1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски печат: ДУИ добива на тежина во коалицијата

7 јуни 2011

Германските медиуми не им посветуваат големо внимание на изборите во Македонија. Германската новинска агенција ДПА објавува прилог на авторот Томас Бреј, под наслов „Албанците се клучен фактор во македонската влада“.

Фотографија: DW

Поднасловот на статијата во новинската агенција ДПА гласи: „Албанското малцинство во Македонија уште еднаш ја има клучната улога во новата влада. Тоа веројатно ќе бара поголеми права и ќе врши притисок сиромашната земја конечно да се придвижи кон НАТО и ЕУ.“ Во статијата понатаму читаме:

„Заменик-претседателот на ДУИ, Теута Арифи, навистина не сака да зборува за ’притисок’, но таа јасно става на знаење дека сиромашната Македонија конечно мора да напредува во насока на НАТО и ЕУ. Тоа поточно значи дека големиот партнер во владината коалиција, конзервативната партија на премиерот Никола Груевски, мора конечно да се придвижи. Владата мора да најде компромисно решение за спорот околу името со Грција, по толку години празни преговори.

Груевски досега одбиваше да направи отстапки и остануваше на максималистичкото барање за задржување на државното име на Македонија, без промени. Некои од критичарите на Груевски дури се сомневаат дека тој воопшто и не е заинтересиран за постигнување спогодба со Атина. Бидејќи, ако Македонија навистина тргне по патот кон ЕУ, тогаш во сиромашната балканска земја ќе мора да се спроведат длабоки реформи и правилата на играта ќе ги диктира Брисел, а не Груевски.

Поголем број од домашните набљудувачи сметаат дека ДУИ сега ќе има поголема тежина во владината коалиција и дека ќе постави и поголеми барања. Тоа се однесува пред се’ на поголеми права на албанското малцинство, кое сочинува нешто помалку од една третина од населението. Словенското мнозинско население, кое го застапува таборот на Груевски, се’ уште не ги реализирало спогодбите од Охридскиот договор, со кој беше прекинат воениот конфликт од 2001 година.

Станува збор за подобрување на положбата на албанскиот јазик во регионите, каде ова малцинство сочинува голем дел од населението. Во нив, покрај некои квартови на главниот град Скопје, спаѓаат пред се’ деловите на земјата на границата кон Албанија, како и оние кои граничат со Косово. На програмата стои и подобрувањето на статусот на универзитет на албански јазик во Тетово. Конечно, можно е од коалициониот партнер да се очекува премолчна согласност македонската полиција да не се меша премногу во нелегалната трговија што се одвива преку границите кон Албанија и кон Косово, а во која главниот збор го имаат Албанците.

Дека ДУИ има јасни политички цели произлегува од нејзината историја. Таа се роди од ’Националното ослободително движење’, кое во 2001 година водеше крвави борби со оружените сили на словенското мнозинско население. Али Ахмети беше тогаш главниот командант на албанските единици. Тој во тоа време беше веќе прекален борец, бидејќи претходно учествуваше во студентските протести на Косово. Водечката улога во студентското движење на Косово му овозможи дури да ужива политички азил во Швајцарија од 1986 до 2001 година“, читаме во статијата на германската новинска агенција, ДПА.

Весникот „Зидојче цајтунг“, пак, објавува статија со наслов „Успешни патриоти“ и поднаслов „Наспроти критиките за корумпираност, македонската влада победи на предвремените избори“. Во статијата читаме:

„Политичарите од Балканот, кои деновиве сонуваат за брз прием во ЕУ, мора да се големи оптимисти. Македонскиот премиер Никола Груевски е еден од нив. Тој и неговата конзервативна партија ВМРО-ДПМНЕ излегоа како најсилна политичка партија од изборите на викендот...

Македонија веќе шест години е кандидат за прием во ЕУ, но нема добиено термин за почеток на преговорите. За тоа има повеќе причини. Во ЕУ расте скепсата кон натамошното проширување. Соседна Грција бара Македонија да го смени името поради истоимената покраина на северот од Грција. И конечно, застојот во реформскиот процес ја блокира натамошната интеграција на балканската држава во ЕУ.

Наспроти тоа, социјалдемократската опозиција не успеа да го симне од власт популистот Груевски, кој владее од 2006. Нејзе и’ појде од рака само да го удвои бројот пратенички места во новиот состав на парламентот. До предвремените избори дојде откако власта изврши притисок врз една приватна ТВ станица и неколку списанија, затоа што ја напаѓаа наводно корумпираната влада на Груевски.

Во Македонија, слично како и во другите балкански земји, се етаблира систем, во кој моќниците на власт им прават услуги на нивните поддржувачи. Груевски, освен тоа, со години веќе игра на патриотската карта. Иако словенските Македонци немаат ништо заедничко со античките Македонци, владата се обидува со антички столбови да ја имитира антиката. Тоа ги влошува односите со Грција, а на проба се и односите на Македонија со Србија. Високи функционери од Белград имено, бараат поделба на Косово и со тоа повлекување нови граници на Балканот. Околу една четвртина од македонското население го сочинуваат Албанци, кои би можеле во тој случај да бараат отцепување и обединување со Косово“, пишува „Зидојче цајтунг“.

Извор: ДПА, „Зидојче цајтунг“

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми