1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската армија дебатира за мисијата во Авганистан

Нина Веркхојзер11 март 2008

Интерниот спор во НАТО сојузот околу поделбата на товарот во мисијата во Авганистан се наоѓа во центарот на вниманието на дводевното советување на раководните кадри на германската армија.

Германски војници во АвганистанФотографија: AP

Советувањата на највисокиот команден кадар на германската армија се одржуваат само по потреба. Тоа е еден вид дебатен форум на Бундесверот, каде офицерите разговараат отворено за постоечките проблеми и бараат решенија за нив. Како главна тема на 41-то Советување шефот на Генералштабот Волфганг Шнајдерхан го постави ангажманот на Бундесверот во Авганистан. Повод за тоа се зголемените барања на НАТО сојузот за ангажирање на германските војници и во борбените операции и тоа не само на релативно помирниот север од земјата, туку и во останатите региони.


За генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер, кој важи за горлив заговорник за поголем ангажман на Алијансата во Авганистан, ова беше добредојдена прилика да ги образложи своите ставови пред најодговорните офицери на германската армија:
„Во Алијасната, во која сите се поддржуваат взаемно, не може да има поделба на работата според која едните ќе се специјализираат за водење борби, а другите за стабилизирање на конфликтот. Сите мора да можат се‘. Сите држави членки мора да имаат војници кои се и борци и дипломати!„ – нагласи Шефер.
Вкрстени аргументи на Меркел и Шефер
Но, војниците на германската армија имаат мандат само да се борат во сопствена одбрана и во вонредни ситуации. Нивна главна задача е стабилизирањето на Северен Авганистан, порача канцеларката Ангела Меркел на советувањето во Берлин:
„Не сметам дека е исправно да почнеме да се натпреваруваме во тоа кој има поопасна мисија. Оние кои се ангажирани на Северот на Авганистан добро знаат дека тамошната мисија воопшто не е неопасна. И затоа треба да разговараме како да го доведеме до успех целиот ангажман во Авганистан, во кој германскиот прилог е важен и сеопфатен.„
Наспроти Меркел која нагласуваше дека Бундесверот треба да остане на северот, Шефер порача дека не гледа смисол во тесно ограничени подрачја на надлежност:

„Оваа земја или ќе ја освоиме како целина или ќе ја загубиме како целина. Ова гледиште треба да го застапува не само Брисел, туку и националните влади на 26-те земји членки.„
Германската позиција останува иста
Министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг порача дека не смета оти германската влада треба повеќе да ги разуверува сопствените граѓани во нужноста од преземање зголемени обврски во мисијата во Авганистан. Според него, но и според канцеларката Меркел, пристапот во кој се комбинираат воените со мерките на цивилна обнова е успешен и треба да се застапува и понатаму.
По ваквата принципиелна дебата, денеска на вториот ден од советувањето водечките офицери на Бундесверот расправаат за конкретните недостатоци и проблеми во мисијата во Авганистан – секако зад затворени врати.


Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми