1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случај за терапија на парови

Фолкер Вагенер/ Зоран Јордановски17 март 2015

Забавата е голема, но и политичките штети исто така. Германците и Грците со месеци вербално меѓусебно се напаѓаат. Спорот има различни аспекти, но потсетува на генерациски конфликт.

Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Во Брисел, како што известуваат познавачите, се „само уште изнервирани“. Грчкиот финансиски менаџмент е несериозен, полн со „занаетски“ грешки, а комуникацијата е вистинска катастрофа. Што ќе биде ветено на конференциската маса, веќе на првото наредно интервју е отфрлано, критикува големото ЕУ-семејство. Обратно, колективна Грција се чувствува како да е од Европа ставена под старателство и посебно понижена од Германија. Вниманието особено го свртува министерот за финансии Јанис Варуфакис со своите нескромни критики за концептот на ЕУ за раздолжување на Грција. Тоа било „фискален вотербординг“ (форма на тортура со симулирано давење во вода, н.з.), а не план за спасување на Грција, се вели од Атина.

Војна со зборови и симболи

Односот меѓу Берлин и Атина дојде на најдолна точка. „То вима“, неделен весник од Атина со најдолга традиција, зборува за „битка за Берлин“, а Панос Каменос, министер за одбрана од деснопопулистичката партија Анел, му префрлува на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле дека спроведува психолошко водење војна, за да ги затруе односите меѓу двете земји. Вицеканцеларот и шеф на СПД Зигмар Габриел, исто така еден од оние кои „не го ставаат секогаш секој збор на вага“, го поддржа Шојбле (од ЦДУ), колегата од кабинетот. Сега е нему веќе му е доста од се’, вели тој за весникот „Билд“. Тој воопшто немал разбирање за „перманентните напади против германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле од страна на грчки владини претставници. А сега уште во игра наводно е и простачкиот среден прст (навредлив, вулгарен гест со покажување на средниот прст од раката, н.з.).

Тој од неделата навечер е во фокусот на германската телевизиска публика. На снимка се гледа Јанис Варуфакис на говор во Загреб во 2013 година. Тогаш поканет како професор по економија, тој реферираше за еврокризата и и’ препорача на својата земја да дозволи да и’ се констатира дека е банкрот, но истовремено да остане во еврозоната. „(...) Со тоа да и’ се покаже средниот прст на Германија и да и’ се каже: Вие можете сами да го решите проблемот“. На снимката на тоа место може да се види срамниот среден прст, за што Варуфакис вели дека е монтирано. Вистински или фалсификувано, се’ едно - и тоа натамошно ги разорува германско-грчките односи.

Монтажа или не? Средниот прст на Варуфакис ги бранува духовите во ГерманијаФотографија: YouTube

Рокерот Варуфакис наспроти државниот чиновник Шојбле

Главните противници во оваа какафонија се министри за финансии на двете земји. Нивните јавни конфронтации имаат многу нешта од конфликтот татко-син.

На една страна Гркот: младолик и спортски тип со лајф-стајл став, со марксистички сфаќања за политиката. Човек од академскиот свет и од теоријата. Неговиот главен против-играч на паркетот на ЕУ е речиси во секој поглед токму спротивното. Волфганг Шојбле, веќе петта деценија во Бундестагот, е човек од политичката практика со искуство од правење компромиси. Штедењето е државен резон на конзервативните, нему му е туѓо да најави некому финансиски добродетели. Додека Грција е пред банкрот, тој по повеќе децении во 2014 година претстави еден урамнотежем буџет на Германија. Варуфакис, со постојано раскопчана и над панталоните пуштена кошула и со моторциклот пред министерството, дејствува како некој некогашен член на поп-група. Шојбле, напротив, е класичен државен службеник со задолжителна протестантска етика (сфаќање за компатибилноста на етиката на протестантите со капиталистичкиот принцип за акумулација на капиталот и реинвестиција на добивките, н.з.). На ова се надоврзува и фактот дека на Германците еврото и неговата стабилност им се речиси светост, оти валутата на Европејците, погледнато од берлинска перспектива, е и политичка работа.

Тешки обвинувања на сметка на Шојбле: грчкиот министер за одбрана Панос КаменосФотографија: Sakis Mitrolidis/AFP/Getty Images

Долг и долгови - засметување на историјата и сегашноста

Политички скокотлив е и повторно распламтениот спор околу правната оправданост на грчките барања за репарации. Актите за економската страна од германската окупација на Грција придонесуваат за правен спор, но и психолошки за зла крз. Дебатата дека тоа прашање е завршена работа ја сметаат за засрамувачка не само многумина Грци, туку и германски историчари покажуваат разбирање за барањата за репарации 70 години по војната. Погрешен е прекорот дека Атина ја става на дневен ред оваа тема токму сега, среде борбата против банкрот на земјата. На германското министерство за надворешни работи уште во 1995 година му е соопштено дека Грција не се откажува од барањата за обесштетување и репарации.

Од изјавите на претседателот на Комисијата на ЕУ Доналд Туск може да се види колку ова вербална престрелка меѓу Берлин и Атина во меѓувреме и’ наштетува на ЕУ како целост. Полјакот зборува во „Зиддојче цајтунг“ за „едно идиотско сценарио“. Тој ги предупреди државите на ЕУ ненамерно да не ја исфрлат Грција од еврозоната. Во европската историја веќе имало премногу недоразбирања, инциденти и глупави телефонски разговори.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми