Германското единство - задача за следната генерација
Кај-Александер Шолц
3 октомври 2019
Дали германското обединување по речиси 30 години е довршено? Ни случајно, смета Кај-Александер Шолц, кој потсетува на тешкото наследство на блиското минато. Сега е ред на младите да дадат нови поттици.
Реклама
Поделбата на Германија се почувствува во многу семејства - браќа и сестри беа одделени, а многу деца имаа тетки и чичковци во другиот дел од земјата. Изградбата на Берлинскиот ѕид во 1961 година доведе до многу семејни драми. Многумина од оние кои тоа го доживеаја како возрасни луѓе, во меѓувреме се мртви или се многу стари. Исчезнаа сите оние за кои „единството“ секогаш беше лична желба. Поделбата за нив беше грешка која донесе страдање и која требаше да се надмине. Затоа и меѓу многу западни Германци постоеше голема подготвеност да им помогнат на роднините во економски многу послабата Источна Германија. Во ГДР им испраќаа илјадници пакети со кафе, јужно овошје, облека и убави чоколада.
Но, веќе за децата од оваа генерација поделбата на Германија за време на 1970-те и 1980-те беше нормална состојба. Бидејќи, тие растеа или во Западна, или во Источна Германија и според тоа - во целосно различни светови.
Дојде и голема невработеност
На Западот припадниците на движењето 1968-ма одеднаш почнаа на своите родители да им поставуваат прашања за нивната улога во националсоцијализмот. Поимите како што се „нација“ или „татковина“ одеднаш почнаа да важат за надминати и снобовски - интернационализмот стана популарен. Европска Унија нудеше пат од потиснатите прашања за национална вина. Роднините во Источна Германија во сивото секојдневие на својата диктатура живееја некаде далеку... А тогаш дојде револуцијата во 1989 година, падот на Ѕидот, и една година подоцна и повторното обединување на Германија. Но, кога помина еуфоријата, истокот на земјата загуби на значење. Ни денес 20 отсто од западните Германци не ја посетиле источна Германија!
По „пресвртот“, како што е исто така нарекувана револуцијата од 1989 година, од Запад протекоа стотици милијарди за обнова на сиромашниот исток. Но, пресвртот за многу источни Германци значеше пред сѐ невработеност - секој втор ја загуби работата. Западот кој се „урна“ врз нив, Западот кој некогаш во пакетите мирисаше толку убаво и личеше на рај, се покажа како сурово конкуретно општество. Идеалната слика брзо избледе. Оние кои не можеа, или не сакаа, да држат чекор, се повлекоа и почнаа разубавено да зборуваат за ГДР.
Спојувањето прерано наиде на пречка
И партиите загубија интерес за внатрешногерманско спојување. Навистина, гордо ги презентираа податоците според кои се напредуваше - што и беше точно. Но, никој не се осудуваше сериозно да започне дебата за времето на револуцијата и неговите губитници. На Запад многумина не сакаа да слушнат за тоа и ги викаа своите браќа и сестри во источна Германија „кукумјавки“, велејќи им дека конечно треба да престанат со своите негативни приказни. Притоа, источните Германци сакаа да зборуваат за тоа како се чувствувале кога речиси преку ноќ се разбудиле во друга држава со нови и за нив непознати правила и закони. На крајот, ГДР на 3 октомври 1990 година пристапи во Сојузна Република Германија - нивната држава значи, исчезна.
Двете генерации - и онаа која живееше за време на изградбата на Ѕидот и онаа која го славеше неговиот пад - многу преживеаја, многу страдаа. Има работи со кои ниту едните ниту другите сѐ уште се немаат соочено. А таквите работи не можат едноставно да исчезнат, туку се пренесуваат на следните генерации.
Десничарската партија „Алтернатива за Германија“ го воочи тој принцип и го искористи за себе. „Да се заврши политичкиот пресврт“- гласеше нејзиниот слоган на покраинските избори во Германија, во септември годинава. Тоа повикување на 1989 година очигледно беше успешно. АфД постигна рекорден успех на тие избори - и тоа токму меѓу младите.
Мора храбро да се продолжи натаму
Обединувањето и историјата на политичкиот пресврт сѐ уште не се завршени. Она за што родителите и нивните родители не сакаа или не можеа да говорат, ќе биде тема за нивните деца и внуци. Начинот на кој тие ќе се соочат со тоа наследство ќе биде решавачки за идниот соживот на источните и западните Германци. Мирната револуција и повторното обединување беа и останаа среќни моменти за Германците. Таа приказна мора да се раскажува и натаму - од една страна.
Од друга, пак, потребна е храброст и политичка волја да се говори за проблемите за време на пресвртот. Би било штета тоа поглавје од историјата да им се препушти на оние кои сакаат да го инструментализираат во политичката борба. Истокот и Западот никогаш веќе не смеат да дозволат некој да ги дели!
328 дена: од револуција до „Договорот 2+4“
Силата на улицата и ветувањето со крупни последици: долго за невозможно сметаното германско обединување се роди преку ноќ на 11. ноември 1989. година и по 328 дена доби свој успешен крај. Станиците на една револуција.
Фотографија: DHM, Peter M. Mombaur
„...веднаш, без одлагање...“
9. ноември 1989: Гинтер Грабовски само патемно за спомена слободата за патување на граѓаните од ГДР. Она што следеше е еден емоционална првична експлозија во историјата. Уште истата вечер кога беа изговирени историските зборови, илјадници источноберлинци јурнаа преку граничните премини. Во западниот дел беа пречекани со одушевување.
Спасител без поткрепа
13. ноември 1989: Ханс Модров, шеф на партијата СЕД за Дрезден, требаше да спаси што може да се спаси. Четири дена по падот на Берлинскиот ѕид, Народното собрание го избра за претседател на Министерскиот совет. Тој се најде на однапред загубена позиција, зашто пратениците и‘ откажаа безусловна послушност на дотогаш се‘моќната Партија на социјалистичкото единство на Германија.
Фотографија: ullstein bild/ADN-Bildarchiv
Кол ја презема иницијативата
28. ноември 1989: Планот на Кол од десет точки, претставен на 28. ноември во Бундестагот, одекна како бомба. Германците покажуваат „растечка ароганција“, протестираше францускиот министер за надворешни работи Ролан Дима. Фактички, никој претходно не бил консултиран. Документот беше роковник до државното единство.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Brakemeier
Старата гарда даде оставка
3. декември 1989: под притисок на „гласањето со нозе“, капитулираше Политбирото, како и Централниот комитет, поднесувајќи оставки, вклучувајќи го и Егон Кренц, кој со отстапки кон граѓанските движења сакаше да ја спаси Германската Демократска Република како држава.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Peter Kroh
Прашање на тонот и на речникот
19. декември 1989: Настапот на Хелмут Кол пред дрезденската Фрауенкирхе е емоционална кулминација. Канцеларот со изборот на зборови и тонот ги погоди чувствата на неколкуилјадните Источногерманци. Тој зборуваше за својата цел - обединување на нацијата во мир и слобода. Во странство говорот предизвика импресионираност, а масата беше одушевена.
Фотографија: imago/Sven Simon
Јуриш врз Централата на Штази
15. јануари 1990: мнозинството централи на Штази во општините веќе беа под контрола на граѓанските движења. Но, не и Централата во улицата Норманен во Берлин. Без сведоци, овде беа уништени доказите за махинациите на државните функционери. Кога демонстрантите ја „зазедоа“ зградата на Штази, многу акти веќе не постоеја.
Фотографија: picture alliance/AP Images/J. Finck
Слободни избори со изненадување
18. март 1990: Избори за Народно собрание во ГДР. Првенствено Хелмут Кол ги мобилизираше масите. Канцеларот собра еден милион луѓе на своите настапи на плоштадите. Но, кај истражувачите на јавното мислење СПД (наследничка на СЕД) важеше за фаворит. Но, следеше сензација: Коловата Граѓанска алијанса однесе јасна победа пред СПД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kroh
Доаѓање на германската марка
1. јули 1990: Обединувањето е одамна завршена работа и следи воведување пазарно стопанство и во Источна Германија. Во Бон на 18. мај е потпишан Државен договор за економска, монетарна и социјална унија. На 1. јули и граѓаните во ГДР ја добиваат западногерманската марка. Am 1. Juli ist es soweit: Die DDR-Bürger bekommen die D-Mark.
Фотографија: picture-alliance/ ZB
Горбачов го одобри обединувањето
15./16. јули 1990: Членството на единствена Германија во НАТО за московското раководство долго ја претставува највисоката од сите пречки на патот кон германскто обединување. Но, НАТО покажува нагласена дефанзивност. Москва е смирена. Кол во Кавказ ја доби согласноста од Горбачов за членство во НАТО на обединета Германија.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Големиот час во Народното собрание
23. август 1990: пратениците во Народното собрание на ГДР изгласаа приклучување кон Сојузна Република Германија. Грегор Гизи, шефот на ПДС, пожнеа само смеа за својот коментар дека парламентот го изгласа „залезот на Германската Демократска Република“.
Фотографија: ullstein bild/ADN-Bildarchiv
Последниот детал пред конечниот договор
12. септември 1990: на крајот, се‘ се врти околу парите. Владата во Бон му понуди на Советскиот Сојуз 12 милијарди марки како компензација за повлекувањето на Црвената армија од Источна Германија. Премалку, сметаше Горбачов. Кол прво остана цврст, но потоа додаде уште три милијарди кредит. Патот за потпишување на „Договорот два плус четири“ беше слободен.
Фотографија: Imago/S. Simon
Првиот ден на новата Германија
3. октомври 1990: Министрите за надворешни работи на победничките сили од Втората светска војна во Њујорк се откажаа од сите специјални права и тројцата градски команданти во Источен Берлин беа развластени. Народното собрание заседаваше последен пат, ГДР го напушти Варшавскиот пакт. Во 0 часот пред Рајхстагот се развеа германското знаме. Присутни беа приближно два милиона луѓе.