Германски заем за македонски развој
14 октомври 2009Две третини од вкупниот заем се предвидени за енергетската сфера. Ќе бидат искористени за ревитализација на хидроцентрали и изградба на ветерни паркови.
Германија и натаму останува еден од главните политички и економски партнери на Македонија, рече министерот за финансии Зоран Ставрески и се заблагодари на подршката која ќе продолжи и во наредните години. „Реализацијата на заемот ќе се одвива неколку години, во зависност од подготвеноста на проектите од кои некои се во напредна фаза како што се проектите за ревитализација на хидроелектраните во износ од 27 милиони евра и за ветерни паркови“, изјави Ставревски.
Потврда за добрата соработка
За германската амбасадорка во Македонија Улрике Кноц потпишаните договори се исто така потврда за германско-македонската соработка и поддршката што Германија и‘ ја дава на Македонија на патото кон евроатлантските интеграции. „Се надеваме дека проектите кои се дел од Протоколот ќе помогнат за подобрување на животот и животните услови во Република Македонија“, изјави германската амбасадорка. Таа смета дека позитивната оценка во извештајот на ЕК ќе значи дополнителна мотивација за земјата. Рокот за враќање на овој заем изнесува 30 години со вклучени 10 години грејс период и два отсто годишна камата.
Германија е најголем донатор
Германија е најзначаен финансиски донатор на Македонија од осамостојувањето на земјата. Како неповратна финансиска помош или поволни кредити во земјата се слеале повеќе од 200 милиони евра. Најразработена е соработката во следниве области: водоснабдување, одведување и третирање на отпадните води, одржлив економски развој и енергетска ефикасност и обновлива енергија, обезбедување одржливо снабдување со вода за пиење.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Жана Ацеска