1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

280111 Deutschland Afghanistan

28 јануари 2011

Германскиот парламент денеска го поддржа предлогот на владата и се согласи со уште едно продолжување на мандатот на армијата во Авганистан.

Фотографија: AP

Цели девет години по почетокот на мисијата во Авганистан германскиот парламент денеска се согласи со уште едно продолжување на мандатот во сегашниот облик. Новина во денеска донесениот акт е тоа што за првпат се спомнува и можен датум за повлекување на војниците од ИСАФ мисијата. Тоа треба да почне до крајот на тековната година - секако доколку тоа го дозволуваат безбедносните услови во Авганистан. По повеќедневна расправа околу ставот, во завршниот текст стои дека „германската влада е уверена оти ќе може да го намали военото присуство од крајот на 2011 година. Таа ќе го искористи секој можен маневарски простор за да обезбеди што е можно поскорешно намалување на воените сили, доколку тоа го дозволува состојбата.“

Министерот за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг на денешната седница во парламентотФотографија: picture alliance / dpa

Поделена опозиција

На гласовите на владеачките партии ЦДУ, ЦСУ и Либералите, им се приклучија и поголемиот дел од опозоциските социјалдемократи, чиј претседател на партијата Зигмар Габриел во дебатата на пленарното заседание порача:„Денеска со големо мнозинство ќе гласаме за, затоа што ја сметаме за исправна промената на стратегијата во Авганистан и затоа што очекуваме таа да се покаже како успешна.“

На продолжувањето на мандатот најостро му се спротистави и овој пат парламентарната група на Партијата на левицата, чиј шеф на собраниската група Грегор Гизи побара комплетно повлекување на германските војници од Авганистан до септември. „Мојата партија беше против оваа војна од самиот почеток. Никој не може да се бори против тероризмот со најголемиот облик на тероризам - со војна!“

Шефот на собраниската група на Партијата на левицата, Грегор ГизиФотографија: dapd

Гизи уште оцени дека мисијата се покажала како неуспешна и дека по толку години ангажман сиромаштијата на авганистанското население е уште поголема, а угледот на талибанците поголем од пред почетокот на меѓународната операција. Затоа тој побара од другите пратеници на опозицијата да се повлечат од „воената коалиција“.

Недоволно јасен мандат

Шефот на парламентарната група на опозициските Зелени, Јирген Тритин го отфрли повикот на колегата по функција од Партијата на левицата, но во исто време го критикуваше мандатот што го предложи владата како недоволно јасен. Од него не произлегува до кога германските војници ќе мораат да останат во Авганистан во улога на помошници во обновата при што би биле изложени на сериозна опасност.

Андреас Шокенхоф од пратеничката група на владеачката партија на критиките возврати: „Никој не сака војниците да останат подолго од она што е најнужно неопходно. Одговорното предавањето на надлежноста на авганистанските сили има предност пред прецизно дефинирани планови за повлекување. Во никој случај не смее да се создаде безбедносен вакуум што ќе го загрози до тогаш постигнатото или пак животите на нашите војници или цивилни соработници кои ќе останат уште на теренот!“

Автор: Матијас Белингер/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми