Германија ќе следи неонацисти преку национален регистар
18 ноември 2011
Германија ќе создаде национален регистар за милитантни неонацисти, најави министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих, по состанокот на околу 120 највисоки државни функционери, на кој се дискутираше за пропустот на службите во детектирањето на неонацистичката банда која убила најмалку 10 луѓе во изминатата деценија.
Фридрих призна дека имало недостатоци и пропусти во работата на службите кои требало да ги спречат неонацистите.
Во регистарот, кој ќе биде посебно кадровски екипиран, ќе се собираат податоци од различни агенции и полициите во 16-те покраини. Работна група ќе треба да ги изработи деталите за неговото формирање пред да биде преточен во закон.
Според проценките, во Германија има околу 10 илјади милитанти кои се сметаат за следбеници на Адолф Хитлер и се подготвени на насилство. Државниот јавен обвинител, Харалд Ранге проценува дека во моментов постојат најмалку три групи кои се под сомнение.
Неонацистите од Цвикау имале поддржувачи
Двајца од припадниците на Националсоцијалистичкото подземје, групата која ги извела десетте убиства, се самоубија под се‘ уште неразјаснети мотиви. Третиот член, Беате Ч. се наоѓа во притвор, но одбива да комуницира со полицијата.
Ранге вели дека има и други осомничени, за кои се претпоставува дека биле поддржувачи на групата од Цвикау.
Безбедносните служби пронајдоа нова листа во домот на неонацистичкото трио, на која се наоѓаат имиња на 10 илјади политичари, црковни и други групи кои се спротивставуваат на неонацистичкото движење. Полицијата засега ги отфрла сомневањата дека станува збор за листа за одстрел. Претходно, беше пронајдена друга листа на која беа имињата на 88- личности и организации, но и за неа е нејасно која и‘ била целта.
Што се однесува до барањата да се забрани десно-радикалната партија НПД во Германија, министерот за внатрешни работи Фридрих вели дека за тој предлог и понатаму ќе се разговара, но нема дефинитивна одлука. Ќе се формира работна група која треба да изработи студија на таа тема.
Автор: Борис Георгиевски/дпа
Редактор: Александра Трајковска