Германско-француското помирување темел за партнерство
22 септември 2012Со пригодна свеченост на историското место германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд денеска (22.09) го прославуваат германско-француското пријателство. Во Лудвигсбург, во покраината Баден Виртемберг, Меркел го пречека нејзиниот гостин во дворот на барокниот замок, каде пред 50 години тогашниот француски претседател Шарл де Гол пред млада публика го одржа историскиот говор за помирување. „Неговите зборови оставија белег врз една цела генерација“, го истакна Меркел значењето на Де Гол.
Историско помирување
Во дворот во замокот во Лудвигсбург пред 50 години претседателот Шарл де Гол се заложи за солидарност меѓу двата народа.
Неговиот познат говор пред младите на 9. септември 1962 година се смета за чекор во правец на помирување меѓу „непријателите“ по Втората светска војна. Илјадници млади луѓе тогаш го славеа Де Гол.
Настапот на Де Гoл во Лудвигсбург беше возвратна посета. Кратко пред тоа, во јули 1962 година, тогашниот германски канцелар Конрад Аденауер отпатува во Франција. Во катедралата во Римс тој и Де Гол на 8. јули 1962 година присуствуваа на „мисата на мирот“.
Неколку месеци по говорот на Де Гол во Лудвигсбург на 22. јануари во Париз беше потпишан Елисејскиот договор за германско-француска соработка.
Во децениите што следеа се интензивираа односите меѓу двете држави. Подлабоката соработка, која се преточи во вистинско пријателство, беше воспоставена кога на чело на Германија и Франција стоеја Хелмут Кол и Франсоа Митеран. Двајцата државници на бојното боле во Вердун си подадоа рака во спомен на жртвите. Тесна соработка постоеше и во времето на Валери Жискар Дестен и канцеларот Хелмут Шмит.
Историското помирување Германија и Франција ќе го прослават со повеќе пригодни манифестации до идното лето. Кулминација ќе биде манифестацијата што во Берлин треба да се одржи на 22. јануари 2013.