1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германки во џихад

Мартин Кох / Б. Георгиевски14 март 2014

Во сириската војна се повторува трендот виден и на други подрачја зафатени со војни: муслиманките земаат оружје и се борат во т.н. света војна. Сѐ повеќе такви борци доаѓаат од Германија.

Фотографија: picture-alliance/landov

Жени со бурки и со оружје во рацете - загрижувачки слики кои во исто време го привлекуваат и вниманието на јавноста. „Таквите џихадистки сѐ повеќе ја фасцинираат јавноста“, вели Гидо Штајнберг, исламолог од фондацијата за наука и политика во Берлин.

Овие феномени се познати од порано. Примери се брановите самоубиствени напади на жени во Палестина и Ирак, како т.н. „црни вдовици“ во Чеченија. Рита Бројер од Сојузниот уред за заштита на уставот, вели дека таквите појави им одговараат на исламистите, бидејќи на тој начин добиваат поголемо внимание за нивните идеали. Според инфомациите на нејзиниот уред, во Сирија, меѓу 80-те илјади бунтовници кои се борат против претседателот Башар ал-Асад, има и најмалку 80 Германци, и веројатно околу 40 жени. Точната бројка, сепак, не е позната.

Она што е воочливо е дека меѓу симпатизерите поголемиот дел се млади луѓе. Последниот случај кој го привлече вниманието беше оној на гимназијалката Сара од Констанца. Според информациите на службите во покраината Баден Виртемберг, оваа 15-годишна девојка во октомври 2013 година преку Турција отпатувала во Сирија. На интернет самата објави фотографии на кои се гледа со оружје в рака. Таа ги повикува и другите жени да се вклучат во борбата.

Одмаздата - најголем мотив

Според експертот на АРД за тероризам, Холгер Шмит, со тоа е постигната нова димензија.

„Овој случај е посебно интересен бидејќи таа е, според моите информации, најмладата девојка од Германија која заминала во воено подрачје и која, според сопствените наводи, е подготвена да преземе и активна улога во борбите“.

Исламологот Штајнберг вели дека кон оваа тема мора да се пријде внимателно, дури и кога фотографиите на социјалните мрежи јасно укажуваат на воено сценарио. „Тоа е само доказ дека тие жени со задоволство се сликаат со оружје. Но, не се знае дали навистина биле обучувани. Нема докази дека Германки се активни во војната во Сирија“, вели Штајнберг.

Исламолозите велат дека верските и општествените правила за жените се доста построги бидејќи многу исламски борци во жените гледаат само испомош, а нивното учество во борбите го одбиваат.

Според други експерти, само е прашање на време кога од Сирија ќе стигнат извештаи дека жените се активни во „света војна“, без разлика дали како борци или бомбаши самоубијци. Еден од најголемите мотиви за жените е одмаздата поради губењето на сопругот или близок роднина. Токму тоа е забележливо кај „црните вдовици“ во Чеченија, кои преку самоубиствените напади сакаат да се одмаздат за смртта на нивните сопрузи кои загинале во битките против руските трупи.

Исто така и оправдувањето на сопствената вина може да биде мотив да се загине за исламот. Неретко се работи за сексуални престапи кои според Коранот се сметаат за грешнички. Експертите наведуваат и дека жените кои се радикализираат се душевно лабилни и со нив лесно се манипулира.

Германски проблем

Мажите и жените кои во Германија ќе се вратат од воените подрачја, можат да бидат проблем за Службата за заштита на уставниот поредок, затоа што најчесто се многу идеологизирани, веројатно и тешко трауматизирани и евентуално планираат напади и во Германија. Експертот за тероризам Шмит вели дека не е случајно тоа што токму сега во Германија се отвора темата за ангажманот на Германките во исламистичките групи.

Гидо ШтајнбергФотографија: DW

„Тие можат да бидат доста опасни. Мислам дека Службата од одредени причини укажува на тоа. Имено, доколку личноста која се вратила од воена зона, тука стори нешто, би можело да и‘ се приговори на Службата дека не предупредила на таа опасност“, вели Шмит.

Тој вели дека за Германија во иднина ќе биде голема задача да ги открие таквите повратници и да ги спречи да сторат кривично дело. Исто толку е важно таквите личности да се заштитат и пред радикализацијата. Случајот на 15- годишната Сара е доволно предупредување.

„Тешко е да се претпостави нешто такво да не биде забележано од опкружувањето. Важно е во такви случаи да реагираат родителите, пријателите, училиштата, па дури и да се бара помош од социјални работници или од полицијата“, вели Шмит.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми