1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одлуката на Бундестагот им олеснува на Франција и Холандија

БГ
9 октомври 2019

Двајца пратеници во германскиот Бундестаг, Кристијан Петри и Метин Хакверди денеска дојдоа во посета на Скопје со позитивно исчекување во пресрет на одлуката за почеток на преговори на С. Македонија со ЕУ.

Reichstagsgebäude in Berlin mit den Flaggen von der EU, Armenien und Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Kalker

Социјалдемократите Кристијан Петри и Метин Хакверди велат дека дошле во Скопје со добро претчувство дека земјата следната недела ќе го добие долго очекуваното зелено светло за старт на пристапните преговори со ЕУ. Оптимизмот е резултат и на нивните разговори со колегите од другите европски држави од кои заклучиле дека нештата се движат во позитивна насока.
Денеска во Скопје и утре во Тирана сакаат да ги почуствуваат атмосферата и расположението и притоа признаваат дека забележале зголемена нервоза кај македонските политички чинители во пресрет на одлуката.
Хакверди вели дека очекува одлуката на германскиот Бундестаг да им помогне и на останатите ЕУ-членки, во прв ред Холандија и Франција да го омекнат ставот и да поддржат позитивна одлука, како за Северна Македонија, така и за Албанија. Хакверди смета дека одложувањето на расправата во Бундестагот во јуни годинава било искористено од некои земји-членки на ЕУ да се задскријат зад тоа, и да го избегнат донесувањето одлука. Но сега состојбата е поинаква. 

„Затоа, одлуката на Бундестагот беше многу важна, затоа што испрати сигнал дека мора да се оди напред. Не може одново да се одложи одлуката, во секој случај не со истата аргументација, и затоа беше многу важна (одлуката на Бундестагот, н.з.). Дополнително беше важна затоа што покажа дека и конзервативците во Германија застанаа зад одлуката, а тоа им дава сигнал и на другите во Европа, им ја прави полесна одлуката да го поддржат почетокот на преговорите“, вели Хакверди за ДВ.
Комисијата за европски прашања на холандскиот парламент вчера одлучи дека треба да се даде зелено светло за С. Македонија, но не и за Албанија. Хакверди и Петри велат дека тоа сепак не е конечен став и убедени се дека раздвојувањето на двете земји не смее да се случи.
„За Албанија во Бундестагот усвоиме еден цел каталог од дополнителни нови барања. Ние (социјалдемократите, н.з.) тоа не го сакавме, но тоа го сторивме заради тоа што конзервативците го бараа. Но и тоа сега го отвора патот и за други да ја поддржат одлуката“, вели Хакверди.
„За Европа во актуелната ситуација ќе биде дополнителна криза доколку двете земји сега се одвојат“, убеден е Петри.
Неодлучна останува и Франција каде, за разлика од Холандија, конечната одлука е во рацете на еден човек- претседателот Емануел Макрон. За разлика од Хакверди кој вели дека од Франција секогаш го очекува истото: „дека заеднички ќе ги решаваме големите стратешки предизвици“, Петри смета дека е во прашање и политички пазар.
„Макрон е познат по тоа што развива сопствени позиции и кога ќе влезе во дискусија и ќе започне со еден негативен став, тоа не значи дека и на крајот ќе гласа негативно, но на патот дотаму тој сака да преговара, а во тие преговори тоа значи дека ќе сака да добие нешто за својата земја, или дека ќе сака да наметне некои дополнителни услови за С. Македонија или Албанија“, прогнозира Петри.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми