1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот претседател ги опоменува Европа и Германија

Кристоф Штрак / превод: ЕМФ27 февруари 2016

Германскиот претседател Гаук изразува разбирање за стратегиите на ограничување на бројот на бегалци во Европа, но од неговите зборови произлегува страв од распаѓање на ЕУ, оценува Кристоф Штрак.

Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

Шефовите на влади во Европа и министрите за внатрешни работи, како и нивните експерти за решавање на бегалската криза, се караат, делуваат едни против други, се среќаваат на самити и повторно ги одлагаат. „Одамна веќе не се работи само за решение на бегалската криза“, вели германскиот сојузен претседател Јоахим Гаук. И има право.

Но, тој сепак бара разбирање за оние држави кои се за затворање на границите и изолација. Мора да биде замисливо европските и регионалните „решенија да се надополнуваат“, вели тој. Тој зборува за стратегии на „ограничување, односно изолација“, кои „би можеле да се надополнуваат“. Да се прифатат огради - тоа е тешко барање! Се чини како според Претседателот тоа да е цената која мора да се плати за да се врати поголемо заедништво во Европа. Зашто, Гаук потсетува и на тоа: само обедиенти и со обединети сили, со обединета политичка тежина, Европа ќе придонесе за запирање на причините за бегство.

Бегство во нова национална државност

Во текот на изминатите недели во Европа се отворија нови јазови. Германската канцеларка, која со месеци се залага за заеднички курс - за јакнење на европските надворешни граници, против стриктно ограничување на бројот на бегалци - загуби низа партнери во Унијата. Последна грбот ѝ го заврте токму Австрија, партнер на Меркел во драматичните моменти во септември 2015-та. Австрија со земјите од Западен Балкан тргна на нов пат. Европската душа, ако некогаш ја имаше, исчезнува. Причина за тоа не е само популизмот. Тоа е новата национална државност појавена од страв пред големото цело, пред големото цело во времиња на глобализација.

Кристоф ШтракФотографија: DW

Гаук во рамките на ЕУ дијагностицира многуслојни тензии, „не првпат, но силни како ретко досега“. Во моментов е преслаба искрената волја за заедништво. И, ЕУ има слаб резултат, нагласува Гаук. Од тоа може да се прочита губење на илузиите, може да се прочита дека Европа денес не е континентот кој по војната го кренаа Конрад Аденауер, Роберт Шуман или Алчиде де Гаспери. Нема визија за подобра иднина, туку трезвена и отрезнувачка реалполитика на непрегледната европска рута со крш.

Впечатливо е што германскиот претседател не ги предупредува во прва линија граѓаните да не ги следат „оние кои создаваат стравови и лоша атмосфера“. Не, вистинската адреса на која се упатени неговите зборови се владите. Така, тој својата опомена ја испраќа пред сѐ до оние кои носат политичка одговорност во Централна и Источна Европа, но и до германската политика. Можеби е горчлива опомена дека треба и натаму да се поврзуваат и оние кои градат огради и сакаат изолација.

Застрашувачка слабост на ЕУ

Јоахим Гаук годинава веќе се изјаснуваше за актуелната бегалска криза. Во јануари, на големиот Светски економски форум во Давос (каде „ограничување“ исто така постојано се појавуваше во неговиот говор), потоа во големо радио-интервју во февруари. Двата пати делуваше во насока на градење мостови, меѓу другото и за германската канцеларка. Сега тој опоменува - веројатно ја опоменува и Ангела Меркел - во бегалската криза да се земе повеќе предвид европското заедништво.

Гаук ги потсетува Европејците колку е драматична актуелната ситуација, колку се судбински овие моменти во европската историја. И добро е што е така. А сепак, неговата разумна опомена јасно ја потенцира и застрашувачката слабост на ЕУ. Зашто, еден континент со 500 милиони жители не излегува на крај со прием на два или три милиони бегалци - па, само Либан треба да пружи повеќе помош. Актуелниот судир - и тоа произлегува од говорот - прикажува европски континент во криза, во криза на смислата на постоење. Ова се судбински времиња за Европа, а со тоа и за Германија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми