1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев е жртва на неисполнетите ветувања на ЕУ

БГ
2 ноември 2021

Весниците на германски јазик ги анализираат причините за поразот и повлекувањето на Зоран Заев од политичките функции. Главниот виновник се лоцира во Брисел и во некои земји-членки на ЕУ.

EU I Ursula von der Leyen trifft Zoran Zaev
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

„Со право може да се каже дека во неделата оставка си поднесе човек кој стори се за својата земја Македонија да ја модернизира, демократизира и реформира“, пишува берлинскиот весник Тагесцајтунг (ТАЦ) во коментарот по повод оставката на Зоран Заев под наслов „Засега не успеа". 

„Социјалдемократот Зоран Заев е еден од ретките балкански политичари кој својата земја искрено ја водеше на курсот на интеграцијата во ЕУ. Но за тоа доби премала поддршка“, пишува ТАЦ и вината за тоа ја префрла на ЕУ. 

ТАЦ пишува дека Заев успеал да надмине големи пречки во изминатите години: „не само да ја урне корумпираната и популистичка влада на Никола Груевски, туку и да го реши спорот со Грција за името." 

Заев ќе се бори и натаму 
„Патот кон Европа се чинеше слободен. Северна Македонија под раководство на Заев ги исполни сите строги услови на ЕУ. Но, потоа на патот се испречи Бугарија и бараше од Северна Македонија ништо помалку од признание дека Македонците се Бугари. Со аргументи од 19 век, на Северна Македонија повторно и беше попречен патот во ЕУ. 

Тоа беше тежок удар. Тоа што притоа и Франција и други членки на ЕУ го попречија патот, беше дополнително разочарување. Заев не можеше да испорача, неговата популарност се распадна. Притоа, неговиот претходник Груевски се обиде, со значителни средства и со поддршка на Унгарија да влијае врз кампањата за локалните избори. Социјалдемократите ги загубија изборите, Заев се повлече. Но оној кој го познава, знае, дека ќе се бори и понатаму“, заклучува ТАЦ

Нова жртва на ЕУ  

Во сличен стил и швајцарскиот Нојер Цирхер Цајтунг наведува: „Исчезнувањето на европската перспектива на земјите од Западниот Балкан досега донесе многу жртви. Најновата е премиерот на Северна Македонија." 

Со оставката на Заев, пишува НЦЦ, Северна Македонија влегува во владина криза од која е тешко да се види излезот. 

„Заев беше моторот на одлучниот прозападен курс кој го следеше земјата во изминатите години." 

Најголемиот удар за владеењето на Заев, пишува НЦЦ, дојде токму од ЕУ кон чие приближување беше целосно посветен. 
„Додека влезот во НАТО во 2020 мина релативно брзо, во однос на ЕУ приближувањето запре. Најпрво Франција го блокираше почетокот на преговорите, потоа Бугарија. Софија ја признава Северна Македонија како држава, но ги смета народот, неговата историја и јазикот за бугарски и бара од Скопје тоа да го признае. 

Зоран Заев и Алексис Ципрас по потпишувањето на Преспанскиот договорФотографија: picture-alliance/AP Photo/Y. Karahalis

(...) Разочарувањето од новите пречки во европската интеграција, зад кои се крие и отфрлањето на натамошното проширување од некои ЕУ-членки, во Северна Македонија е огромно и се повеќе се насочи и кон Заев. 

Дури и многу негови поддржувачи велат дека промената на името не се исплатела. Националистичката опозиција и онака го отфрла договорот со Грција." 

Но, пишува натаму НЦЦ, проблемот на Заев не се само надворешно-политичките разочарувања, туку и нереализираните домашни ветувања.
„Неговата победа во 2017 не беше само раскин со отровниот национализам на претходната влада на Никола Груевски од ВМРО, туку и протест против широко распространетата корупција.  

Застанатите домашни реформи 
Во регионот кој засилено е раководен од автократи, земјата до денес позитивно се издвојува. Но сепак, брзо се појавија сомнежи дали владата може да излезе на крај со длабоките проблеми со владеењето на правото“, пишува НЦЦ и во тој контекст го споменува скандалот со поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева. Како натамошен показател за застојот во борбата против корупцијата се споменува и рангирањето на 111 место на Транспаренси интернешнл.

„На тоа треба да се додадат и недоволните политики за време на пандемијата. (...) Недостатоците на здравствениот систем дојдоа до израз на трагичен начин во септември, откако во пожар во ковид-центарот во Тетово загинаа 14 луѓе.
Иако огорченоста по катастрофата беше голема, Заев не ја прифати оставката на министерот за здравство Венко Филипче поради внатрепартиски политички игри“, пишува НЦЦ.

Весникот на крајот ја цитира Влора Речица од Институтот за демократија во Скопје која прогнозира дека без оглед кој ќе ја предводи владата во иднина, сигналите за натамошно спроведување на неопходните реформи се лоши.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми