Победата на социјалдемократскиот кандидат Стево Пендаровски ѝ е од помош на балканската земја на долгиот пат кон ЕУ, оценува денеска весникот „Хандеслблат“.
Реклама
Под наслов „Северна Македонија се приближува до Европа“, весникот „Ханделсблат“ денеска известува за резултатите од претседателските избори и оценува дека „политичкиот ризик за социјалдемократите на претседателските избори беше голем, зашто во случај на пораз на Пендаровски ќе имаше предвремени парламентарни избори со неизвесен исход“:
„Неговата победа е многу важна за земјата кандидат за ЕУ, зашто со тоа се зајакнува натамошно прозападната политика на малата балканска држава, иако претседателот има пред сѐ репрезентативна функција... Исходот од претседателските избори ќе има позитивно влијание и врз економијата на земјата со само два милиони жители... 'Подобрената политичка стабилност ќе ја зајакне довербата на инвеститорите и ќе даде поттик за робустен економски развој', уверена е Олга Пиндјук, експертка од Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Минатата година брутодомашниот производ порасна за 2,3%. Годинава и во наредната година економистите очекуваат економски пораст од над 3%, за кој ќе бидат заслужни извозот и приватната потрошувачка. Натамошниот развој ќе зависи особено од германската конјунктура. Германија е најважниот економски партнер на Северна Македонија.“
Весникот „Ноје цирхер цајтунг“ во насловот на текстот посветен на изборите во Северна Македонија констатира: „Избирачите во Северна Македонија го потврдија прозападниот курс на земјата“. Во текстот, меѓу другото, се вели:
„Претседателот во Северна Македонија располага со мала конкретна моќ. Па сепак, изборот на проевропски кандидат претставува важна потврда на реформскиот курс на премиерот Зоран Заев... По грчката согласност од февруари, приемот на Северна Македониј во западниот воен сојуз е само формалност и би требало да се заврши наредната година. Меѓутоа, ЕУ-перспективата, која е поважна за населението, со оглед на заморот на Унијата од проширување, е помалку конкретна. Според најголемиот број набљудувачи, дотолку поважен би бил гестот на Брисел на признание за внатрешнополитички контроверзниот компромис за името и почетокот на преговори со Скопје по европските избори.“
Македонските претседатели
Стево Пендаровски е избран за петти македонски претседател, односно прв по промената на името на државата во Република Северна Македонија. Кои се луѓето кои ја водеа земјата од осамостојувањето до денес?
Го сметаа за „историја што чекори“, личност која ги поврза двата столба на македонска државност - АСНОМ 1944 и 8-ми Септември 1991-ва. За изградбата на самостојна Македонија даде личен печат со спроведување на референдумот за независност, донесување на новиот Устав, битката за демократска преобразба на земјата и нејзина меѓународна афирмација. Во 1995. преживеа атентат кој до денес не е расветлен.
Фотографија: Dnevnik
Вториот претседател: Борис Трајковски (1956-2004)
Борис Трајковски беше претседател од 15.12.1999. до 26.02.2004, кога неговиот мандат заврши со трагична смрт во авионска несреќа. Иако многумина се обидоа да ја наметнат тезата дека станал „признат“ по несреќата, денес сите се согласни дека тој својот претседателски габарит го потврди во најтешката - 2001 година, кога ги вложи сите напори да ја акцентира потребата од мир, дијалог и заедништво.
Фотографија: AP
Третиот претседател: Бранко Црвенковски
Бранко Црвенковски е една од клучните политички фигури во првите две децении од независна Македонија. Бил двапати премиер и еднаш претседател на државата. За време на претседателскиот мандат на Црвенковски од 2004 до 2009 година, Македонија - во 2006. - стана земја кандидат за членство во ЕУ. Црвенковски стана пензионер со 47 години и има сопствена канцеларија во близина на седиштето на СДСМ.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Четвртиот претседател: Ѓорге Иванов
Ѓорге Иванов функцијата претседател на државата ја извршуваше во два мандата, од 2009 до 2019 година. Често беше предмет на остри критики. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.
Фотографија: MAKFAX
Петтиот претседател: Стево Пендаровски
Втората кандидатура за претседателската функција му донесе успех на Стево Пендаровски. Националниот координатор за подготовка на Македонија за НАТО во својата кариера бил советник на двајца македонски претседатели - Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. „Ќе обединувам, нема да делам. Ќе бидам фактор на стабилност, а не фактор на кризи“, вети Пендаровски во својот победнички говор по изборите.