Германска колонија во Босна
22 октомври 2007
Има многу работа, но недостасува работна сила. Пред се е потребна помош во земјоделието. Католичкиот манастир кај Нова Топола има ниви и ливади. На нив растат многу лековити билки. Монахињата, сестра Ирма Брулерсбах, има 85 години и повеќе не може да работи на нива. Таа пред неколку години се врати во Нова Топола. Дел е од тамошната германска заедница. Во овој регион, Германци живеат од крајот на 19 век. Се доселиле уште во времето на хабсбуршката монархија, која ги испраќала таму бидејќи имало потреба од земјоделци. Дошле пред се оние кои не биле првородени, поради што не можеле да очекуваат дел од семејното наследство. Во Босна добиле земја под добри услови. Но, по победата на партизаните во 1944 година морале да ги напуштат поседите.
Ирма Брулерсбах е родена во Нова Топола. Од раскажувањата на постарите од селото и според нејзините сеќавања таа прикажува возбудлива и тажна приказна за малото село на Балканот. Тоа е приказна за една цела заедница која пред 60 години морала да остави се што има и да си замине.
Германските доселеници, на почетокот живееле во посиромашни услови. Потоа провизорните куќички прераснале во вистински цврсти градби. Босна станала нивната нова татковина. Лебот го заработувале работејќи по нивите. “Кога ќе ги видевте овие луѓе во недела, немаше да помислите дека се селани. Доаѓаа облечени како градски луѓе. Останатите денови беа земјоделци”, раскажува сестра Ирма. Таа имала уште седум сестри. Но, само стариот гроб од дедо и‘ е единственото нешто во Нова Топола што ја потсетува на нејзиното семејство. Таму има и други надгробни плочи со германски имиња. Со време буквите избледеле, а многу од гробовите се обраснати со трева. Ирма вели: “Германските гробишта овде се запустени. Има се помалку луѓе и не може да се очекува дека некој ќе се грижи за гробовите кои датираат од пред педесет или шеесет години”.
Бегството на колонијата
И денеска јасно се сеќава како луѓето во 1944 година набрзина морале да ги напуштат куќите. Вујко и‘ на Ирма одел од врата до врата, тропал и им кажувал: сите мора да бегаат, кој ќе остане ќе биде убиен. 3000 луѓе тогаш се вратиле во својата татковина. Тоа беше и крај за германската колонија во Нова Топола. Сестра Ирма на почетокот не избегала со нејзините родители. Останала во манастирот со другите сестри. Се сеќава дека постојано гледала во семејната куќа оддалечена само на два километри од манастирот.
“Тоа значеше, повеќе немаш татковина, куќата ти гори. Но, не гореа само куќи, туку и амбарите полни со тукушто собраната жетва”.
Ирма Булерсбах потоа се сретнала со нејзините родители во хрватскиот град Окучани, на границата со Босна. Оттаму преку Романија пребегале во Австрија. А, од Австрија, низ целиот свет: во Германија, Северна Америка, Бразил и Австралија.
По војната Ирма, била калуѓерка во Германија, Италија, Австралија и други земји. Но, поголемиот дел го поминала во Загреб. На само 150 километри од Нова Топола. Кога првпат по војната се врати во родното место не можеше да ги задржи солзите. Сеќавањата ја надвладаа. Нивната куќа ја добил поранешен југословенски партизан како награда за учеството во војната. По неговата смрт никој не ја користел куќата. Градбата настрадала во земјотресот во 1969.
Уште едно бегство и враќање
На почетокот на 90-те на тие простори започна нова војна. Војната меѓу Босанците и Хрватите. Повторно монахињините од манастирот мораа да ја напуштат Нова Топола. Католички калуѓерки во манастирот се враќаат во 2002. Пред војната беа 40. Сега се само шест. Сестра Ирма е една од нив. Тие постојано се залагаа да пронајдат донации со кои ќе се реновира манастирот. Работата е во тек: Досегашните донации се добро искористени. Но, сестра Мелита стравува дека ако нема донации, тоа ќе значи крај за манастирот и нивната заедница: “Од се‘ срце им се заблагодаруваме на сите кои придонесоа денеска да може да го изградиме ова наше гнездо. Работиме и на обнова на старото крило на манастирот. За тоа благодарност до повеќе организации и до хрватската влада. Се молиме за волонтери кои ќе дојдат да ни помогнат да ја завршиме работата. Нашите срца се отворени и ние се често се молиме донации”, порачува сестра Мелита.
Овие нејзини молитви не се бесполезни. Често овде доаѓаат луѓе кои сакаат да помогнат. Група доброволци од една хуманитарна католичка организација од , Германија го расчистуваат теренот покрај историскиот манастир.
“Првиот ден го расчистивме патот, односно ги тргнавме камењата, ја искосивме тревата, бидејќи тука треба да се изгради куќа, а насекаде има смет и пепел. Тоа се го расчистивме”, објаснува Лиза од Лајпциг. Сега таа собира лековити тревки и работи во земјоделието. Ова и треба за економски да опстане, но со нејзините чаеви сака да им помогне и на болните да оздрават. Без разлика од која религија се.