Германската СПД се' уште во земјотрес
9 февруари 2004Реклама
Германскиот канцелар Герхард Шредер ќе поднесе владина изјава околу реализацијата и продолжувањето на реформскиот курс во текот на март - соопшти денеска во Берлин заменик-портпаролот на владата Томас Штег. При тоа Шредер ќе појасни како ќе биде продолжен процесот и што конкретно претстои во оваа година, како и со какво темпо ќе се спроведуваат реформите во периодот до 2.006-та. Ова е одговор на се' погласните барања од опозицијата Шредер да се изјасни околу ова клучно прашање, од кое зависи како опоравувањето на германското стопанство, така и стабилноста на социјалната држава. Јудит Хартл подготви пресек на актуелната горлива дебата во германската јавност на оваа тема по оставката на Герхард Шредер на челната функција во Социјалдемократската партија. Франц Минтеферинг, кому канцеларот Герхард Шредер му ја остави во наследство владеачката социјалдемократска партија, за Првата програма на германската ТВ изјави дека започнатиот реформски процес нема да биде напуштен, ниту пак успорен во ниту еден аспект. Конкуретната способноста на германското стопанство мора и натаму да биде засилена, нагласи Минтеферинг, кој на викендот ја доби и поддршката на Управниот одбор на СПД, како за кандидатурата за иден претседател на партијата, така и за продолжување на реформскиот курс. Со ова Минтеферинг решително ги отфрли обвинувањата, кои дојдоа од редовите на стопанствениците, дека под негово водство СПД ќе отстапи од зацртаниот курс на болни социјални реформи. На Минтеферинг меѓутоа се' уште не му појде од рака да ја запре дебата во партиските редови околу продолжувањето на реформите. Така, шефот на влијателниот покраински огранок на СПД за Северна Рајна Вестфалија, Харалд Шартау, побара промени во договорените реформи во полза на социјално послабите слоеви. Пратеникот на СПД во Бундестагот, Ханс Петер Бартелс, побара дури и преструктуирање на владиниот кабинет, нагласувајќи дека неопходноста од тоа ја гледаат сите, вклучувајќи го тука и канцеларот лично. Министерот за екологија од редовите на помалиот коалиционен партнер Зелените, Јирген Тритин, изјави дека не гледа потреба од менување на владиниот состав, а неговиот сопартиец, вице-канцеларот и шеф на германската дипломатија Јошка Фишер не сакаше воопшто да се изјасни по ова прашање. Тоа е во исклучителна надлежност на канцеларот, нагласи Фишер, кој меѓутоа повика на продолжување на започнатите реформи: "Ако не се зафатиме со промените, тогаш ја загрозуваме социјалната држава и тоа во догледно време. Ова не е само некоја теорија поврзана со стареењето на населението во Германија, туку произлегува од стопанската ситуација. Иако е тешко тоа да им се објасни на избирачите, ние мораме да одиме понатаму и за тоа не гледам никаква алтернатива." Од редовите на опозицијата дојдоа критики на адреса на Шредер и неговото заминување од лидерската функција во партијата. "Ова е политички земјотрес и панично бегство на Шредер" - оцени водачот на опозиционата Христијанско демократска Унија, Ангела Меркел и се заложи за предвремени избори: "Што е можно поскорешни избори би биле добри за земјата. Но, клучот за тоа не го има в раце опозицијата, туку мнозинството во парламентот. Јасно е, меѓутоа, дека од оставката на Шредер дека тој не е повеќе во состојба да ја води својата партија. А јас се сомневам дека некој кој не може да ја води својата партија, може да води една земја" - нагласи Меркел.
Реклама