Германските деца се богати, но несреќни
11 април 2013Според студијата на УНИЦЕФ, општата ситуација на младата генерација во Германија се подобрила во споредба со последнто истражување, а сепак, секој седми млад човек својата актуелна животна ситуација ја оценува како средна до негативна.
Во ниту една друга индустриска нација јазот меѓу надворешните услови за живеење и субјективното задоволство од животот не е толку длабок, како во Германија. Кога се оценуваат животните услови како релативна сиромаштија, здравствена состојба или образование, Германија, во споредба со другите индустриски земји, е на шеста позиција. При последното вакво истражување во 2010 година, Германија го зазеде осмото место, што значи условите се подобриле. Во пет сфери, како образование, здравје и сигурност, однесување и ризици, живеење и животна средина, како и материјален статус, земјата тогаш беше на осмо место, а сега е на шесто.
Учениците имаат подобри резултати на Пиза-тестовите и пушат помалку, а бројот на несакани бремености кај тинејџерите, кој и онака беше мал, уште повеќе се намалил. Што се однесува до релативната сиромаштија, Германија е на 11 место, или во горната средина на листата на индустриски земји.
Кај оценките што децата и младите во Германија меѓутоа морале сами да ја дадат за сопственото задоволство од животот, Германија паднала подлабоко од која било друга земја во која се вршело истражувањето, односно од 12. на дури 22. место, од вкупно 29 држави.
Ханс Бертрам, член на германскиот Комитет на УНИЦЕФ и професор на универзитетот Хумболт, вели дека ова е страшен резултат. „Со тоа германските девојчиња и момчиња даваат страшна оценка за своето опкружување, што мора да не‘ замисли“, вели Бертрам. „Едностраното концентрирање на резултати и формален успех води до тоа многу деца и млади да се чувствуваат изолирано. Нашето општество богато со ресурси очигледно протфрлува во тоа на девојчињата и момчињата да им даде надеж и перспектива за праведна поделба.“
„Мора да ги слушаме децата“
Според ставот на авторите на студијата, не е доволно да се гледаат само формалните резултати. Голем број млади се чувствуваат исклучено и не веруваат дека можат „активно да учествуваат во општеството“, оценува УНИЦЕФ.
„Студијата покажува дека политиката не може да се потпре само на претпоставено објективни податоци“, нагласува претседателот на УНИЦЕФ Германија, д-р Јирген Хераеус. „Мора подобро да ги слушаме децата и младите за да им отвориме повеќе можности за учество.“
Самохраните се често најсиромашните
Во заклучокот од студијата, УНИЦЕФ бара од германската влада повеќе да го потикнува здравјето на децата, да ги зајакнува нивните права и повеќе да се бори против сиромаштијата на децата. Политиката мора целно да ги поддржува економски најслабите семејства, а тоа во Германија се пред се‘ семејствата со самохран родител. Пред се‘, меѓутоа, како што нагласува УНИЦЕФ, политиката, медиумите и науката не смеат да „ги оценуваат децата исклучиво врз основа на нивната ефективност“.
Студијата на УНИЦЕФ е направена врз основа на истражувањето во 29 земји, во кои беа анкетирани 176.000 деца на возраст од 11 до 15 години. Во Германија беа опфатени 5.000 деца. Најдобри животни услови, според субјективната оценка, имаат децата во Холандија. На дното е Романија.