Германските стрипови го враќаат хуморот
7 ноември 2010Во неговата автобиографска графичка новела „Четири очи“, Саша Хомер се потсетува на дел од незаборавните моменти од неговото детство во германскиот регион Шварцвалд. Во нив се вклучени и пушењето со пријателите, состаноците со девојките и откривањето на ЕлЕсДи.
Тој успева да ги пренесе овие моменти во изненадувачки мал број на едноставни, црно-бели цртежи, потсетувајќи на стравовите, грижите и надежта на младиот човек кој расне во рурална средина. Сликите содржат многу малку текст, бидејќи тој верува оти описите не секогаш се неопходни за искажување на важните мисли. „Луѓето велат дека она што навистина вреди и добрата приказна, дека сликите не се важни“, вели Хомер. „Но во овој стил исто така се содржани пораки, не само во моите книги, туку и во книгите на многу мои идоли“.
Голем дел од новите стрипови и графички новели во Германија се занимаваат со многу сериозни теми, како и книгата на Хомер, објаснувајќи ги искуствата на адолесценцијата. Тој забележува дека, сепак, некои млади автори се обидуваат да избегаат од таквата тежина. „Младите пишувачи на стрипови кои се појавуваат на пазарот се многу поопуштени на тие теми. Тие ќе го вратат хуморот во стриповите“.
И Дирк Рем, портпаролот на Репродукт, издавачката куќа која стои зад книгите на Хомер, верува дека постојат добри причини новите автори да бидат далеку поопуштени во нивната работа. „Новите автори можат да бидат поопуштени затоа што не мораат повеќе да докажуваат дека стриповите се многу повеќе од цинизам и навреди... тоа веќе го стори претходната генерација“, вели Рем.
Хомер, слабичок, темнокос човек на 30-ина години, во стриповите гледа хибриден жанр. Почнал да ги чита како многу млад, истовремено цртајќи слики за нив. Подоцна студирал илустрации на Универзитетот во Хамбург. Неговата следна книга ќе се занимава со една сериозна тема. Тој ќе ги презентира кратките раскази на Бригите Кронауер, добитничката на најпрестижната германска литературна награда Георг Бихнер, во стрип форма.
Хомер вели дека е одушевен од текстовите на Кронауер, и најавува дека во неговите адаптации ќе се обиде да го внесе истото количество информации како и во нејзините текстови.
Автор: Дирк Шнајдер/ Борис Георгиевски
Редактор: Трајче Тосев