1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германско пиво за Индија

Марк Нојперт/ Жана Ацеска21 март 2013

Кристијан Клеменс од Бамберг од пред една година произведува пиво. И го извезува во Индија. Месечно тој испраќа во Индија околу 12 илјади шишиња со брод-контејнер. Оваа година тој сака да се сврти и кон кинескиот пазар.

Извозот во меѓувреме оди толку успешно, што 25-годишникот изнајми сопствено биро. Тоа не е комплетно опремено, но најважното е тука: интернет приклучокот. Тој секојдневно контактира со деловниот партнер во Њу Делхи, кој се грижи за продажба на баварското пиво.

„Засега сме активни само во северна Индија, главно во Делхи, а се шириме во правец на југ, сега ќе следат Мумбаи, Пуне и Бангалор, Худрабад. Тоа се следните чекори во наредните месеци - проширување низ цела Индија“, вели Клеменс.

Посебност е што пивото се произведува исклучиво во Германија. Тоа е важно за индискиот партнер, зашто ’меид ин Џермани’ е знак за квалитет и добро се продава.

„Идејата се роди пред двеипол години, кога еден семестар студирав во Индија. Таму забележав дека германското пиво е на многу добар глас. Кога ќе ве препознаат како Германец, веднаш им асоцирате на пиво. А, притоа на пазарот речиси немаше германско пиво, ниту етаблирана марка“, раскажува Клеменс.

Тој заедно со својот пивар развил рецептура и име: Санкт Ерхард. Ерхард се викал неговиот дедо. Освен тоа, името звучи германски и Индијците можат лесно да го изговараат.

„Освен тоа, свети Ерхард е баварски светец, кој бил во мисионерска мисија како баварски бискуп. А, слично како што тој тогаш шетал низ Баварија, ние сакаме сега да бидеме мисионери на индискиот пазар за пиво.“

На почетокот многумина беа скептични, на пример пиварот Георг Ритмајер: „Тој е луд, Како може човек да продава пиво во Индија? Тоа за мене е нешто сосем ново“.

И дали пивото ќе им се допадне на Индијците? Еден индиски студент, Рахул Агарвал, го проба пивото Санкт Ерхард: „Има силен вкус и е прифатлив за Индија. Верувам дека ова ќе биде голем успех.“

Тој имаше право. Според производителот, пивото Санкт Ерхард во Делхи се разви во лајфстајл производ. Кристијан Клеменс месечно испраќа во Индија околу 12 илјади шишиња со брод-контејнер. Оваа година тој сака да се сврти и кон кинескиот пазар. Со рекламниот слоган: „Произведено и флаширано во Баварија“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми