Германија: 100 милијарди евра помали приходи од даноците
БГ /АП
14 мај 2020
Германската влада годинава мора да смета на големо намалување на приходите од даноци поради кризата со коронавирусот. Тоа е прв пад на даночните приходи од финансиската криза пред 10 години.
Реклама
Според проценката на даночните експерти објавена од министерството за финансии, сојузните, покраинските и локалните власти годинава ќе реализираат 717,8 милијарди евра од даноци, што е далеку помалку од собраните 799,3 милијарди во 2019 година. Прогнозата за годинава беше дека даноците ќе донесат 816,4 милијарди евра во буџетската каса. Проценките предвидуваат дека следната година преку даноци ќе се соберат 792,5 милијарди евра, и 816 милијарди во 2022 година.
Германската влада годинава за првпат го напушти принципот на балансиран буџет и се задолжи со 156 милијарди евра за да го финансира пакетот за спас на стопанството и да го покрие минусот од даноците.
Празни авиони, празни ресторани
01:23
Севкупно, германската влада одобри над 1,000 милијарди евра како помош преку различни пакети, кои предвидуваат средства за мали компании и индивидуални бизнисмени, но и капитал за големите компании.
Германскиот министер за финансии Олаф Шолц, кој ја карактеризираше кризата како „природна катастрофа“, најави дека владата планира и стимулативен пакет на почетокот на јуни. Шолц се надева дека мерките ќе придонесат за модернизација на економијата и на дигиталната инфраструктура во земјата, како и за битка со климатските промени.
Кои фирми профитираат од коронавирусот
Стравот од коронавирусот тешко ги погодува финансиски пазари. Кога компаниите мора да ги коригираат своите прогнози за добивка и промет надолу, тоа е отров за курсот на акциите. Но, сепак има и такви кои профитираат.
Кога во последната недела од февруари курсот на акциите ширум светот драматично падна, акциите на платформата за видео стриминг успешно се спротиставија на трендот. Аналитичарите сметаат дека т.н. „останете дома“ акции , како оние на „Нетфликс“ можат да им обезбедат богатство на инвеститорите за време на појавата на коронавирусот, бидејќи на сѐ повеќе луѓе им се вели да останат дома.
Фотографија: picture-alliance/AA/M.E. Yildirim
„Откачете“ го фитнес-клубот
Акциите на фитнес старт-апот Пелотон Интерактив, кој произведува велосипеди за вежбање и, исто така, нуди фитнес часови преку интернет, скокнаа бидејќи стравот од коронавирусот може да поттикне многу фитнес ентузијасти да не одат во своите теретани и клубови и да се одлучат за понудите на Пелотон.
Шефот на фармацевската компанија „Модерна“, Стефан Банкелза кусо време стана милијардер откако компанијата испорача експериментална вакцина против коронавирусот за клиничко тестирање кај луѓето, со што се зголеми цената на нејзините акциите. И Лим Ви Чаи од Малезија, мнозински акционер во фирмата за медицински ракавици „Топ Глав“, влезе во клубот на милијардери среде избувнувањето на вирусот.
Останете дома, останете поврзани
Акциите на телеконференцискиот старт-ап „Зум Видео“ пораснаа речиси за 50% од февруари, откако инвеститорите проценија дека сѐ повеќе луѓе поради стравот од коронавирусот ќе работат од дома. Компанијата веќе придодаде повеќе активни корисници годинава - 2,22 милиони - отколку во целата 2019 година.
Фотографија: zoom.us
Празни полици во супермаркетите
Во супермаркетите, како германскиот „Реве“ и францускиот „Карфур“, прехранбените производи „летаат“ од полиците додека купувачите во паника ги зголемуваат домашните залихи. Затоа инвеститорите засилено вложуваат во акциите на компаниите за пакувана храна. И онлајн трговците, како Амазон, исто така, имаат поголема побарувачка, бидејќи купувачите поради страв од вирусот ги избегнуваат продавниците.
Произведувачите на маски за лице, дезинфекциски средства за раце и дезинфекциски марамчиња се сведоци на огромен раст на побарувачката, бидејќи купувачите бараат начини да се заштитат од вирусот кој брзо се шири. Фирмата „3M“, која меѓу останатото произведува и маски за лице, е една оние со најголема добивка.
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/Yichuan Cao
„Во секое време, насекаде“
Германската софтверска компанија „ТимВјуер“ која им овозможува на корисниците да работат од далечина (од дома), е сведок на голема побарувачка на нејзините услуги, особено во Кина, епицентарот на коронавирусот. На Франкфуртската берза цената на акциите на оваа компанија забележа огромен раст во изминатите неколку дена.