1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот извоз и лутината на Трамп

Хенрик Беме
10 февруари 2017

Новиот рекорд кој го забележа германскиот извоз, сигурно ќе биде уште еден аргумент на протекционистот Доналд Трамп. Притоа, силната германска економија им користи и на САД, смета Хенрик Беме.

Container der Reederei "Hamburg Süd"
Фотографија: picture alliance/A. Heimken

Информацијата од Германија сигурно повторно многу ќе го разлути новиот станар на Белата куќа во Вашингтон. Можеби својата лутина тој ќе му ја соопшти на светот преку Твитер. Еве предлог на текстот на тој твит: „Нов пример како овие Германциве ја уништуваат нашата економија и работните места. Го преплавуваат нашиот пазар со свои производи.“

Но, полека, полека. Таков поедноставен поглед на компликуваниот свет на трговската испреплетеност, никому не помага. Точно е: Германија е важен извозник, трет по големина во светот. На прво место се Кинезите, а на второ, точно, погодивте - САД! Зошто тоа во Германија никого не го возбудува? Зашто за трговија секогаш се потребни двајца. Едниот сака да продаде нешто што му е потребно на другиот. Во Германија се признава и се прифаќа дека САД се најмоќна економска нација во светот.САД, а не Кина. Земјата со 320 милиони жители има 18 билиони долари бруто домашен производ. That's great, Mr. President!

Логиката на бизнисот

Одлуката, американското трудоинтензивно производство да се премести во странство, не беше германска. Пример: трагичната приказна за пропаѓањето на автоиндустријата во Детроит и околината е поврзана и со лошата политика на модели и квалитет, а не со тоа што германските автомобили со бродови се носат во Америка. А тоа што Mr. President на Петтата авенија во Њујорк гледа толку многу автомобили со знакот на Мерцедес, а во Германија речиси нема Шевролет, можеби има врска со одлуката на матичниот концерн Џенерал Моторс (од Детроит) од пред неколку години, таа марка веќе да не ја продава во Европа. На Стариот континент се продаваат само Опел и Воксхол. А Опел во Германија се вози на секој чекор. Значи, да повториме, секој Опел продаден во Европа, ја полни касата на Џенерал Моторс. Тоа одржува работни места во Детроит. Така е и со бројни други производи.

Хенрик Беме

Германците купуваат како луди

Критиката против германската извозна сила не е ни нова, ни точна, ни оригинална. Секако, Германија би можела да го намали својот огромен извозен суфицит, кога државата би инвестирала повеќе. Но, да претпоставиме дека германската влада ќе реши да ги обнови сите училишта во земјата - што би имале од тоа американските претпријатија? Често се слуша и предлогот за зголемување на платите, за Германците да можат повеќе да купуваат - и оние производи кои би морале да се увезуваат во Германија. Само, како прво, преговорите за висината на платата се работа на синдикатите и на работодавачите. И второ, со оглед на добрата вработеност, Германците секако купуваат како луди. Внатрешната потрошувачка е главниот двигател на економскиот раст во Германија.

Впрочем, лани не порасна само германскиот извоз, туку нов рекорд забележа и увозот. Германија е трет најголем увозник во светот.

Слабо евро

Добро, тука е и „слабото“ евро, преку кое наводно Германците ги „експлоатираат“ САД и другите земји. Каква бесмислица! Прво, еврото не е германска, туку европска валута, средство за плаќање во 19 европски земји. Одлуките ги носи Европската централна банка, на чие чело е Италијанецот Марио Драги. Со својата политика на нултни каматни стапки и гигантската програма за откуп на државни обврзници, тој предизвикува еврото да биде слабо. Најголем критичар на курсот на Драги е - германскиот претставник во Советот на ЕЦБ, шефот на Бундесбанката, Јенс Вајдман.

Можеби би требало да се признае дека германските претпријатива всушност само ги извршуваат своите домашни задачи. Дека главно средните по големина претпријатија од областа на машиноградбата точно знаат што сакаат нивните купувачи. Дека не ги отпуштија своите квалификувани работници во времето на кризата. Дека германските производители на автомобили и во САД обезбедуваат илјадници работни места. Можеби би се исплатело ако Mr. President едноставно малку подобро ја согледа стварноста - дури и во време на алтернативни факти. 

 

Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми