1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Германската воена „пресвртница“

Сабине Кинкарц
29 април 2022

Испораки на оружје за Украина, 100 милијарди евра за Бундесверот: „пресвртницата“ што ја најави канцеларот Шолц добива облик. Сепак, многу побавно отколку што некои очекуваа. За тоа постојат причини.

Оклопна хаубица 2000 од германско производство
Оклопна хаубица 2000 од германско производствоФотографија: Klaus-Dietmar Gabbert/dpa/picture alliance

Кога Бундестагот одлучи (28.04.2022) дека Германија ќе ја поддржи Украина во војната со Русија и со тешко оружје, канцеларот беше во Јапонија. Германија годинава претседава со Г7, седумте економски најсилни демократии во светот. Посетата на членките е задолжителна, а патувањето беше одамна закажано.

Во Бундестагот, сепак, имаше критики. Беше „неопходен државнички говор“, рече пратеникот Јохан Вадефул од најголемата опозициска пратеничка група, ЦДУ/ЦСУ. Пред неколку дена тој го обвини Шолц дека е „соодговорен за беспомошноста на Украина“. Канцеларот со недели ја избегнува дискусија за испораката на оружје, додаде шефот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ,  Фридрих Мерц. „Тоа е двоумење, тоа е одолговлекување, тоа е плашливост.“

Пленарната сала на германскиот парламент - Бундестагот Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Пацифизмот има долга традиција во СПД

Дали Фридрих Мерц ја погоди суштината со својата критика? Во суштина, политичкиот процес, кој Олаф Шолц го иницираше пред два месеца со терминот „пресвртница“ и кој покрај испораките на оружје за Украина, вклучува и вооружување на Бундесверот со посебен фонд од 100 милијарди евра, е веројатно покомплексен.  За да се разбере, треба да се фрли поглед кон СПД, партијата на канцеларот.

Меѓу социјалдемократите има многу убедени мировни политичари. Тие се и во пратеничката група во Бундестагот, која ја предводи Ролф Мицених. 62-годишниот политичар е убеден пацифист. Како и многу социјалдемократи, тој со децении беше на мислење дека безбедноста во Европа може да има само со Русија, никогаш против неа.

Кога Русија веќе ги имаше распоредно своите војници на границата со Украина, Мицених истакна дека причина за тензиите е „незаузданата, неконтролирана трка во вооружување“ и рече дека може „мисловно“ да разбере оти Русија се чувствува загрозена од НАТО.

СПД и Русија

Мицених секогаш го застапуваше ставот дека Германија треба да има исто толку добри односи со Русија како што има со САД. Политичкото вклучување на Русија преку блиски економски врски се одвиваше под слоганот „промена преку трговија“ и доведе до силна енергетска зависност од Русија под канцеларот на СПД, Герхард Шредер.

Шефот на пратеничката група на Социјалдемократите во Бундестагот, Ролф МиценихФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Поради руската агресивна војна во Украина, СПД мораше целосно да се преиспита на две нивоа: во однос на Русија и во оценката на воената сила. Тоа не беше лесно за секого, а тоа го знаеше и Олаф Шолц, кој за сите политички одлуки е упатен на поддршката на неговата партија.

„Пресвртницата“ беше „пуч“

Шолц е прагматичар, но размислува и многу стратешки. Кога Русија ја нападна Украина, канцеларот мораше да дејствува. Тој знаеше дека неговата најава дека ќе го вооружува Бундесверот и ќе се откаже од германската догма да не испорачува оружје во кризните и воените зони, ќе ги преврти на глава децениските социјалдемократски убедувања. Така, тој мораше да ја изненади својата СПД и да ја соочи со свршен чин.

Повеќе: Тешко оружје за Украина: Кои земји и што испорачуваат?

Шефот на пратеничката група на СПД, Мицених, не беше запознаен за деталите - како и многу други во владината коалиција. Многумина од редовите на Зелените се исто така политички воспитани во традицијата на мировното движење. Кога Олаф Шолц даде владина изјава во Бундестагот на 27 февруари и ја објави „пресвртницата“, имаше многу изненадени и збунети лица. 

Но, додека дури и пацифистите во Зелените брзо се прилагодија на новата ситуација, многумина во СПД до ден-денес имаат проблеми со тоа. Ваквата состојба дефинитивно не му ја олеснуваше работата на Олаф Шолц.

Германскиот канцелар Олаф Шолц на 27 април 2022 во Бундестагот ја најави воената „пресвртница“ на земјатаФотографија: ODD ANDERSEN/AFP/Getty Images

Канцеларот во последните неколку недели изгледаше сè пораздразнет поради зголемениот меѓународен притисок, но и поради критиките од редовите на владината коалиција. Додека мнозинството од СПД кочеше, за Зелените и за Либералите германските одлуки не се донесуваа доволно бргу. Шолц беше растргнат меѓу политичките фронтови.

Но, сега, со резолуцијата на Бундестагот, канцеларот си отвори малку простор за дишење. Сега важи следново: „Во согласност со Повелбата на Обединетите нации, Германија испорачува и оружје за самоодбрана на Украина и одобрува испораки од трети земји“. Неопходно е „да се забрза испораката на делотворно и тешко оружје, како и сложени системи на вооружување од страна на Германија“. Сепак, многу прашања и натаму остануваат неодговорени.

Што е одбрана, а што напад?

Дали испораката на тенковите Гепард, која беше одобрена пред вчерашната одлука (28.04) на Бундестагот, е само почеток за снабдувањето на Украина со тешко вооружување? Во СПД во моментов сè уште смирувачки се аргументира дека Гепардот е за заштита на воздушниот простор над Украина од руските напади, така што тенкот е одбранбено оружје. Воените експерти ги гледаат работите поинаку и се осврнуваат на автоматските топови, кои можат активно да се користат и против копнени цели.

Како ќе реагира Германија ако Украина побара артилериско оружје и борбени тенкови? Кој и каде ќе ги обучува украинските војници да можат да ги користат западните вооружени системи и од каде треба да дојде муницијата? Повикувајќи се на сопствената неутралност, Швајцарија веќе го забрани извозот на муниција произведена во оваа алпска земја.

Германски тенкови од типот Гепард сега треба да ѝ бидат испорачани на УкраинаФотографија: Maurizio Gambarini/dpa/picture alliance

Каде завршува неутралноста?

Во секој случај, прашањето до каде може да оди една земја, а рускиот претседател Владимир Путин да не ја гледа како воена страна, исто така го загрижува кабинетот на канцеларот. Конечно, шефот на Кремљ им се закани на земјите од НАТО дека „молскавично“ ќе реагира доколку се вмешаат. Олаф Шолц неодамна во интервју за неделникот „Шпигел“ предупреди од можна трета светска војна и од нуклеарна војна. Тој притоа истакна дека главен приоритет е да се избегне  војната да се префрли и на НАТО.

Но, кој може да знае точно како Владимир Путин ќе реагира и до каде може да се оди без да се предизвика ескалација? Во секој случај, Бундесверот во моментов веројатно би бил ограничено вооружен. Министерката за одбрана на Германија од редовите на СПД, Кристине Ламбрехт неодамна наведе дека „на хартија“ има 350 пешадиски оклопни возила „Пума“, но само 150 се оперативни. А кога е во прашање борбениот хеликоптер „Тигар“, само девет од 51 машина може да полетаат.

Со оглед на ваквите огромни проблеми, сега се поставуваат прашања дали 100 милијарди евра специјални фондови се всушност доволни за отстранување на дефицитите во Бундесверот. Но, секој кој е запознаен со тешката и долготрајна набавка на воена опрема знае дека таквите прашања веројатно ќе станат акутни дури за неколку години.

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми