Германски министер се самоуби поради корона-кризата
БГ/ ДПА
29 март 2020
Германија е во шок откако вчера беше пронајдено безживотното тело на министерот за финансии на покраината Хесен, Томас Шефер. Тој си го одзел животот поради пандемијата на Ковид-19.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Arnold
Реклама
Според информациите, полицијата се сомнева дека Шефер извршил самоубиство во очај поради проблемите со кои се соочувала владата во неговата покраина со кризата со коронавирусот.
Телото на 54 годишниот Шефер, кој беше член на демохристијанската партија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел, беше пронајдено во саботата во близината на железничката пруга југозападно од Франкфурт. Истрагата досега покажа дека си го одзел животот. Полицијата и обвинителството велат дека тоа е заклучокот според сите фактори, вклучително и испитувањето на сведоците.
Германската политика е длабоко потресена од смртта на Шефер кој се сметаше за наследник на долгогодишниот премиер на Хесен, Фолкер Буфие.
Досегашните индиции укажуваат дека Шефер бил многу вознемирен од кризата со коронавирусот и одговорот на неа, изјави денеска Буфие.
„Многу беше загрижен, пред се дали големи очекувања на јавноста ќе бидат исполнети, особено во однос на финансиската помош“, рече видно вознемирениот Буфие.
„Претпоставувам дека овие грижи претежнале врз него. Очигледно сметал дека нема друг излез. Бил очаен и не напушти. Тоа не потресе, мене многу ме потресе“.
Последните денови политичарот редовно се појавуваше пред јавноста за да информира за состојбата со пандемијата.
Упатства: Како да се заштитите од коронавирус
Луѓето ширум светот ставаат заштитни маски за дишење за да спречат вирусна инфекција. Сепак, други мерки се поефикасни. Еве неколку совети засновани на упатствата на СЗО.
Фотографија: Getty Images/X. Chu
Подобро од ништо
Не е докажано дека маските за лице можат ефикасно да ве заштитат од вирусни инфекции. Овие маски веројатно се во можност да фатат некои микроби пред да стигнат до устата или носот. Но уште поважно е тоа дека тие ги спречуваат луѓето да ги допираат устата или носот (што повеќето луѓе го прават инстинктивно). Ако веќе сте болни, таквите маски може да спречат да не заразувате други.
Фотографија: Getty Images/Stringer
Дезинфицирајте ги рацете
Во својот список на препораки како да се заштитите од зарази, Светската здравствена организација не споменува маски за лице. На врвот е често миењето на рацете. СЗО препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, како на фотографијата, кои најчесто ги гледаме во болниците
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick
И сапун и вода ќе завршат работа
Поедноставното секојдневно решение се водата и сапунот, ако ги имате при рака. Но, проверете дали темелно ги миете рацете...
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Кашлање и кивање - но направете го тоа правилно!
Еве што препорачуваат лекарите: Кога кашлате и кивате, покријте ја устата и носот со вашиот подигнат лакот. Или користете книжни марамчиња - но потоа веднаш фрлете го марамчето и измијте ги рацете. А кошулата или џемперот? Не, нив не мора да ги фрлите. Но, перете ги често или однесете ги на хемиско чистење.
Фотографија: Fotolia/Brenda Carson
Стојте подалеку!
Друга препорака која можеби не функционира за сите: Избегнувајте близок контакт со секој кој има треска и кашлица! Ако треба да имате контакт со болни луѓе, погрижете се да преземете дополнителни заштитни мерки.
Фотографија: picture alliance/empics
Имате треска? Одете на лекар, а не на патување!
Ако имате треска, кашлица и отежнато дишење, побарајте лекарска помош навреме. Избегнувајте јавни места за да не ги инфицирате другите. И, исто така, објаснете му на вашиот лекар каде претходно сте патувале.
Фотографија: Reuters/P. Mikheyev
Избегнувајте контакт!
При посета на сточни и зелени пазари во области во кои во моментот има случаи на новиот коронавирус, избегнувајте директен незаштитен контакт со живи животни. Тоа исто така вклучува какви било површини кои се во контакт со животни.
Фотографија: DW
Добро термички обработено - не сурово!
Варете,печете и пржете го месото темелно. Потребно е да се избегне конзумирање на сурови, недоволно термички обработени производи од животинско потекло. Со суровото месо, млекото или животинските органи треба да се постапува внимателно за да се избегне инфицирање од термички необработена храна. Овие се добри практики за безбедност на храната и помагаат да се спречи ширењето на болести.