Германија: Против Ковид-19 со пакет од 1,1 билиони евра
БГ /АФП
25 март 2020
Бундестагот вечерва изгласа пакет- мерки вредни речиси 1.100 милијарди евра за одбрана на економијата од ударот на пандемијата на коронавирусот. Мерките опфаќаат помош и кредити за фирмите, и фондови за здравството
Реклама
Планот на владата доби широка поддршка во Бундестагот каде пратениците седеа далеку едни од други почитувајќи ги мерките за заштита од новиот коронавирус.
Пакетот, кој е без преседан во повоена Германија, предвидува широки мерки за поддршка на бизнисот, здравствениот систем, како и стотици милијарди евра гаранции за банкарските заеми кон фирмите. За првпат се укина и ткн. должничка кочница, и државата се задолжи за 156 милијарди евра.
Претходно, во САД законодавците одобрија уште поголем пакет вреден 2 трилиони долари.
Германскиот пакет сега треба да го одобри и горниот дом на парламентот, но тоа се смета за формалност.
Со новите мерки, владата планира да создаде „економски стабилизациски фонд“ со кој ќе понуди гаранции во вредност од 400 милијарди евра за долговите на компаниите, 100 милијарди евра како гарантии за заеми или за купување акции во фирми, и уште 100 милијарди евра за поддршка на државната инвестициска банка- КФВ. Со дополнителните средства, КФВ сега ќе има на располагање 822 милијарди евра за заеми.
Пакетот-мерки во парламентот го претстави вицеканцеларот Олоф Шолц кој ја заменува канцеларката Ангела Меркел откако беше откриено дека таа контактирала со лекар кој бил заразен од коронавирусот. Денешниот, втор, тест на Меркел исто така е негативен, но таа останува во домашна изолација. Третиот тест ќе биде направен на почетокот на следната недела.
Каде сѐ демне коронавирусот?
Коронавирус насекаде! Можеби дури и на пиперките, билетот за возење, сопственото домашно милениче. Што воопшто смеам да допирам? Ова вознемирувачко прашање си го поставуваат многумина. Еве неколку смирувачки одговори:
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.
Затоа, треба да се биде претпазлив и кога се руча во кантината на работното место - доколку таа одамна не е веќе затворена. Коронавирусите во основа можат преку кивање или кашлање на инфицирано лице да завршат на приборот за јадење или чиниите. Германскиот институт за проценка на ризици (БфР) меѓутоа пишува дека „досега не се познати инфекции со SARS-CoV-2 кои се појавиле со ваков начин на пренос“
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
Страв од увозна стока?
Дали родителите мора да се плашат од инфекција преку играчки од увоз? Не, велат од БфР. Досега нема случаи на инфицирани лица за кои е докажано дека се заразиле преку увезени играчки или друга стока. Експертите сметаат дека вирусите немаат голема стабилност при промена на животната средина. Предизвикувачот на болеста е опасен повеќе денови пред сѐ во услови на студ и голема влажност на воздухот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Пакети полни вируси
Коронавирусите кои го напаѓаат човекот не се особено стабилни на суви површини. Со оглед на тоа што стабилноста на вирусите надвор од човечкиот организам зависи од могу фактори, како темпертурата и влажноста на воздухот, БфР ја смета инфекцијата по пошта за „главно неверојатна“. Сепак, институтот признава дека сѐ уште не располага со точни податоци за SARS-CoV-2.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Вирусен пинг-понг со домашното милениче?
Дали моето куче може да ме зарази мене или јас да го заразам него? Ризикот домашните миленичиња да се заразат од коронавирус е оценет како низок од страна на експертите. Но, тој не може сосема да се исклучи. Самите животни не покажуваат симптоми, значи не заболуваат. Но, доколку се инфицирани тие може преку својот здив, плунка, повраќање, урина да го пренесуваат вирусот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Tarantino
Опасен зеленчук?
Пренесување на SARS-CoV-2 преку контаминирани прехранбени продукти, според БфР, не е веројатно. Досега нема докажани случаи на инфицирање на ваков начин. Темелно миење на рацете пред подготовка на оброкот, и во времиња пред и по коронавирусот, е нешто што се подразбира. Со оглед на тоа што вирусите се чувствителни на топлина, загревањето на намирниците натамошно го намалува ризикот од инфекција.
Досега познатите САРС и МЕРС коронавируси не сакаат топлина, но се прилично отпорни на студ. Тие може да останат опасни дури две години на температури од минус 20 степени Целзиусови. БфР меѓутоа смирува: досега нема укажувања за ланец на инфекции со SARS-CoV-2 преку конзумирање храна, вклучително и замрзнати продукти.
Избувнувањето на КОВИД-19 има и едно добро: Кина забрани храна од диви животни. Сѐ укажува на тоа дека новиот коронавирус врз човекот е пренесен од лилјаци. Лилјаците за тоа не се виновни, зашто веројатно завршиле во супа против своја волја. Но, борбата против SARS-CoV-2 ќе трае многу подолго и ќе биде потешка од ослободувањето од храна од диви животни.