Германско оружје за Ирак
20 август 2014По долго двоумење, германската влада објави подготвеност за воена помош на курдските борци во Ирак. Со оглед на варварските методи со кои се служат екстремистите од Исламска држава (ИД) во Ирак, германската влада е најсериозно загрижена, изјави министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен во Берлин по седницата на владата.
Растечката закана за регионот е егзистенцијална, дополни и германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, според кого, тој факт не смее да ја остави рамнодушна ни Германија, а ни цела Европа. Ако меѓународната заедница не преземе нешто, на целиот Блиски Исток му се заканува општ пожар. „Таква катастрофа непосредно ќе не‘ погоди и нас во Германија и Европа. Последиците ќе бидат катастрофални“, подвлече Штајнмајер.
Германија ќе постапува со исклучителна претпазливост при испораката на оружје во Ирак и најтесно ќе се координира со своите европски и меѓународни партнери, најави шефот на германската дипломатија. Одлуката за испорака на оружје од Германија во Ирак е донесена на денешната претпладневна седница на владата, на која учествуваа и канцеларката Ангела Меркел и министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен.
Во Ирак владее комплексна ситуација, истакна Фон Дер Лајен. Напредувањето и освојувањето територии од ИД мора да запре, а со оглед на бруталноста во настапите на џихадистите, „не смееме да губиме ни миг“, истакна министерката. Владата од овие причини е решена да ги поддржи оние кои можат да му застанат на пат на теророт. Во моментов се врши проверка што каде е потребно и што е можно. Таа би требало да трае околу една недела. Тежиштето на германскиот ангажман, меѓутоа, и натаму останува на хуманитарната помош. Министерката соопшти - за потребите на настраданите луѓе во Ирак веќе се испорачани околу 36 тони хуманитарна помош, а во текот на оваа недела на пат ќе се најдат следните 100 тони.