Германската политика со апел: Молиме, без приватни прослави
Рајнхард Клебер
17 ноември 2020
Политичарите се одлучија за апели, наместо за обврзувачки мерки. Тие ги повикуваат граѓаните значително да ги намалат приватните контакти и да се откажат сосема од приватни прослави.
Реклама
Канцеларката Ангела Меркел и покраинските премиери постигнаа согласност за апелирање до граѓаните - приватните средби со пријатели и познаници да се сведат на едно домаќинство. Тоа се однесува и на децата и младите во семејствата.
По видео-конференцијата, канцеларката оцени дека трендот на развој на пандемијата се’ уште не е променет. Динамиката на нови инфекции е прекината, но Германија се’ уште е „прилично оддалечена“ од целта - максимално 50 новоинфицирани на 100.000 жители во период од седум дена, рече канцеларката.
Таа најави дека наредната недела ќе биде поднесен долгорочен концепт за сузбивање на пандемијата. На 25 ноември треба да се донесе одлука како ќе се постапува во периодот по 30 ноември. На крајот на ноември, имено, истекуваат мерките од делумниот „локдаун“ во кој земјата се наоѓа во моментов. Освен тоа, треба да се одлучи и како ќе се постапува по почетокот на новата година. Треба да се создаде можност за граѓаните да можат посигурно да планираат, но за тоа да се постигне, ќе мора да се решат „многу проблеми“.
Меркел истакна дека таа веќе сега е подготвена на носење конкретни одлуки во врска со намалувањето на контактите на граѓаните, но покраинските премиер биле со „поинакво мислење“.
Сојузот и покраините ги повикаа граѓаните и при пречки со дишните органи веднаш да се посоветуваат со лекар. „Постојат многу симптоми кои е невозможно да се разликуваат од зараза со коронавирус“, рече Меркел.
ФФП2 маски за старите лица и болните
Постарите лица и болните би требало да се посетуваат само ако кај посетителите не постојат ни најмали симптоми на заболување, и тоа неколку дена пред посетата. Граѓаните кои се вбројуваат во посебно чувствителната група, како стари и болни лица, би требало да добијат 15 посебни т.н. ФФП2 маски, коишто ги штитат и оние кои ги носат. Таа набавка би требало да ја финансира државата.
Одлука за тоа како училиштата треба да се однесуваат во пандемијата е одложена за средбата планирана за наредната недела. Владата на вчерашната средба дојде со предлози за заострување на мерките во училиштата, како задолжително констатнтно носење маски, но покраините се спротивставија на такво нешто.Наставата со физичко присуство и натаму останува политички приоритет.
Германските туристички атракции во време на корона
Уште одамна низ дворецот Нојшванштајн не се поминува без река туристи. Посетителите се туркаат пред сите знаменитости. Но, во доба на корона, постои ретка прилика доживувањето да се има речиси само за себе.
Баварскиот крал Лудвиг Втори бил самотник и самотијата ја сакал и во своите дворци. Но, по неговата смрт во 1886 година, во неговите резиденции има се повеќе туристи. Најпознатата - дворецот Нојшванштајн, во една сезона го посетуваат и по 6.000 луѓе дневно. А сега ги има само околу илјада на ден.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Puchner
Катедралата во Келн
Обично таа е полна, речиси како и на блиската железничка станица. Но, во време на пандемија на коронавирус, во катедралата смеат да бидат истовремено само 300 лица. Затоа, посебно на викенд, се формираат долги редици на оние кои чекаат. А кога ќе влезат, имаат речиси единствено доживување на огромната катедрала без безбројни посетители.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarin
Дворецот Хајделберг
Романтичниот дворец, делумно во урнатини, кој се наоѓа над реката Некар, инаку го посетуваат околу 4.000 туристи дневно. Сега се преполовени, но управникот на дворецот, Михаел Без не се лути поради намалувањето на бројот продадени влезници: „Сега можете да го доживеет дворецот на посебен начин“.
Импозантната новоградба на филхармонијата над Лаб од која се пружа величествена глетка на цел Хамбург, исто така обично е преполна, а билети се купуваат со недели однапред. Сега е можно скоро да вшетате во неа, но сепак се советува претходно да се купи влезница. Бројот на посетители е строго ограничен.
Фотографија: picture-alliance dpa/C. Charisius
Куполата на Рајхстагот
И во Берлин е тешко да се влезе во зградата на парламентот и да се прошета по стаклената купола од која се пружа поглед на цел град и пленарната сала на германскиот парламент. Сега е уште потешко: доаѓање е можно само со претходн најава и во исклучителни случаи. Инаку куполата е затворена.
Фотографија: picture-alliance/dpa/imageBROKER
Берлинскиот Остров на музеи
Познатата биста на Нефертете минатата година ја виделе 4,2 милиони луѓе. Сега бројот на посетители е строго ограничен и за обиколка имаат на располагање само ограничено време. Ако сега сакате да ја видите бистата, потребно е однапред да резервирате влезница.
Фотографија: picture-alliance/U. Baumgarten
Цветниот остров во Маинау
На Островот на цвеќето во Боденско Езеро нема ограничувања за посетителите, но нив ги има многу помалку од обично. Порано доаѓаа полни автобуси, а во доба на пандемија можете на мир да го погледнете баш секој цвет.
За познатата, срушена па потоа обновена „Фрауенкирхе“ во Дрезден исто така важат строги прописи: во нејзината купола смеат да влезат само 50 лица, а во црквата вкупно 40. На концертите кои се одржуваат таму дозволено е присуство на 350 посетители, инаку ги има 1660. Редовно се бара карта повеќе.
Фотографија: picture-alliance/Arco Images
Ротенбург об дер Таубер
Ова сликовито гратче во Баварија во кое имате впечаток како да сте се вратиле во среден век, инаку има само десетина илјади жители. Но, секоја година доаѓаат во посета 1,9 милиони туристи. Поголемиот дел од нив се од Америка и Азија, но овие денови нив практично ги нема. Тоа сепак не значи дека гратчето е празно, во него сега уживаат домашните германски туристи.