Дозвола за кривично гонење на Бемерман
15 април 2016![](https://static.dw.com/image/19190935_800.webp)
Германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Берлин соопшти дека во случајот на сатиричарот Јан Бемерман владата дала дозвола за кривична постапка.
„Во една правна држава не е задача на владата, туку на обвинителството и судовите да разгледуваат и одлучуваат за случаи на личното право и други работи кога станува збор за слобода на печатот и на уметноста. Во правна држава давањето дозвола за кривично гонење за навреда на органи и претставници на странски држави не значи ниту предвремена осуда на погоденото лице, ниту пак предвремена одлука за границите на слободата на уметноста, печатот и мислењето. Тоа е само дозвола за правна проверка и не владата, туку обвинителствата и судовите ќе го имаат последниот збор. Токму во таква и во никаква друга смисла и рамки сојузната влада дава дозвола во конкретниот случај на водителот Јан Бемерман. Освен тоа, сакам да ве информирам дека независно од оваа конкретна постапка, сојузната влада е на мислење дека параграфот 103 од Кривичниот закон како казнена норма за заштита на личната чест е во иднина излишен. Затоа ќе поднесеме предлог за негово укинување“, изјави денеска Меркел во Берлин.
Со параграфот 103 од Кривичниот закон се регулираат случаи на „навреда на органи и претставници на странски држави“. Во него се вели дека „оној кој навредува странски лидер се казнува со затворска казна во траење до три години“. Предуслов за обвинителството да покрене постапка е за тоа согласност да даде владата. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган поднесе барање за кривично гонење на сатиричарот Бемерман поради навреда. Бемерман рецитираше навредлива песна за Ердоган, притоа и самиот нагласувајќи дека тоа не е сатира, туку навредлива критика.