Германскиот министер за финансии Олаф Шолц размислува за стимулативен пакет за економијата, доколку земјата западне во целосна рецесија. Тоа ќе биде напуштање на политиката на балансиран годишен буџет.
Реклама
Доколку помине планот на Шолц, тоа ќе биде радикална промена на филозофијата од последната деценија кога претходникот на Шолц, Волфганг Шојбле инсистираше на политика без нови задолжувања. Балансираната буџетска политика стана составен дел и од германскиот речник со усвојувањето на терминот „црна нула“, која го симболизираше инсистирањето на Шојбле на чисти сметки.
Досега, и Шолц размислуваше така. Но со порастот на глобалните економски ризици, во владата се свесни дека досегашниот курс веројатно не е идеалниот.
Каква е состојбата?
Дебатата за фискалниот стимул се отвори по објавувањето на економските податоци од страна на Сојузната служба за статистика (Дестатис) минатата недела. Бројките покажуваат дека германската економија се намалила за 0,1% во периодот април-јуни годинава, а индикаторите за следниот квартал исто така не се розови.
Негативниот раст во два последователни квартали ќе ја одведе Германија во техничка рецесија, согласно дефиницијата на експертите. Во својот последен извештај, германската Централна банка, додаде масло на огнот со проценката дека не гледа знаци на летно опоравување. Банката оценува дека намалениот извоз е главната слабост, но додава дека зголемената домашна потрошувачка и градежништвото спречуваат сликата да изгледа уште полошо. Според Централната банка, останува да се види дали извозот ќе се опорави, или во спротивно ќе ги повлече со него надолу и вработеноста и домашната потрошувачка.
Особено проблематична е автомобилската индустрија која вработува околу 800 илјади луѓе во земјата. Според главниот економист на Дојче Банк, Штефан Шнајдер глобалната побарувачка за возила нема да порасне пред последниот квартал годинава.
Втор проблематичен сектор е хемиската индустрија. Производството на хемикалии во Германија годинава ќе падне за 2,5% и дополнителен 1% следната година.
„Со оглед на критичната состојба во глобалната економија, доколку се отвори уште некој ризик, тоа може лесно да ја втурне Германија во целосно поинакво сценарио во кое, ревизиите на бројките на раст нема да се сведат само на промили“, предупредува Шнајдер.
Од помош ли се субвенциите?
Економистите велат дека тоа ќе зависи од планот на владата за што ќе ги троши парите и, секако, од неговата големина.
Засега не се познати многу детали за планот на министерот за финансии. Според медиумските извештаи, Шолц сака да инвестира околу 50 милијарди евра во економијата- што ќе биде речиси еднакво на стимулативниот пакет кој државата го вшприца во економијата за време на глобалната финансиска криза пред една деценија.
Наводно, Шолц планира да ги потроши дополнителните средства на зголемување на домашната потрошувачка и на заштита на работните места, особено преку зголемување на платите на оние кои работат привремено. Тој пристап веќе еднаш функционираше, овозможувајќи им на компаниите да ги задржат вработените и да не мораат да бараат нови работници откако економијата се опорави.
Засега не се споменува она што економистите го бараат со години- драстично зголемување на инвестициите во националната физичка и дигитална инфраструктура, кои исто можат да помогнат во отворањето работни места.
Сепак, на Шолц не му се брза. Тој најавува дека стимулативниот пакет ќе стапи во сила дури откако земјата и формално ќе влезе во фазата на техничка рецесија. А пред да ги распредели парите, Бундестагот ќе мора да се согласи дека е време на криза и да го отвори патот за екстра трошење.
Неколку совети за аплицирање за работа во Германија
Во Германија, апликантите често пати грешат за исти работи. Еве неколку совети како да го направите следниот чекор во процесот на вработување. Многу нешта звучат очигледно, но не ги потценувајте!
Фотографија: Colourbox
ТРЕБА: Аплицирајте за реалистични работни места
Прочитајте го описот на работното место и бидете сигурни дека ви одговара. Доколку тукушто излегувате од училиште, немојте да аплицирате за директорско место. Но, истовремено не бидете прескромни. Компаниите често добиваат огромен број апликации и посветуваат едвај 5 минути за секој кандидат. Доколку веднаш не увидат дека одговарате, Вашата апликација ќе заврши во одбиените.
Фотографија: picture-alliance/dpa
НЕ ТРЕБА: Да испраќате нецелосни апликации
Бидете сигурни дека испраќате се што е потребно за огласот. Секогаш нека ви бидат подготвени документите, за да не пребарувате во последен момент. Најчесто ќе ви требаат Биографија, Мотивациско писмо, препораки и ПДФ копии на дипломите, како и други документи кои ја докажуваат Вашата квалификација.
Фотографија: C. Klose/dpa/picture alliance
ТРЕБА: Држете се до стандардот
Иако креативноста е често добар квалитет, треба да водите сметка за некои германски стандарди во апликацијата, на пример: датум на раѓање, брачен статус - и најконтроверзно- Ваша фотографија.Тоа е традиција во Германија. Повеќе не е неопходно, но комисиите сакаат да ја видат, макар и само за да им помогне да ги запаметат кандидатите.
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
НЕ ТРЕБА: Испраќање до непознат
Не ја адресирајте апликацијата со „До засегнатите“ или „Драги г-не, дрaга г-ѓо“. Потрошете малку време на истражување на компанијата и пронајдете кој е шеф на човечки ресурси. Тоа покажува иницијатива и интерес. Пребарајте на интернет страницата на компанијата или на социјалните мрежи за да знаете кому да се обратите. Не заворавајте да ја наведете и адресата на компанијата на писмото.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Klose
ТРЕБА: Лекторирајте
Ова е нешто што оние кои регрутираат постојано го потенцираат- лекторирајте! Лесно е, бесплатно и не одзема многу време. За некои оддели едноставните јазични грешки се крај. Други имаат повеќе разбирање, но сепакт остава многу лош впечаток, особено ако другите апликанти се потрудиле нивната апликација да биде безгрешна.
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
НЕ ТРЕБА: Да го правите сами
Побарајте помош или совет, особено доколку не сте од Германија и не ви е мајчин јазик. Нека препрочитаат и нека ви сугерираат идеи. Дури и доколку Биографијата ви е на англиски, вашето мотивациско писмо треба да е на германски. Работодавачите веројатно ќе сфатат дека некој ви помогнал, но ќе знаат и дека ви било важно да се претставите во најдобро светло.
Фотографија: picture alliance/dpa/S. Marks
ТРЕБА: Да биде автентично
Лажење во апликацијата е лоша идеја. Бидете свои и бидете креативни. На германскиот пазар на трудот сега е далеку понеформално во однос на изгледот. Тетоважи, пирсинг и шорцеви до неодамна беа неприфатливи. Сега дури и полицајците си ги покажуваат тетоважите. Овие добредојдени промени имаат врска со дигитализацијата и недостатокот на квалификувани работници.
Фотографија: picture-alliance/empics/A. Matthews
НЕ ТРЕБА: Да бидете неконзистентни
Вашето резиме и мотивациското писмо нека бидат конзистентни. Тоа се однесува на форматот, фонтот, јазикот, сѐ. Тоа се првите нешта кои се гледаат и кои оставаат впечаток. Содржината исто така мора да биде конзистентна: датуми, места, настани... не смее да има разлика. Во суштина, подобро е да се испрати повеќе одошто помалку. Но, истовремено, не претерувајте со текст од 30 страници!
Ова е важна животна лекција која многумина се уште ја игнорираат кога постираат пијани фотографии или неприкладни нешта. Замислете што ќе помисли идниот шеф за Вас? Дополнително, вашите социјални профили треба да бидат ажурирани и да покажуваат позитивен имиџ на прикладен кандидат за работното место кое се бара.