Германскиот парламент ја одобри помошта за Грција
30 ноември 2012Од 620 пратеници во парламентот, 473 му дадоа поддршка на планот, кој вклучува и директна помош за Грција во рамките на целата транша во износ од речиси 44 милијарди евра.
Бранејќи го планот пред парламентарците, министерот за финансии Волфганг Шојбле рече дека евентуалниот банкрот на Грција ќе биде тежок удар за Европа и за светската економија.
„Ниту една друга земја не профитира толку како дел од ЕУ како Германија. Грчкиот банкрот ќе доведе до распад на еврозоната“, предупреди Шојбле. Исходот од гласањето во Бундестагот беше на линија на претходната согласност на двете најголеми политички партии, конзервативците на Меркел и опозициските социјалдемократи, да го поддржат планот.
Сто пратеници гласаа против планот, а 11 се воздржаа, давајќи му на тој начин ехо на растечкиот скептицизам во Германија во однос на помошта за Грција.
Планот за спас на Грција, кој беше повторно ревидиран минатата недела во Брисел, во следната година ќе ја чини Германија околу 730 милиони евра.
И покрај поддршката, опозицијата ја критикуваше владата поради односот кон грчката криза. Високиот функционер на СПД, Франк Валтер Штајнмајер оцени дека германската влада повторно „купила време“ со новиот план, но тоа не е долгорочно решение за грчката криза.
Штајнмајер ја критикуваше Владата на Меркел поради тоа што долго време ги криеше вистинските димензии на грчката криза.
Парламентите во уште две земји-членки на еврозоната, на Естонија и Холандија, исто така треба да го одобрат новиот план.