1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското стопанство бара ЕУ преговори со Скопје

БГ /РТР
16 октомври 2019

Претставници на германската економија денеска побараа почеток на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија. Во спротивно, стравуваат од популистички курс на Балканот.

Michael Harms Interview
Фотографија: DW/E. Nikolaeva

По политичарите и германските стопанственици излегоа со поддршка на процесот на проширување на ЕУ и повикуваат на почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Во германскиот бизнис сектор стравуваат дека новото одложување на одлуката ќе го наруши проевропскиот курс на државите од Западниот Балкан.

Првиот човек на источниот комитет на германското стопанство, Михаел Хармс во интервју за Ројтерс предупредува од тешки последици доколку одлуката повторно биде одложена.
„Колку подолго се одложува тоа, толку поразорачани ќе бидат граѓаните од ЕУ“, вели Хармс.

Министрите на ЕУ вчера, по третпат едноподруго, не успеаја да постигнат согласност за отворање на пристапните преговори со Скопје и Тирана. Одлуката за С. Македонија ја блокираше Франција која бара реформи на преговарачкиот процес и изразува незадоволство од досега спроведените реформи во земјата.

„Ние стравуваме и од популистички и други движења во овие земји“, додава Хармс. Доколку ЕУ не го исполни ветувањето за перспективата на овие земји, на владите во земјите од Западниот Балкан ќе им станува се потешко да го држат населението на еден јасен проевропски курс.
Конечната одлука за преговорите со двете земји ќе биде донесена на самитот на лидерите на ЕУ кој започнува утре (17.10.).

Германската канцеларка Ангела Меркел која, како и мнозинството членки на ЕУ, поддржува почеток на преговорите, на оваа тема денеска ќе разговара со францускиот претседател Емануел Макрон во Тулуз за време на меѓувладината конференција.

Хармс потенцира дека во случајот се работи само за почеток на преговорите, а членството ќе се случи дури откако двете земји ќе ги исполнат сите критериуми.

„Економски, овие земји се многу интересни за нас“, вели тој.

Германските фирми веќе многу инвестираа во Северна Македонија, а земјата се развива политички и економски, наведува Ројтерс.

„Тоа мора политички да се награди“, вели Хармс.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми