1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската Влада расправа за мандатот во Авганистан

19 септември 2007

Германската Влада денеска расправа за продоложување на мандатите на Бундесверот во Авганистан. Според најавите двата мандата треба од сега да бидат споени.

Оклопно возило на Бундесверот во АвганистанФотографија: AP

Едниот се однесува на мисијата за обнова што опфаќа 3.000 војници на северот од Авганистан. А вториот е поврзан со шесте разузнавачки авиони од типот “торнадо“ , за чие опслужување се потребни натамошни 500 војници. Обата мандата истекуваат во средината на октомври, а за нивно продолжување неопходна е согласноста на парламентот, кој за тоа ќе расправа на седницата закажана за 12 октомври.

Во меѓувреме командантот на германскиот контингент за северот на Авганистан, генералот Дитер Варнеке предупреди дека и во до сега мирниот северен дел од земјата се инфилтрираат се‘ почесто борци на Талибанците.

Колку се сериозни предупредувањата за навлегување на Талибанците и во северниот дел на Авганистан покажува и најновиот бомбашки напад од вчера изутрина што се случи во градот Мазар и Шариф. При минувањето на четири возила на финскиот контингент експлодира бомба поставена покрај патот. Во инцидентот, според соопштението на командата на финските ИСАФ сили, никој не бил повреден. Шефот на авганистанските безбедносните сили во покраината Абдул Рауф Таѓ изјави дека полицијата трага по сторителите. Местото на бомбашкиот напад е оддалечено само два километри од финската база и уште само неколку километри од германската. Дотолку мора сериозно да се сфатат предупредувањата на командантот на германскиот контингент Дитер Варнеке оти се‘ повеќе талибански борци навлегуваат во северниот дел на Авганистан, кој до сега се сметаше за мирен.

“Ве уверувам дека преку одличните можности за разузнавање, со кои располагаме, точно знаеме каде се ќелиите на Талибанците и што прават таму. Извршивме целни операции заедно со авганистанската армија пред се‘ во регионот на градот Кундус, а пред доаѓањето на зимата ќе се погрижиме за истото и во регионот Фаријаб.“

Пред неполни три недели при бомбашки напад во Мазар и Шариф животот го загубија повеќе цивили. А и во Кундус имаше неколку бомбашки напади од пролетта на ваму. Покрај сето на северот од Авганистан ситуацијата е и понатаму далеку помирна отколку на југот од земјата. Но, навлегувањето талибански бунтовници мора да се сфати сериозно, нагласува генералот Варнеке:

“Често станува збор за Талибанци кои во овој регион доаѓаат од други покраини и се обидуваат овде да ги прошират нивните идеи кај локалното население. Тоа мора да го спречиме. Не може да се исклучи дека станува збор за талибански борци кои се повлекуваат во помирниот север поради жестоките борби со силите на коалицијата на југот.“

Во Мазар и Шариф има моментално 1.800 војнции на Бундсверот, што изнесува повеќе од половината од вкупниот контингент. Од тука полетуваат и шесте разузнавачки авиони на военото воздухопловство. Останатите германски војници се разместени во уште два тима за обнова во градовите Кундус и Фајсабад, исто на северот од Авганистан.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми