1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските фирми страдаат поради санкциите против Русија

Д. Хиршфелд / Е.М. Фиданоска8 јуни 2015

Санкциите на ЕУ против Русија ги отежнаа зделките со руските муштерии. Така е и за германските претпријатија кои продаваат индустриски постројки. Традиционално добрите деловни односи со Русите сега се разнишани.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Специјалните машини на фирмата „Кизелштајн“ од Хемниц можат да преработуваат жици од челик, бакар и многу други материјали. Претпријатието кое вработува 30 луѓе е лидер на светскиот пазар.

Раководителот Јенс Кизелштајн една четвртина од своите постројки продава во Русија. Поради санкциите сега мора да размисли два пати дали ќе прифати некој налог или не.

„Годишно произведуваме по 10 до 15 постројки, чија вредност е од 100.000 до еден милион евра. Ако поради санкциите не може да биде исполнет некој договор, тоа би го загрозило економски нашето претпријатие“, вели Кизелштајн.

Со оглед на тоа што секоја машина се конструира индивидуално, според желбата на муштеријата, големи се и обемот на работа и ризикот. Ако една готова машина, за која се добиени пари од предфинансирање, не може да биде испорачана, фирмата ги сноси трошоците. Да се добие информација дали една зделка е погодена од санкциите или не понекогаш трае и по два до три месеци.

Затоа, секаде каде што е тоа можно во зделките со Русија, шефот инсистира на кауција. Но тоа ни оддалеку не можат да си го дозволат сите муштерии. Токму сега пропаднала една сигурна нарачка.

„Склучивме договор, усно. Потоа подготвивме писмен договор и во тој период муштеријата ни соопшти дека неговите финансиски рамки толку се влошиле, што мора веднаш да го одложи договорот се‘ до моментот додека рамковните услови не бидат подобри“, раскажува Кизелштајн.

Вакви искуства имаат многу претприемачи. Традиционално многу муштерии во Русија имаат пред се‘ машинопроизводителите во регионот. Кристоф Нојберг од Индустриската и трговска комора вели дека во изминатата година е регистриран 200 милиони евра помал обрт со Русија, односно минус од 16%. Понекој руски муштерија во меѓувреме санкциите ги сфаќа и лично.

„Многу претприемачи овде во регионот ни велат дека се оди со главата во ѕид, дека нивните деловни партнери се во основа несигурни, реагираат со неразбирање. Поради губењето доверба, тие се преориентираат комплетно.“

И Јенс Кизелштајн доживеал долгогодишни руски деловни партнери одеднаш да бараат понуди од Кина. Зашто таму нема несигурност, а често и цената е пониска. Кога еден муштерија ќе го заврти грбот, тешко се враќа назад. Затоа многу претпријатија од Хемниц мора да се преориентираат и, на пример, веќе ги пружаат рацете кон САД. 

Германските фирми страдаат поради санкциите против Русија

02:50

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми