1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германско-израелското чудо

Александер Кудашеф/превод:БГ12 мај 2015

Беше речиси непоимливо, по Холокаустот, дека Германија и Израел некогаш ќе имаат „нормални“ односи. Па сепак, нормалност во ненормалноста постои, смета Александер Кудашеф

Фотографија: picture-alliance/dpa

Пред 50 години Израел и Сојузна Република Германија воспоставија дипломатски односи. Не беа минати ниту 20 години по крајот на Втората светска војна, ниту 20 години откако сојузниците ги победија „Третиот Рајх“ и Адолф Хитлер, ниту 20 години по Холокаустот во кој страдаа 6 милиони европски Евреи. Масовното, индустриско убивање во концентрационите логори, депортации, селекции, труењето со гас, претепувањето до смрт. Беше тоа монструозен крах на цивилизацијата.

Иако веќе на почетокот на 50-те години на минатиот век меѓу Германија и Израел беше потпишан ткн. Договор за надокнада на воената отштета, и десет години подоцна беше незамисливо дека, и покрај тие монструозни злосторства, Германците и Евреите, Германците и Израелците, ќе сакаат да воспостават и да негуваат дипломатски односи. Во Израел против тоа беа одржани масовни протести. Човечки и политички тоа е разбирливо- повеќе од разбирливо.

Блискост и доверба и покрај Холокаустот

Денес, 50 години подоцна, мора да се говори за политичко чудо. 50 години подоцна, Германија и Израел се блиски, многу блиски. Илјадници млади Израелци доаѓаат во Германија, го посетуваат Берлин, се одмораат или се селат во земјата. Околу 200 илјади Израелци поседуваат уште еден пасош- германскиот. Германија, земјата на Холокаустот, во Израел, покрај САД, е втората најценета земја во светот.

Германија е европска земја на која Израел може најмногу да се потпре. Иако постојат несогласувања и кавги околу израелската политика на палестинските подрачја, иако има тензии кога израелскиот премиер Нетанјаху во кампања ќе се изјасни против палестинската држава, безбедноста на Израел сепак останува составен дел на германскиот државен резон- како што тоа германската канцеларка Ангела Меркел го изјави пред Кнесетот во 2008 година. Честопати се Германците единствените во ЕУ кои го поддржуваат Израел. Во секој случај е необично тоа што Германија, земјата одговорна за Холокаустот, е денес најблизок сојузник на Израел. Таков развој пред 50 години никој не можеше да замисли.

Александер Кудашев, главен уредник на ДВФотографија: DW

Нормалност во ненормалноста

Тоа е навистина неверојатна нормалност во односите меѓу двете држави. Но, тоа е истовремено и нормалност во ненормалноста. Историската траума и натаму ги оптоварува односите меѓу двете земји. Уништувањето на голем дел од европските Евреи од страна на „Третиот Рајх“ е составен дел од идентитет и взаемната перцепција меѓу двете земји. Во општественото и политичкото секојдневие има и зачудувачки појави: Израелците ги ценат Германците, а Германците- Израелците многу помалку. Првенствено поради блискоисточниот конфликт. Изненадувачки многу Германци негуваат симпатии кон Палестинците кои ги доживуваат како жртви на Израелците. Затоа во таква ситуација, односите меѓу двете земји стануваат комплицирани.

Сепак, додека Евреите ја напуштаат Франција, на пример, затоа што таму не се чувствуваат безбедно, нема бран иселување на Евреите од Германија во правец на Израел. Напротив, се воочува дека Евреите се доселуваат во Германија. Бројот на еврејските општини во последните 20 години се удвои. Тоа е второто чудо. Евреите повторно живеат во Германија. За жал, а тоа е реалност во Германија, но и во цела Европа, полицијата мора да ги штити нивните градинки и синагоги, често се случува и да се уништуваат еврејските гробја. Тоа е грдото лице на се уште присутната омраза кон Евреите. Но, односите меѓу Германија и Израел, меѓу Германците и Израелците се, 70 години по повеќемилионскиот масакр на Евреите, чудесно добри. На тоа можеме да бидеме само благодарни.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми