1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Берлин неединство околу мисија во Ормускиот Теснец

Бенџамин Најт
31 јули 2019

Германската влада е поделена околу вклучување во мисија предложена од Велика Британија за заштита на транспортот во Ормускиот теснец. Според СПД, било каква воена опција ќе придонесе само кон ескалација на конфликтот.

Iran, Anspannung am Persischen Golf
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Akhoondi

Германската влада се мачи да најде јасна линија за тоа дали ќе учествува или не во европската поморска мисија во Oрмускиот теснец. Британската влада минатата недела предложи заедничка европска мисија за да се заштити транспортот во регионот, при што во последните недели, Иран и Британците запленија танкер, пријавен од друга земја.

Норбер Ретген, висок член на конзервативната Христијанско демократска унија, ЦДУ на Ангела Меркел и претседател на парламентарната комисија за надворешни работи укажува дека Германија има морална одговорност да се вклучи, особено поради фактот дека земјата е економски зависна од извоз.

„Нашиот напредок зависи од слободниот превоз", вели Ретген за ДВ. „И ние мора да ставиме јасно до знаење дека стоиме рамо до рамо со нашите британски пријатели, партнери и сојузници кои се засегнати. Мора да има заедничка европска акција. За жал постојат фундаментални разлики во политиката на Иран со САД, поради што не можеме да соработуваме безусловно со Вашингтон."

Но Социјалдемократската партија, СПД, која е во коалиција со конзервативците и во моментов го води Министерството за надворешни работи на чело со Хајко Маас, е многу повнимателна.

„Германското учество во моментов не е ниту неопходно ниту поволно," вели за ДВ Карл-Хајнц Брунер, член на СПД во Комисијата на Бундестагот за одбрана. „Секако обезбедување на сигурни транспортни рути е особено важно, но јас сум убеден дека ова исто може да се постигне со дипломатски средства. Во актуелната ситуација, воена опција може само да придонесе кон поголема дестабилизација."

Многу опции и многу нејаснотии

Притеснети меѓу двете партии, владините портпароли се мачеа да дадат јасна линија за темата при средбата со медиумите во понеделникот. Официјалниот преставник на Министерството за надворешни работи Кристофер Бургер изјави дека нема ништо ново што треба да се сподели бидејќи „нема ништо поконкретно поврзано со идеата која дојде од европските партнери."

Во меѓувреме, германските опозициски партии сметаат дека таквата идеа е опасна: „Германија не треба да падне во замката на Трамп и неговиот поданик Џонсон (премиерот на Велика Британија) и да влезе во конфликт или во подготовка на војна против Иран, " изјави за ДВ Севим Дагделен, пратеник во Бундестагот од Левицата.

Придружување на десетици трговски бродови кои секојдневно поминуваат низ теснецот би било невозможноФотографија: picture-alliance/Photoshot/ISNA/M. Akhoundi

Има огромен број на прашања околу тоа што всушност може Германија воено да придонесе во една ваква операција. „Морнарицата со години функционира на работ на своите можности", вели пратеникот од СПД, Фриц Фелгентрау кој исто така е член на Комисијата за одбрана во Бундестагот. „Може да преземе нови обврски само ако се ослободи од други мисии, во спротивно постои закана од недостаток на персонал и опрема."

Новинарот и експерт за одбрана, Томас Виголд вели дека во суштина германскиот Бундесвер може многу малку да понуди. „Наједноставното и најбрзото нешто што може да го направи е да распореди поморска авио-патрола," вели тој за ДВ. „Ако зборуваме за бродови тоа може да биде многу проблематично за германската морнарица. Тие секако имаат лимитиран број, голем дел од бродовите им се на поправка подолго од планираното. Многу веројатно ќе треба да земат воени бродови или од единиците во НАТО или од други мисии."

Што е реално?

Најголемиот воен брод во близина е фрегатата Хесен, во моментов е во Егејското Море - како што стои на веб страната на Бундесверот - како дел од мисијата на НАТО за подобрување на „размената на информации и реакција против трговците со луѓе и нивните мрежи." „Тие патролираат меѓу островите за да запрат премин на мигранти преку Турција на грчките острови," вели Виголд. Германија исто така има помали бродови кои патролираат во водите околу либанскиот брег како дел од мисијата на ОН која треба да гарантира прекин на огнот меѓу Израел и Либан. „Ако се повлече само еден од овие бродови, тоа нема да биде само воен проблем туку и политички, бидејќи двете мисии се доста високо на политичката агенда," вели Виголд.

Повеќе: 

На острицата на ножот во Ормускиот Теснец

Трамп одобрил, па запрел напад врз Иран

Дозирана ескалација во Персискиот Залив

Уште повеќе, секоја заедничка европска мисија во теснецот Хормуз веројатно ќе биде лимитирана на мониторинг и надзор. Кралската морнарица која е оптоварена со различни должности, има само еден воен брод во Персискиот Залив, и тукушто праќа втор. Придружување на десетици трговски бродови кои секојдневно поминуваат низ теснецот би било невозможно. Дополнително се отвора прашањето кои бродови треба да бидат заштитени – бидејќи некои пловат под знамиња на земји кои не се членки на ЕУ, иако работат за европски компании.

Конечно, има и правен проблем. Водите во Ормускиот Теснец му припаѓаат на Иран, на ОАЕ и на Оман, со тесна линија на меѓународни води меѓу нив. И покрај тоа, токму таа тесна линија е од витално значење за светската трговија. На најтесното место е широка само 39 километри, а низ неа поминува околу 20% од целокупната светска трговија со нафта.


 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми