реката Шпреја се наоѓа една друга берлинска атракција. Пет важни музеи овде презентираат изложби за предисторијата, преку антиката, до уметноста на 19. век. Хајлајт е светски познатата биста на староегипетската кралица Нефертити.
Фотографија: Fotolia
Дворецот Сансуси
Во Потсдам се наоѓа летната резиденција на Фридрих Втори. Името Сансуси, или на германски „без грижи“, ја отсликува желбата на кралот за место каде може да се повлече од јавноста. Дворецот и паркот честопати се нарекуваат пруски Версај. Сансуси од 1990 година е дел од Светското културно наследство.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Богородичната црква во Дрезден
На многумина Богородичната црква во Дрезден им е во сеќавање како руина од Втората светска војна. По обновата во 2005 година, црквата стана омилена цел за германските и странските туристи.
Фотографија: Fotolia
Вартбург
Во Тирингија, над градот Ајзенах, се издига Вартбург. Тука Лутер, на почетокот на 16. век, го превел Новиот тестамент. Во овој замок во 1817 година е одржан Вартбуршкиот фестивал, првото граѓанско-демократско собрание во Германија.
Фотографија: Fotolia
Порта Нигра
„Црната порта“ во Трир е една од најдобро зачуваните порти од античко време. Поранешната римска градска порта речиси илјада години се користела како црква, сѐ додека Наполеон во 1802 година не наредил враќање на градбата во првобитната форма.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Катедралата во Ахен
Катедралата се смета за една од најдобро сочуваните градби од времето на Каролинзите и беше прв германски споменик кој во 1978 година стана дел од Светското културно наследство. Во оваа катедрала е закопан царот Карло Велики. Во капелата до 1531 година се крунисувани речиси сите германски кралеви.
Фотографија: DW/D. Dedović
Старото градско јадро на Либек
Холстентор, кој некогаш бил западната граница на Либек, денес е симбол на градот. Оваа порта е дел од старото градско јадро, кое лежи на остров опкружен со вода и остатоци од некогашните градски ѕидини. Многу од куќите изградени во готски стил се заштитени со закон.
Фотографија: Fotolia
Мариенплац во Минхен
Мариенплац се наоѓа во срцето на Минхен, односно на почетокот на пешачката зона. Посетителите можат повеќепати во денот да се восхитуваат на играта на малите фигури на Новото градско собрание, кои вртејќи се на звуците од камбаните потсетуваат на историјата на градот.