1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ќе даде придонес во мисијата на ОН за Либан

Нина Веркхојзер17 август 2006

Најверојатно ќе биде понудено учество на воената морнарица во меѓународните сили за Блискиот исток

Канцеларот Ангела Меркел и вицеканцеларот Франц Минтеферинг
Канцеларот Ангела Меркел и вицеканцеларот Франц МинтеферингФотографија: dpa

Претседателите на ЦДУ и ЦСУ Ангела Меркел и Едмунд Штојбер, како и шефот на социјалдемократите Курт Бек и вицеканцеларот Франц Минтеферинг на средбата во Бајројт не донесоа дефинитивно решение околу евентуалниот нов ангажман на Бундесверот во странство. Во изјавата по средбата на раководствата на партиите од големата коалиција се вели дека во преден план се хуманитарната помош и мерките за обнова, како и придонес за обезбедување на либанско-сириската граница, првенствено од морска страна.

Од изјавата произлегува дека во мисијата на ОН би можела да биде вклучена германската воена морнарица. Владиниот портпарол Томас Штег нагласи: „Сојузната влада не издава бланко-чек и германски војници нема на брза рака да бидат испратени во авантура“.

Многубројни изјави на врвни политичари во последните денови создадоа впечаток дека ангажманот на Бундесверот на Блискиот исток – само ако не е на границата меѓу Либан и Израел - за владата е договорена работа. Владата, сепак, сака да сочека и да види каков мандат Советот за безбедност на ОН ќе им даде на трупите со бројност од 15 илјади војници. „Околностите се’ уште не се доволно прецизирани, на пример и што се однесува на кооперацијата на трупите на УНИФИЛ со либанската армија“ – укажа Штег.

Какво и да биде решението на владата, Здружението на припадниците на Бундесверот не може да си замисли натамошен ангажман на германски војници во странство. Претставникот на Здружението Вилфрид Штолце рече: „Бундесверот не може да биде насекаде во светот, каде има граѓански војни, каде страните во конфликтот мора да се држат раздвоени“.

И опозицијата е незадоволна од тоа како се води дискусијата и бара навремено да биде вклучена во донесувањето решение, оти без согласност на парламентот ниеден германски војник не може да оди на Блискиот исток. „Мислам дека би било правилно госпоѓа Меркел не само да го прекине одморот за да ги информира претседателите на фракциите, туку треба да ги информира и опозиционите фракции за тоа какви предлози воопшто треба да бидат поднесени, а не да создава свршени факти“ – вели Ренате Кинаст, шеф на фракцијата на Зелените.

Канцеларот Меркел денеска и утре ќе разговара со раководствата на парламентарните фракции. Опозицијата за петок побара седница на Комисијата за надворешна политика, за дискусијата да ја внесе во парламентот. Дебатата не треба да биде затворена за јавноста, смета министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер. „Потребна ни е отворена, јавна дискусија. Сојузната влада со право очекува таа со своите предлози да ја даде основата за дискусијата. Но, ние мораме дискусијата така да ја водиме, што на крајот парламентот ќе може да донесе решение – и ние ќе гарантираме за тоа“.

На конференција во Њујорк денеска ОН ќе ги приберат првите пријави од земјите кои сакаат со свои војници да учествуваат во мировните трупи за Блискиот исток. Предлог, но незадолжителен, ќе поднесе и Германија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми